Мојот маж е фантастичен татко во кој имам доверба. Ништо не заборава кога ја пакува торбата за детето и кога би морала да отпатувам некаде за викенд, ниту најмалку не се сомневам дека тој би се снашол добро и без мене. Му пристапуваме на родителството како тим кој ги дели обврските на 50-50. Тоа е одлично. Повеќето од времето. Но, исто така, има и проблем кој сакам да го нарекувам „Мојот сопруг мисли дека го знае мојот живот“. Тој всушност мисли дека поделбата е 50-50. Мисли дека ја завршуваме истата работа, па затоа често се чувствувам потценето и како да ме зема здраво за готово. Бидејќи, верувајте ми, не ја завршуваме истата работа. Еве зошто мојот сопруг не го знае мојот живот:

1. Смета дека чистење значи изнесување на ѓубрето

Или понекогаш да го избрише лавабото во кое неколку минути претходно се бричел. Еднаш неделно му викам за да ја испразни машината за садови. Неговиот поим за „детално чистење“ вклучува користење хартиени крпи, а кога нешто ќе „исчисти“, тоа значи дека бара награда и голема парада околу направеното дело, како и благодарност. Јас го завршувам целосно чистењето цело време и никој тоа не го забележува, а камоли да ми се заблагодари.

2. Мисли дека купувањето млеко е шопинг

Единствена ситуација кога мојот сопруг оди во шопинг е кога му испраќам порака на мобилниот со многу краток список бидејќи така може да се надевам дека ќе успее да ги пронајде сите производи. Но, од четири секогаш заборава два.

3. Оди во кревет кога сака и спие цела ноќ

Кога нашето дете ќе се разбуди во текот на ноќта, мојот сопруг воопшто не го регистрира тоа. Јас се будам петпати во ноќта и останувам будна по најмалку половина час со барем едно расплакано дете. Наутро, на мојот сопруг не му паѓа на ум дека немале сите спокојна ноќ како тој.

4. Ужива во мрзливиот и долг појадок секое утро

Мојот сопруг секое утро си дозволува обилен појадок и веднаш по станувањето си прави голема шолја кафе. Штом ќе станам јас морам да го дојам детето. Па морам на второто да му направам појадок. Затоа времето на мојот појадок најчесто станува време на мојот ручек. Но, кој воопшто го забележува тоа?

5. Врши голема нужда без публика

Дури може и да чита нешто за време на извршувањето нужда. Јас за истата активност имам околу две минути на располагање и во тоа време се борам барем со едно дете. Списанието во веце не сум го зела в раце веќе три години.

6. Оди во кино

Кога мојот сопруг има „слободен ден“ и не мора тоа попладне да се грижи за децата, секогаш прави нешто за себе, на пример, оди во кино. Кога јас имам „слободно попладне“, одам да купам намирници, ја чистам куќата или се обидувам колку-толку да се доведам во ред, на пример, да се истуширам по три дена.

7. Се тушира секој ден

Без разлика на тоа што се случува во нашата куќа, дали децата се будни или спијат, болни се, гладни, валкани, без разлика дали ќе оди некаде, мојот сопруг успева да се истушира секој ден. Често и го гледам како е допрен до ѕидот во бањата, со затворени очи, како едноставно ужива во топол туш. Мене ставањето регенератор ми е еднакво на луксуз, а заборавив кога последен пат ги избричив нозете.

8. Има време за вежбање секој ден

Доволно реков!

9. Смета дека бањањето на децата е моја работа

Дури и ако го замолам да ги избања двете деца, тој смета дека го презел мојот дел од работата на својот кутар грб. Бидејќи, ете, ние сè делиме.

Поентата е дека не би се грижела за сето ова ако тој повремено рече: „Леле, не знам како постигнуваш сè“. Или: „Ти си супер жена“. Или можеби: „Никогаш не би можел да го направам сето она што ти го правиш“. Но, наместо тоа, тој мисли дека еднакво ги завршуваме обврските. Мисли дека го знае мојот живот. Но, не знае ништо.

Извор



912

X