Трудниците се едноставно преслатки жени со малечки кружни стомачиња, модни труднички комбинации кои едноставно сјаат. А потоа… постојат и оние трудници кои се толку големи, што и непознати се загрижени за нивното здравје. Тип на жени што никогаш нема да ги видиме во реклами за трудничка облека.

Рита Темпелтон, мајка на 4 деца, била една од тие трудници. „Колку и да сакав да припаѓам на категоријата преслатки трудници, не ми беше судено бидејќи во 4 бремености, најмалиот број на килограми што ги добив беше 20 – и покрај тоа што играв зумба речиси до крајот на бременоста. Не знам дали е во прашање генетика, бавниот метаболизам или само лоша среќа, но бев голема како брод во секоја бременост“, вели оваа мајка. Опишува дека трудниците со голем стомак имаат неколку проблеми:

Оние што зјапаат

Кога твојот стомак изгледа како да носиш голем човек во себе – луѓето зјапаат. Некои го прават тоа суптилно, а некои зјапаат со отворена уста. Некогаш и покажуваат со прст. Знаете како се чувствуваме? Обидете се да одите во продавница со гумен комбинезон и перика од кловн.

Груби коментари

Се разбира, кога зјапањето не е доволно, секогаш се тука коментарите. Според моето искуство, се случуваат речиси на секое излегување во јавност и се делат на 3 категории – прифатливи коментари, но исцрпувачки (Дали го надмина терминот?, Уште колку до породувањето?). Потоа постојат оние што се претерани: „Леле, дали си сигурна дека носиш само едно бебе?“, „Леле, кутрата ти, ова изгледа болно“. Третата категорија е резервирана за неверојатна непристојност: „Огромна си!“, или „О Господе, колку си голема, па зарем е можно, јас не бев толку голема!“ Се разбира, покрај ова има и небарани совети и погодувања колку ќе биде големо бебето.

Проблеми со облеката

Трудничката облека е модерна кога изгледате како просечна трудница. Но, кога стомакот ви е со големина на соба за бебе слон, сè што ќе облечете изгледа како циркуски шатор. И не ни размислувајте за позајмување трудничка облека од пријателки бидејќи веројатно нема премногу да се усреќите.

Проблеми во гардеробата

Како купувањето облека да не е доволно стресно, па тука се и кабините за пресоблекување во повеќето продавници кои се исклучително мали. Знаете колку е тешко да пробувате облека кога едвај можете и да се свртите во соблекувалната? Да не споменувам колку се депримирачки огледалата во тие кабини, бидејќи од сите страни гледате колку сте големи.

Незгодни ситуации

Во бременоста телото драматично се менува за краток период. Затоа е лесно да се потцени својата големина, како на пример, кога се обидувате да излезете од автомобил на мало паркинг-место или морате да се преместите на поголема маса во ресторан бидејќи заглавувате на помала.

Грациозност – нула поени

Едноставно не постои начин да се движите грациозно кога предната страна ви е толку голема. Одиш како патка со хемородиди, но не можеш да си помогнеш. Уште потешко е ако си таква во текот на зимските месеци, кога снегот и мразот ти го отежнуваат и онака тешкото движење.

Проблеми со килограми

Најчесто големиот труднички стомак значи и добивање дополнителна тежина. Секогаш е забавно кога на прегледите кај гинекологот ви одржуваат предавања за килограмите, но не само тоа бидејќи ако си како мене, не си добила на тежина само напред, туку насекаде. Дури и носот ми стана поголем.

Мамутски маратон

Во последните недели од бременоста дури и жените со мало трудничко стомаче доаѓаат до точка кога се чувствуваат огромни. Но, за нас што веќе сме огромни, тоа чувство се појавува малку порано. Кога твојот стомак е како планина, немаш уште недели, туку месеци пред себе. Се мачиш со врзување чевли, лакирање нокти, депилирање. И можеш да ги искусиш сите „магии“ на бременоста што претходно ги опишував на само половина од бременоста.

Од поведрата страна, постојат и неколку предности во изгледот „ќе родам во секој момент“: луѓето секогаш ти нудат место за јадење или сакаат да ти помогнат со нешто, а можеш и да се извлечеш од многу работи, како казна за пребрзо возење… не дека јас знам нешто за тоа…

Извор



912

X