Тој не игра шах, ниту свири на некој инструмент, но обожава „Фортнајт“, „Мајнкрафт“ и гледа филмови на „Нетфликс“. Запознајте го деветгодишниот гениј Лоран Симонс.

Симонс е од Белгија и е на пат да се стекне со диплома на 9-годишна возраст, објави Си-ен-ен. Тој студира електротехника на Универзитетот за технологија во Ајндховен – тежок курс дури и за студентите со просечна студентска возраст.

Опишан од персоналот како „едноставно извонреден“, Лоран ќе го заврши факултетот во декември. Потоа планира да се запише на докторски студии по електротехника, но истовремено планира и да студира медицина.

Неговите родители, Лидија и Александар Симонс, велат дека мислеле дека баба му и дедо му на Лоран претеруваат кога им велат дека тој е надарен, но и неговите наставници се согласиле со тоа.

– Тие забележаа нешто многу посебно кај Лоран – вели Лидија.

На Лоран му биле дадени многу тестови бидејќи наставниците се обидувале да го утврдат обемот на неговите таленти.

– Ни рекоа дека тој е како сунѓер – рече Александар.

Фото: Instagram

Иако Лоран потекнува од семејство лекари, неговите родители досега не добиле објаснување зошто нивното дете е способно да учи толку брзо.

Но, Лидија има своја теорија.

– Јадев многу риба во текот на бременоста – се пошегува таа.

Универзитетот му овозможил на Лоран да го заврши курсот побрзо од другите студенти.

– Ова не е необично – изјави Сјоерд Хулшоф, директор за образование на факултетот.

– Посебните студенти што имаат добри причини да го сторат тоа можат да организираат усогласен распоред. На ист начин им помагаме на учениците кои учествуваат во врвен спорт. Лоран е најбрзиот студент што сме го имале тука. Не само што е суперинтелигентен туку е и многу симпатично момче – додаде тој.

Омилен предмет на Лоран е електротехника, а вели дека сака да студира и медицина. Неговиот напредок не помина незабележано и веќе го бараат престижните универзитети низ светот.

Иако Лорен очигледно е способен да учи побрзо од повеќето луѓе, неговите родители велат дека му дозволуваат да ужива.

– Не сакаме да биде премногу сериозен. Тој прави што сака. Потребно е да најдеме рамнотежа помеѓу тоа да биде дете и помеѓу неговите таленти – велат неговите родители.

Лоран вели дека ужива да си игра со неговото куче Семи и да игра на телефон, како многу млади луѓе. Но, за разлика од повеќето 9-годишни деца, тој веќе знае што сака да работи: да создава вештачки органи.

Во меѓувреме, Лоран треба да заврши факултет и да избере институција за следната фаза во неговото извонредно патување.



912

X