На што помислувате кога некој ќе рече „среќна мајка“? Дали помислувате на себеси со насмевка на лицето – смеење со децата, играње со нив, уживање во заедничкото време?

Ние сме зафатените мајки, мајките што трчаат насекаде, мајките што помагаат со домашната задача, мајките што готват, ја чистат куќата, но и ние заслужуваме да бидеме среќни мајки.

Најдоброто нешто што можете да го направите за вашите деца е да направите тие да согледаат дека уживате во нивното друштво.

Размислете за односите во животот – кога сте со пријател, партнер, родителите, децата или кој било друг, ако тие изгледаат како да им е одвлечено вниманието и како да не се присутни, би сакале ли да бидете со нив? Нашите деца ги „читаат“ нашите емоции на истиот начин.

Има некои работи што среќните мајки ги прават секој ден, но исто така имаат и одреден „мајндсет“. Па, кои се навиките на среќните мајки?

Бараат начини за да бидат среќни (не се фокусираат на стресот и вината)

Водам бизнис од дома, имам 4 деца, учиме од дома и секој ден сме многу зафатени. Но, секој ден имам избор: можам да се фокусирам на тоа дека сум зафатена, да оставам да ме преплави и вознемири и да го претворам во стрес. Може да се жалам и да бидам негативна и песимист. Или, можам да гледам на секој ден како на подарок. Можам да сфатам дека не можам да постигнам баш сè и можам да уживам во она што го можам со моето семејство. Можам да се чувствувам благодарна и оптимист. Одлично е ако ја изберете втората опција, од тоа целото семејство ќе има придобивка. Забавувајте се – смејте се, пробувајте нови работи и уживајте во денот. Вашите деца ќе бидат среќни ако и вие сте среќни.

Поминување време 1 на 1 со децата за меѓусебно запознавање

Најсреќна сум кога сум со луѓето што ги сакам и ги познавам. Најдобро е да имате длабоки и добри разговори со вашите деца за да ги запознаете подобро на подлабоко ниво. Многу години од нашиот живот потрошив на разговори, поврзување, градење доверба и однос со децата, па како што тие растат, нашиот однос е вистинска награда за мене.

Се стремат кон баланс, а не кон совршенство

Понекогаш самите си вршиме голем притисок. Многу луѓе се грижат нивните деца да бидат најдобри во спорт или на училиште и постојано се под стрес поради тоа. Истото важи и за оброците – не мора да ја имате совршената вечера. Некои вечери е во ред да се нема план за јадење. Децата може да изберат што сакаат и слободно да уживате во заедничките оброци. Ако имате важен разговор или состанок и потребна ви е тишина, во ред е ако им дадете на децата таблети. Сè е во балансот. Исто така, ги обожавам моите деца, но сакам да поминувам време и со сопругот. Сакам да имам време и за себе. Затоа, одам на прошетка барем 4 дена во неделата (сама). Се јавувам на пријател или слушам аудиокнига. Добро е да се има и конзистентен распоред за спиење. Децата мора да имаат рутина до која ќе се придржуваат. Како што ќе растат, нека го продолжуваат времето за одење во кревет. За да се опуштите, добро е да се будите 30 минути пред другите, па да испиете кафе на мир или да си седите на балкон во тишина, да ги гледате утринските вести, да проверите електронска пошта итн.

Секој помага

Многу е важно секој член на семејството да помага во домашните обврски. Никој не може сè да постигне сам, па треба да ги учите децата на одговорности. Не сте тука само за да ги усреќувате, треба да ги научите што значи да се биде вреден, да ги прават правилните избори. Не плашете се да кажете дека нема да поминуваат време пред екраните додека не ги завршат обврските. Децата може да помагаат со валканите садови, со облеката за перење, да го фрлат ѓубрето и слично.

Излегување од дома (со децата)

Некогаш е забавно сè да ставите на пауза и да излезете малку. Одете до библиотека, на игралиште, седете надвор и читајте додека децата играат, играјте со топка заедно со нив, садете цвеќиња… Дајте им можност и на децата и себеси да поминете време надвор за релаксација. Одете да возите велосипед заедно, шетајте низ соседството или низ природа. Можете и заедно да вежбате – со тоа сите ќе имате подобро расположение и ќе го одржувате физичкото и менталното здравје.

Фокус на позитивното

Прашувајте ги децата во текот на вечерата што се случило дента – нешто позитивно. Или кажете им да ви го раскажат омилениот дел од денот. Охрабрувајте ги да бидат благодарни и очекувајте го тоа и од себеси. Мајките треба да се фокусираат на позитивните нешта, бидејќи еднакво важно е и децата и родителите да изразуваат благодарност. Можете секој ден да правите листа со три работи што ве насмеале.

Одржување на рутината

Кога се вознемирувам и го губам трпението, тоа е обично зашто не сум се подготвила добро. Но, кога имам рутина, работите се различни. Планот и рутината се клучот за успешниот ден. Децата знаат што да очекуваат од денот, па сè е полесно. Не морам да ги потсетувам за сè и сешто, туку самите веќе знаат и имаат навики кон кои се држат секој ден. Се знае – се станува, се мијат заби, се облекуваат, појадуваат. Многу е полесно да се има распоред, но во ред е и да се биде флексибилен тогаш кога има потреба од тоа.

Прегрнувањето е важно

Ако вашите деца не се чувствуваат добро, нема ништо поефикасно од прегратката на мајката за да ги расположи. Правете го тоа почесто. Прегратките го поттикнуваат лачењето на ендорфинот, па и вие и децата ќе бидете посреќни. Кажувајте им на децата дека се гордеете со нив. Поминувајте време со нив, слушајте ги и зборувајте. Печете колачиња, одете на прошетки.

Кажувајте „те сакам“

Правете го ова често. Секој има потреба да слушне дека е вреднуван и сакан. Секој ден потсетувајте ги децата дека ги сакате. Може да кажете: „Лелеее, дојди тука, имам нешто важно да ти кажам!“ Детето ќе ви рече: „Знам, мамо… ме сакаш“. Ќе речете „Како знаеше?“, а тие ќе ви одговорат „Бидејќи ми кажуваш секој ден“.

Мајчинството не е секогаш „виножито и пеперутки“. Има периоди кога сме исцрпени, вознемирени, извадени од такт. Но, тоа е во ред. Важно е само да запомните дека иако никој не ви го кажал тоа денес – вие правите разлика во животите на оние што ве сакаат. Заслужувате да бидете среќна мајка. Ценети сте. Важни сте.

Вашата насмевка ги осветлува собите и срцата на вашите деца.

Автор: Беки Менсфилд

Извор



912

X