За време на хаотичниот сообраќаен метеж во Амстердам деветгодишната Лото Крок вози низ доста раздвижена раскрсница.

-Гледај – вели таа. – Сообраќајот доаѓа од секаде. Четири трамваи од четири различни насоки. За дете на велосипед, ова е навистина збунувачки.

Лота е првиот младински градоначалник за велосипедизам и нејзиното поле на работа е холандскиот главен град, објави „Гардијан“. Нејзината мисија е да ги инспирира децата да возат велосипед и да привлече внимание кон пречките со кои се соочуваат децата-велосипедисти.

Сигурно ќе помислите дека овој предизвик е излишен во град познат како главниот град на велосипедизмот. Бројот на велосипеди во Амстердам се проценува на 881.000 – повеќе од 850.000 жители на градот. 63 проценти од населението возат велосипед на дневно ниво.

Но, децата што возат велосипед во Амстердам се соочуваат со предизвици.

– Трите најголеми проблеми за нас се автомобилите, туристите со велосипеди и скутерите. Автомобилите заземаат многу простор, туристите секогаш се нишаат од едната на другата страна и застануваат кога најмалку очекувате, а скутерите едноставно постојано ве претекнуваат – вели Лота.

Иако многу луѓе во Амстердам возат велосипеди, постарата градоначалничка за велосипедизам, Кателијне Боерма, верува дека сè уште постои свет што треба да се победи.

Лота станала младински градоначалник за велосипедизам во јуни минатата година кога победила на натпреварот на кој од учениците се барало да измислат планови за велосипедизмот да биде побезбеден и позабавен. Нејзината идеја била да се додадат детски велосипеди и тандеми на популарната програма управувана од „Недерландс Спорвеген“, државниот железнички оператор.

– Моите родители немаат автомобил, па кога одиме во друг град, секогаш патуваме со велосипед за воз. Но, бидејќи нема вакви велосипеди за деца, морам да се возам на велосипедот на татко ми заедно со него, што е опасно – вели Лота.

„Недерланс Спорвеген“ ја поздравила идејата и ѝ понудила да ја опреми железничката станица. Но, таа не била задоволна. -Им кажав дека не е доволно. Јас не сум младинска градоначалничка за велосипедизам за себе, туку за сите деца во Амстердам.

– Постојат 125.000 деца во овој град, така што размислував на кој начин да стигнам до нив. И сфатив – за охрабрување на децата да почнат да возат велосипеди, потребен е некој на кој ќе се угледуваат – додава таа.

Дали децата во Амстердам навистина треба да бидат охрабрени да возат велосипед? Боерма така мисли.

– Постојат луѓе од 200 различни култури што живеат тука, а некои од нив сметаат дека велосипедите не се безбеден транспорт. Затоа нивните деца одат на училиште со автобус, возат скутери откако ќе наполнат 16 години и кога ќе пораснат, одат на работа со автомобил. Постои свет што сѐ уште треба да се победи – вели Боерма.

Лота планира средба со градоначалникот на градот за да дискутира за идеите што ги имаат заедно со децата.

– Еден од нашите предлози е велосипедски парк каде што децата ќе можат да научат како да возат. Многу е подобро кога децата ќе можат да вежбаат во специјално направен парк. Друга идеја е да се создаде апликација што ќе ги научи туристите на правилата на возење велосипед, бидејќи повеќето од нив не знаат.

На прашање дали вози велосипед често, Лота вели дека тоа е нормална работа за неа.

-Одам на училиште пешки бидејќи е многу блиску, но многу патувам и со велосипед. Одам со велосипед на часови по глума. Но, сообраќајот во Амстердам е доста густ. Мора луѓето да ги остават своите автомобили и да одат со велосипед – вели таа.

Следејќи го успехот на шемата на Амстердам, градоначалниците на велосипедизмот насекаде низ светот сега планираат да назначат нивни колеги младинци. Лота смета дека е одлично што сѐ повеќе градови го следат примерот на Амстердам.



912

X