Тешко е да се препознае отровниот однос на родителите кон децата и многумина сфаќаат дека живееле во таква средина дури откако ќе пораснат, но има и такви што воопшто не се свесни. Постојат многу такви типови – од агресивни родители до оние што се отсутни со духот и како да не го гледаат, ниту го слушаат своето дете.

Д-р Сузан Форвард, експерт за родителство, идентификувала неколку видови психички наздрави односи на родителите кон децата и ги навела во својата книга „Отровни родители“.
Во неа се споменати и алкохоличари, хаотични родители, оние што ги притискаат децата зашто сакаат да ги следат нивните сништа наместо нив, но и злоупотребувачи, кои со своите ставови и коментари им ја убиваат самодовербата зашто постојано ги понижуваат, дури и пред луѓе, а тоа може да остави сериозни психички последици врз детето.

Овие 7 знаци покажуваат за растење покрај т.н. отровни родители:

1. Родителите не им се потпора
Ова е прилично распространет проблем кој остава последици врз детето за цел живот. Тука може да станува збор за родители-злоупотребувачи, психички или физички, но и сите други што не се сконцентрирани на своите деца, нивно квалитетно растење и создавање чувство на сигурност. Тука спаѓаат и родителите на разгалени деца, кои мислат дека се одлични родители затоа што на своите деца им попуштаат во сè. Ако детето може да прави што сака со родителот, тогаш не може да се потпре на него и со тек на време, поради недостиг на потпора во животот, станува несигурно. Тоа подоцна може да влијае врз нивните односи со другите луѓе и да придонесе за нездрав однос со партнерот, но и со своите деца. Таквите деца кога ќе пораснат, потсвесно веруваат дека е нормално другите да ги третираат како што ги третирале нивните родители, и често остануваат во такви нездрави односи, наместо да бегаат од нив.

 

2. Многу тешко прифаќаат одбивање и неуспех
Децата што имаат отровни родители често имаат застрашувачки реакции на сè што не е „ѕвезден“ успех. Тука повторно доаѓаат до израз несигурноста и недовербата во себе бидејќи родителите така ги третирале. Тој однос е приближно ваков – детето мора да биде најдобро во сè или не вреди ништо. На пр., ако во училиште ги нема сите петки, родителите го третираат како губитник. Значи, тука доаѓаат до израз комплексите на родителите.

3. Имаат екстремни реакции кои ги збунуваат
Тоа може да биде последица на отровното одгледување. Ако често полудуваат за работи што не се важни и немаат врска со ништо, тогаш тоа е показател дека во нивната глава сите коцкички не се наместени како што треба. На пр., некој одлучил да работи за непрофитна организација и така да го следи својот сон, но добива нервен слом ако некој спомене плата и пари. Тоа може да укажува дека неговите родители агресивно не одобрувале некои работи во детството, на пр. дека да се заработи малку е многу лоша работа. Растењето во таква средина може да вклучува и чувство на вина, иритација, страв од напуштање или нерационален гнев.

4. Своите емоционални потреби ги ставаат на последно место
Без разлика дали растело покрај вербално или физички насилен родител, тука се работи за манипулативен однос поради кој таквото дете ќе ги става сопствените емоционални потреби на последно место. И тоа е така поради стравот што ќе мислат другите. Таквите деца ги потиснуваат своите чувства зашто се плашат дека може да дојде до проблеми. Но, понекогаш кај нив се случува ерупција, па тогаш другите се чудат зашто тој бил мирен, добар и повлечен.

5. Не знаат кои се кога ќе пораснат
Многу деца што имаат отровни родители не можат да утврдат кои се всушност, какви се… Им недостига самодоверба. Тоа се случува затоа што долги години се плашеле да се изразат себеси и своите чувства, па ги потиснувале. Со други зборови, немале можност да обрнат внимание на сопствениот раст и развој, па израснале во несигурни и збунети луѓе.

6. Нивниот внатрешен глас е многу критичен
Тоа е клучно. Психологијата ја дефинира самопочитта како чувство за сопствена вредност, а децата на отровни родители често имаат сериозни проблеми на тоа поле. Многу од нив се робови на сопствениот внатрешен глас, односно нереално се критички кон себеси, како што им правеле родителите. На пр., постојано им велеле дека се глупави, безвредни, недостојни за што било, дека се тотален неуспех…
Луѓето што така пораснале, односно никогаш не биле доволно добри за своите родители, мора да имаат на ум дека нивните родители биле себични личности.

7. Се чувствувале одговорни за однесувањето на своите родители
Децата пораснати во таква средина често не признаваат дека нивните родители направиле нешто погрешно. Во нивната глава е толку длабоко всадено чувството на вина, што тешко можат да го тргнат настрана.
Како мали, можеби и ги правдале родителите кога немилосрдно ги тепале затоа што сметале дека тоа навистина го заслужиле.

Науката докажала дека децата на отровни родители развиваат оправдување за нивното однесување зашто им е тешко да прифатат дека нивните родители не ги сакаат како што би требало.
Многу од нив сѐ уште ги сакаат и не можат да сфатат дека проблемот бил во родителите, а не во нив.



912

X