Без разлика на тоа дали имате деца, не смеете да го занемарите вашето интимно здравје. Редовните гинеколошки прегледи се клучни, а постојат работи на кои, според советите на гинеколозите, би требало да обрнете внимание.

Во текот и по бременоста некако е природно да не ни биде главен приоритет нашето интимно здравје. За жал, тоа може да доведе до занемарување на себеси, што никако не е препорачливо. Затоа издвојуваме работи на кои би требало да мислиме заради сопственото здравје.

1. Редовно посетувајте гинеколог иако не планирате деца

Откако ќе добиете дете, не значи дека веќе не треба да се грижите за своите гради или интимни делови од телото. Важно е редовно да посетувате гинеколог и да го следите сопственото здравје, без разлика на тоа што не сакате да имате повеќе деца.

2. Никогаш не сте премногу млади за превентивен преглед на дојките

Иако постојано се истакнува колку е важно жените постари од 45 години редовно да ги прегледуваат дојките, поради опасност од малигнитет, тоа би требало да го прават и помладите, особено оние со семејна историја на болести. Потсетете се дали мајката, сестрата, тетката, бабата имале сличен проблем и закажете преглед.

3. Не е во ред мускулите на карлицата да бидат премногу опуштени

Породувањето може да направи одреден број промени на карличните мускули, без разлика на тоа дали било по природен пат или преку царски рез. Како резултат на тоа, често може да се случи неконтролирано да се испуштат неколку капки урина при кивање, кашлање, смеење. Ова е нормална појава ако се работи за мала количина и не би требало да трае подолго од една година. Доколку трае и е упорно, најдобро би било да се јавите на гинеколог.

Ако стане сериозен проблем, со вежби можете да ги зајакнете тие мускули, а ако сте завршиле со раѓањето деца – со операција. Во секој случај, вежбите може да помогнат. Потребно е повторување и повеќе време за да се забележи разлика.

4. Можете да направите нешто во врска со ПМС

Да, постојат начини да ги смирите симптомите на предменструалниот синдром. Редовното внесување калциум и магнезиум може да ги ублажи физичките симптоми и промени во расположението кај некои жени. Количината на суплементи не треба самите да ја одредувате, туку тоа препуштете му го на вашиот лекар. Комбинацијата на магнезиум и витамин Б6 исто така може да биде од помош. Некои студии покажале дека жените што редовно вежбаат имаат помалку болни менструации.

5. Неплодноста може да се јави кај секого, дури и ако веќе имате дете

Ако веќе сте родиле дете, тоа не значи дека проблемите со зачнување не можат да се јават подоцна. Она што го знаеме е дека како што поминуваат годините, потешко можете да забремените. Иако сте родиле дете, не може никој да ви гарантира дека следната бременост ќе дојде лесно. Ако по 6 месеци активни обиди не забремените, задолжително посетете лекар.

6. Сексот не треба да биде болен, дури ни по породувањето

Болниот сексуален однос е знак дека нешто не е во ред. Каква било непријатност во вагината во текот на сексот треба да ве предупреди да се јавите на лекар. Болката може да биде знак на циста, ендометриоза, па дури и инфекција на мочните патишта. Каква било непријатност и во карлицата, без разлика дали е во прашање циклус, секс или вежбање, треба да му се пријави на лекарот.

7. Не морате да го „исчистите“ организмот од контрацептивни пилули пред бременост

Ако користите контрацептивни пилули, можете да помислите дека пред обидот за забременување треба да не ги пиете. Тоа не е така. Иако би било добро да се пијат пренатални витамини, немојте да се согласувате на какви било производи пред зачнување. Докторите истакнуваат дека не ви е потребно чистење по употреба на хормони.

Извор



912

X