Воспитување

9-годишно девојче од САД шие маски во текот на летниот распуст – донирало над 500

Повеќето основци се радуваа на последниот ден од училишната година бидејќи тоа за нив значи долги денови поминати во игра надвор со другарчињата. Но, 9-годишната Микаела Мунјан од Оукланд Тауншип, Мичиген, САД, седи дома и го поминува времето во шиење и донирање платнени маски за лице.

Минатата година Микаела била дел од училишниот шивачки клуб, каде што ги научила основите на шиењето (вклучително како да користи и машина за шиење). Таа сакала да вежба и дома, па правела торби, мали парчиња облека за нејзината мачка Минерва. Кога почнала пандемијата и нејзиното училиште било затворено, таа ги слушнала родителите како зборуваат дека ќе има потреба од маски за лице. Им рекла дека може да ги изработи на нејзината машина и почнала со работа. Тие ѝ помогнале да најде обрасци онлајн, па почнала да шие маски за целото семејство.

Набрзо сфатила дека направила повеќе маски отколку што му требаат на семејството. Решила да направи за секој на кој му е потребна, па нејзините родители почнале да објавуваат информации за нејзината активност на „Фејсбук“. Добиле толку многу барања, што направиле страница на оваа социјална мрежа која се вика „Компанијата за пријателско покривање на лице Чупакабра“ (прекар за мачката).

фото: Фејсбук

Родителите на Микаела го водат профилот на социјалните мрежи, а добиле стотици барања за маски во изминатите неколку месеци. Досега Микаела направила повеќе од 570 маски за медицински сестри, вработени во здравствени домови, персоналот во нејзината омилена пицерија и голем број семејства. Во моментов шие маски за граѓаните на Мичиген што живеат во Шведска и Тајланд, а се подготвува да сошие маски и за друга локална пицерија.

– Добро е чувството кога помагаш некому. Се надевам дека и другите ќе се охрабрат и ќе го сторат истото. Сите треба да си помогнеме меѓусебно за да го пребродиме ова – вели Микаела.

Нејзините родители, Кристен и Мет Мунјан, биле воодушевени од нејзината волја да им помага на другите.

– Ние сме неверојатно горди на нашето девојче. Како родител, се обидувате да воспитате и израснете добри луѓе, љубезни луѓе. Ние сме среќни што сме нејзини родители – изјавил Мет.

фото: Фејсбук

 

Автор: Емили ван Шмус

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top