Дали сте престроги?

Последниве години сè повеќе жалиме за времето во кое авторитетите беа строги. Од друга страна, не сакаме некој да биде груб кон нашите деца. Така и треба да размислуваме. Строгоста е одлична, грубоста е забранета!

Еве и јасни разлики помеѓу овие 2 категории:


– Суровите родители не им дозволуваат на децата да грешат, строгите не дозволуваат сериозни грешки од ист вид да се повторуваат. Често забораваме дека на детето му требаат уште 30-ина години за да биде таму каде што сме ние денес, односно да биде организирано, одговорно, уредно… Забораваме дека и ние некогаш не сме знаеле каде ни е читанката, дека не сме ја ределе уредно облеката… Не е секоја грешка за реакција, особено не за строга.


– Суровите авторитети си даваат себеси право да ја проценуваат детската вредност, додека оние другите знаат дека вредноста на секој од нас е непроценлива.


– Мудриот строг родител казнува со одземање на телефонот, а суровиот со молчење, игнорирање, презир, исмејување…

Родителската љубов никогаш не смее да биде доведена во прашање, што и да направило детето.


– Суровите родители не ги почитуваат детските емоции, додека оние што се на мудар начин строги, ги разбираат и ги прифаќаат детските чувства, но не им попуштаат. На пример, ако детето се плаши да остане само дома, суровиот родител ќе го нарече страшливец и ќе го остави само толку време колку што мисли дека треба, додека мудриот нема да го осуди детскиот страв, дури и ќе рече дека и тој се плашел кога бил мал и ќе го остави само на многу кратко време.


– Строгиот родител му ја врачува на детето одговорноста за своите обврски, суровиот му ги префрла сопствените. Строгите родители знаат дека децата треба да работат, но, за жал, во последно време, сè почесто слушам дека, на пример, некое девојче редовно готви бидејќи мајката не е талентирана за готвење или има многу обврски околу својата кариера.


– Суровите родители ја оптоваруваат детската свест со чувство на вина, додека строгите, а мудри родители знаат дека вината е непотребна откако детето го променило однесувањето или искрено се извинило. Тогаш тие му даваат утеха и поддршка на детето.


– Строгите родители поставуваат високи очекувања во согласност со детските способности, а суровите во согласност со своите желби
.


– Суровите родители не ја разликуваат лошата намера од лошата постапка, додека мудро строгите родители одлично ја знаат. На пример, моето дете еднаш му го изми телефонот на татко му бидејќи претходно му падна во прашина, со желба да биде повторно убав и чист.

Автор: Билјана Грбовиќ

Извор



912

X