Забавувањето на децата бара голема креативност. Децата се брзи и во еден момент играат некоја игра, а во другиот се префрлаат на нешто друго – што значи дека постојано се во потрага по нови идеи и нивна реализација. Како родители, можеме да ги оставиме децата да си играат со што сакаат. Но, мора да се размисли и кои предмети во домаќинството може да бидат опасни за нив. Постојат неколку предмети што често им се на дофат на децата, но дефинитивно не се добра опција за играње.

1. Термометар

Зошто децата се привлечени од овој предмет: некои од нив сакаат да ги држат в раце предметите што биле користени на нив. Некои термометри трепкаат или имаат звучен ефект, па тоа е интересно за децата. Која е опасноста: сè што содржи батерии како копчиња не треба да му се дава на дете. Тие се исклучително опасни ако се проголтаат бидејќи може да го изгорат хранопроводот и душникот за кратко време. Повеќето термометри содржат такви батерии, па ако тие паднат, детето може да ги стави в уста. Што да се направи: земете им ги. Ова не е опција за играње. Размислете за медицински сетови-играчки, тие може да содржат термометар играчка наменета за деца.

2. Далечински управувач

Зошто децата се привлечени од овој предмет: децата го сакаат она што родителите или постарите браќа и сестри го користат. И сето она што предизвикува да се случи нешто (менување канали во овој случај). Зошто е опасност: повеќето од далечинските управувачи имаат литиумски батерии-копчиња и тие се небезбедни како и оние кај термометрите. Имаат и мали делови и копчиња кои може да паднат, па може детето да ги голтне. Што да се направи: земете им далечински управувач-играчка наменета за деца.

3. Вашите клучеви

Зошто децата се привлечени: клучевите се сјајни и прават интересна врева кога се придвижуваат. Родителите дополнително се вознемируваат кога им ги нема клучевите, а децата го сакаат тоа. Која е опасноста: клучевите се направени од месинг и мала количина на олово. Иако можеби тоа не е голема количина за да се повреди детето, сепак, труењето со овие метали влијае врз развојот на децата. Што да се направи: земете им клучеви играчки, безопасни за нив.

4. Шишиња со лекови

Зошто децата се привлечени: децата сакаат мали садови и љубопитни се да видат што има во нив, а особено ги радува звукот што го предизвикуваат апчињата додека тие го тресат шишенцето. Зошто се опасни: ризикот од несакано проголтување на лековите е висок. Иако повеќето се добро затворени, сепак, децата може да најдат начин да ги отворат. Што да се направи: инвестирајте во безбедни, еколошки садови, во различни бои. Има такви што предизвикуваат интересни звуци, па децата ќе уживаат.

5. Сламка

Зошто децата се привлечени: постарите деца сакаат да пијат течности со сламки. Тоа е добро за нивниот развој, за зајакнување на устата, образите и силата на јазикот. Која е опасноста: детето може да се заигра, па да скока и да трча додека има сламка во устата. Тоа може да предизвика да ја расече устата. Што да се направи: набљудувајте ги децата додека користат сламки и уверете се дека не играат активно додека ја чуваат сламката в уста. Учете ги дека треба да ги остават пред да почнат со игра.

6. Кремови

Зошто децата се привлечени: бебињата можеби не се веднаш насочени кон дофаќање на овие кремови, но додека ги гледаат родителите кои посегаат по нив за време на менувањето пелени, може да се заинтересираат. Често се случува детето да посегне по кремот, а вие да му го дадете за да можете убаво да му ја наместите чистата пелена. Која е опасноста: на оваа возраст речиси сите предмети прво ги ставаат в уста. Детето може да ја џвака амбалажата додека не ја отвори и потоа да дојде во допир со кремот, а содржината може да биде опасна. Може и да се задави со откорнатите парчиња. Што да се направи: дајте им безбедни играчки за да им го оттргнете вниманието додека им менувате пелени.

7. Парички

Зошто децата се привлечени: паричките се сјајни и имаат интересна текстура, па малите деца често се интересираат за нив. Постарите деца сакаат и да замислуваат дека се богати ако имаат парички. Која е опасноста: може да се задават со нив. Што да се направи: бидете сигурни дека паричките секогаш се ставени на место кое децата не можат да го дофатат. Купете касички и научете ги децата да ги собираат паричките без да се изложуваат на опасност.

8. Мали комплети од коцки

Зошто децата се привлечени: лего-коцки и слични такви предмети се меѓу омилените играчки на децата. На помалите им се интересни боите, а големината им е доволна за коцките да ги стават в уста. Иако се одлични за заедничка игра помеѓу малите и поголемите деца, ако имате малечки дечиња, подобро е да внимавате. Која е опасноста: може да предизвикаат давење, особено кај децата до една година. А некои знаат да ги ставаат и во увото или носот. Што да се направи: одвојте ги играчките според возраста. Земете садови во кои ќе ги пакувате коцките и уверете се дека секој сад ќе биде добро затворен. Секогаш охрабрувајте ги постарите деца да ги собираат коцките откако ќе завршат со играта. Најважна е безбедноста.

Автор: Д-р Нкеирука Орајиака

Извор



912

X