– Можете да си ги замислувате и да зборувате колку што сакате за вашите идни деца и како ќе ги одгледате и воспитате, но никогаш не можете да знаете како вашиот партнер ќе се снајде во улогата на татко сè додека не стане тоа. Никогаш целосно не можев да замислам како ќе се снајде мојот сопруг со нашето бебе сè додека првпат не го видов во акција веднаш по раѓањето. Бебето го родив со царски рез, а имав и прееклампсија, па морав подолго да останам во болница – пишува на својот блог Риса Керслаке, мајка на тригодишно девојче.

– Поголемиот дел од времето не ми беше дозволено да станам од креветот, па затоа мојот сопруг беше и моите раце и моите нозе. Тој направи сè за мене и за нашата ќерка, ме хранеше додека ја доев и ѝ ги менуваше пелените. Кога се вративме дома, стана уште подобар – вели таа. Поради сите овие работи, таа издвојува седум причини зошто го сака уште повеќе откако стана татко.

1. Неговите смешни гласови

Знаев дека мојот сопруг е позитивна личност, но ништо не можеше да ме подготви за неговите забавни гласови и мајмунско танцување што ги правеше само за да ја насмее нашата ќерка. Тој е единствената личност што секогаш може да ја насмее.

2. Неговото внимание и грижа за нашата ќерка

Врвот на мојот ден е кога ќе го видам како влегува од вратата и во истиот момент оди кај нашата ќерка, која ги шири очите од возбуда и изненадување кога ќе го види. Кога ја држи навечер во својата прегратка и нејзините мали рачиња го прегрнуваат од сите страни, се потсетувам колку е голема нивната љубов.

3. Мисли дека сум најхрабрата личност на светот

Не поминав 17 часа на породување, но штом ги добив болките, во истиот момент имав активно породување како резултат на прееклампсијата. Потоа закрепнував од абдоминална операција додека спиев во интервали од еден час и ја доев нашата ќерка. „Дали ти имам кажано колку си неверојатна?“, често ми го велеше ова кога ќе почнев да плачам од болка. Сè уште ми го кажува тоа.

4. Не може да ги запомни римите, но секогаш се обидува

Постојат моменти кога ќе го ставам увото на вратата од собата на ќерка ми и слушам како ѝ ги пее омилените песни. Кога ќе почне да ги измислува зборовите на песните, јас нежно му ги довикувам точните зборови, но тој храбро продолжува понатаму.

5. Се грижи за нашата ќерка без никаков приговор

Тој никогаш не се пожалил кога требало да направи нешто за нашата ќерка. Никогаш не приговорил кога требало да ѝ ја смени пелената. И иако тоа е нешто што се очекува од многу родители, не можам да кажам дека знам многу татковци што секогаш доброволно прават сè што е потребно за нивното дете.

6. Ме охрабрува да излезам од дома

Секогаш ме поддржува и ме охрабрува да излезам од дома, да се најдам со другарките, да имам малку време за себе.

7. Тој е единствената личност што ја сака нашата ќерка колку што ја сакам јас

Мојот сопруг не поминува онолку време со нашата ќерка колку што поминувам јас. Не ја држи толку цврсто во рацете бидејќи мисли дека може да исчезне. Но тоа не значи дека ја сака помалку од мене. Ја гледам неговата љубов јасно и гласно на неговото лице.
Еден ден ќе порасне и ќе си замине од дома, па повторно ќе останеме само ние двајца. Но сега, поради сите причини кажани погоре – ова наше родителско патување ме радува повеќе од сè.



912

X