Понекогаш во бременоста се јавуваат неочекувани симптоми кои можат да предизвикаат паника кај идната мајка. Прочитајте што е безопасно, а што треба да биде аларм за да се јавите на лекар. Вашето тело поминува низ толку големи промени што е тешко да се оддели што е нормално и очекувано, а што треба да ве загрижи.

Крвавење

Повременото скудно вагинално крвавење не е невообичаено во текот на бременоста, но тој симптом никако не смее да се занемарува. Известете го вашиот гинеколог дури и за најмалото крвавење. Важно е да биде во тек со сите промени што ви се случуваат за да може соодветно да реагира во контекст на вашето здравје и здравјето на бебето.
Безопасното, краткотрајно крвавење може да настане по сексуален однос или по гинеколошки преглед, особено ако се користи сонда. Не треба да ве загрижува бидејќи главно укажува на природни промени во грлото на матката (цервиксот), односно на неговата чувствителност. Исто така, може да се јави и во период кога требало да почне редовниот менструален циклус.
Ако крвавењето продолжи, особено ако е придружено со болка во стомакот или станува сè пообилно – веднаш треба да се јавите кај гинеколог! Тоа може да биде знак за можно пометнување, вонматерична бременост или проблем со постелката (placenta praevia – ниско поставена постелка или abruptio placenta – предвремено одвојување на плацентата). И во двата случаи бремената жена треба што побрзо да биде под лекарски надзор.

Екстремно повраќање

Постојаното празнење на желудникот навистина тешко се поднесува. Иако кај многу идни мајки по првото тримесечје од бременоста овој проблем исчезнува, постојат и такви што во текот на целата бременост маки мачат со претераната чувствтителност на храна, мачнини, гадење и повраќање. Најлошо поминуваат оние чија „неспособност“ да задржат што било во желудникот, дури и течности, станува проблем кој може да биде ризичен.
Hyperemesis gravidarum е медицинскиот термин за прекумерното повраќање во текот на бременоста. Таа состојба доведува до дехидратација, премаленост, постојано губење на тежината и неухранетост. Во некои случаи потребна е кратка хоспитализација за да ѝ се помогне на бремената жена во закрепнувањето.

Грчеви во стомакот

Иако многу жени што вообичаено страдаат од болни менструални грчеви сметаат дека во текот на бременоста ќе се ослободат од нив, сепак, повеќето ги чувствуваат истите симптоми и во текот на бременоста. Гасовите во стомакот, надуеноста и опстипацијата – кои се чести тегоби во текот на бременоста – можат да доведат и до непријатни грчеви во стомакот. Исто така, по сексуален однос може да се појават грчеви кои личат на менструални и кои можат да потраат и неколку часа по односот. Многу идни мајки чувствуваат непријатност и болка во пределот на стомакот под матката, особено при физичка активност. Иако тоа може да го наруши вообичаениот начин на живот, сосема е безопасно (лигаментите се растегнуваат за да ја поддржат тежината на матката која се зголемува).

Време за породување

Кога ќе почнат првите контракции, ќе почувствувате притисок во карлицата кој го турка бебето надолу, кон излезот, бидејќи се спушта во родилниот канал. Веројатно нема потреба итно да заминете во болница – бидејќи итноста зависи од брзината со која напредува породувањето. Сепак, контактирајте го вашиот гинеколог за да знае дека почнало породувањето.

Ненадејното појавување на грчеви со силен интензитет, болка во долниот дел од стомакот на една страна (можен знак за вонматерична бременост), болка во стомакот која трае подолго или е проследена со повисока температура, мачнина, треска, повраќање или крвавење – може да биде знак за нешто сериозно, затоа задолжително треба да се јавите на лекар.

Засилен исцедок

Засилениот вагинален исцедок во бременоста може да биде многу непријатен, но не треба да се грижите (предизвикан е од хормоналните промени и зголемената циркулација во гениталиите). Меѓутоа, обратете се на гинеколог ако имате белузлав исцедок кој предизвикува чешање или печење, бидејќи укажува на габична инфекција.
Ако забележите тенок млаз на бистра течност што истекува од вагината (која константно се намалува) или ако дојде до посилно „истекување“ на плодовата вода (во млаз), веднаш јавете се на гинеколог бидејќи тоа е знак за почеток на породување.

Силни главоболки

Ако претходно не сте имале главоболки, а се појавиле во текот на бременоста, или ако станат почести и посилни, задолжително пријавете му го тоа на гинекологот. При крајот на бременоста силната главоболка што трае подолго, особено ако е придружена со заматување на видот, несвестица, болки во горниот дел од стомакот, потечено лице или дланки – може да укажува на прееклампсија, состојба која е опасна и за мајката и за плодот. Неопходна е лекарска помош!

Без лекови при главоболка!

Многу е важно да не земате лекови против болки – ниту оние што одат на рецепт ниту оние што можат да се набават и без рецепт. Само вашиот гинеколог може да ви ги одобри. Со оглед на тоа дека лековите кои „ефикасно“ можат да ја ублажат болката се „недостапни“ за вас, побарајте немедицински решенија. Туширање со малку постудена вода, студени облози на вратот, опуштање или масажа, можат да направат „чудо“. И, трудете се да избегнувате стресни ситуации колку што е можно повеќе.

Вртоглавица

Повремено може да биде предизвикана од промени во циркулацијата на крвта и варијациите во крвниот притисок. Обидете се да ја превенирате така што пред станувањето од кревет ќе лежите извесно време на левиот колк. Лежењето на грб доведува до притисок на зголемената матка врз големата стомачна вена, што може да доведе до намалување на крвниот притисок, а со тоа и до вртоглавица.
Важни се и редовната исхрана и пиењето вода (за да не ви падне нивото на шеќер во крвта и да не дехидрирате), како и да избегнувате долготрајно стоење, нагло станување и промени на положбата на телото. Ако и покрај таквите мерки чувствувате слабост, премаленост или вртоглавица, обратете се на гинеколог (можеби се работи за анемија). Опасно е ако вртоглавицата е проследена со силна главоболка, отежнат говор, губење свест, треска и брмчење во ушите.

Предвремени контракции

Важно е да се знае разликата меѓу „вистинските“ и „лажните“ контракции. Вистинските породилни контракции – по 37. недела од бременоста – се јавуваат во правилни интервали, со зголемена јачина и зачестеност (на пет до десет минути). Траат и до една минута, а не се намалуваат со промената на положбата, ниту со одмарање.
Подготвителните или Бракстон-Хиксовите контракции не се ритмични, туку се јавуваат повремено, со подолги интервали, не се засилуваат и траат пократко. Се намалуваат со промената на положбата и со одмарање. Но ако и натаму чувствувате силни болки во стомакот или карлицата, а особено ако ви се јави вагинално крвавење – веднаш одете кај гинеколог. Можеби се работи за предвремено породување.

Автор: Снежана Дамјановиќ-Митиќ

 



912

X