Можеби вашето бебе било родено со малку коса. Можеби било родено без коса. Како и да е, некогаш во текот на првите години на децата им е потребно кратење на косата, дури и ако е само како потреба да се отстрани косата од нивните очи. Тоа е специфичен момент за сите нови родители.

Малечки деца, сепак, не се секогаш ентузијасти во врска со ова прашање.

– Тој период е дефинитивно еден од најтешките за кратење на косата – вели Хилари Трент, фризерка за деца од САД. Таа ги уредува фризурите на децата веќе пет години и има трикови кои ѝ помагаат во справувањето со малечките клиенти:

1. Понесете облека за преслекување

Вашето дете може да одбие да носи наметка, или може непрестајно да се движи, па да има остатоци од косата во облеката – тоа ќе предизвика да биде кенкаво во текот на целиот ден.

2. Без употреба на сила

Обидите да ги спречите движењата на вашето дете веројатно ќе доведат до уште поголем немир и движење.

3. Ако вашето дете користи цуцла, понесете ја

Со позната играчка рацете на детето ќе бидат зафатени додека му ја кратат косата. „Тие мали играчки и предмети што прават врева се исто така добар избор“, вели Трент.

4. Понесете грицки

И со ова рацете на вашето дете ќе бидат зафатени, но не носете нешто лепливо (како лижавче).

5. Понесете сад со течност за правење балони

Користете го за да правите балони додека вашето дете е на столчето за потстрижување. Сепак, претходно прашајте го фризерот дали тоа е во ред.

6. Правете паузи

Бидете подготвени за пауза, на половина од процесот, а некогаш дури и повеќе.

7. Поведете повеќе луѓе со вас

Забавен постар роднина може да биде човекот кој ќе го радува вашето дете или, пак, мајката може да прави смешни фаци или дедото да го забавува пеејќи песнички. „Помага да се има стилист кој веќе работел со деца и кој е брз. Обично завршувам за пет или десет минути, време кое најлесно го поднесуваат децата“, вели Трент. За децата што не можат да седат мирно ниту пет минути, Трент вели: „Кратам малку по малку. Поентата е да се биде трпелив“.

Треба ли да одите во специјализиран салон за деца?

Ваквите места може да бидат поскапи, но сепак имаат неколку предности. Прво, околината е соодветна за деца – детски столови кои изгледаат како авиони или автомобили, видеа на ТВ, играчки и сл. Второ, знаете дека стилистите можат да се справат со предизвикот. Од друга страна, во регуларните салони детето може да го гледа својот татко како ја средува косата, па тоа може да предизвика детето да соработува повеќе кога ќе дојде на ред.

Што ако прво родителот ја добива услугата?

Многу работи зависат од вашите вештини и желби. Брзо кратење на вашата коса не одзема многу време, но, на пример, бојадисувањето подолга коса можеби е најдобро да им се остави на професионалците.

Без оглед на тоа кој го прави првото потстрижување, не заборавајте да зачувате неколку прамени за спомен.

Зачувување на бебешките локни

Пред повеќе генерации косата од првото кратење обично се чувала во малечка кутија. Сега родителите често ја чуваат во плик. Произведувачите на бележници нудат одлична селекција на  книги каде што може да се залепат прамените и да се стават фотографии од децата.

Автор: Тереса Питман



912

X