Додека водев разговор на долга дистанца со својата возрасна ќерка, нашиот разговор дојде до моментот кога ги слушнав зборовите „бев злоупотребена“. Не можев да верувам што слушам и не сакав да ја прашам повторно да повтори. Немав зборови. Потоа, по неколку секунди, ќерка ми ме праша: „Мамо, тука си?“ Многу прашања ми се појавуваа во главата – „Како се случило, кога се случило, кој бил во прашање, како не видов никакви знаци?“ Уште повеќе ме кршеше фактот дека беше премногу доцна за да сторам нешто во врска со тоа. Мислев дека бев внимателна додека ја растев и тешко ми беше да поверувам дека се случила таква трагедија. Но, на моето дете му било украдено детството – вратата на сексуалноста била отворена премногу рано. Како мало девојче, таа видела и искусила нешто што не требало. Можам да замислам низ што поминала ментално и емоционално. Каде згрешив? Пред да почнам да зборувам, ќерка ми ме праша дали ќе го прочитам почетокот на нејзината книга, во кој се зборува за нејзиното искуство.

Откако го прочитав почетокот на книгата „Шшш… тајна е“, занемев. Моето срце беше болно. Но, во ретроспектива, процесот на заздравување започна. Таа споделуваше со мене повеќе од нејзината приказна. Имало и друго злоупотреби, рече. Некои луѓе кои ги знам, а повеќе кои не ги знам. Не можев да верувам што слушам и колку тежок пат искусувала без мое знаење. Чувствував збунетост, лутина и вина. Но, мора да најдете извори на сила. Ова се 7 чекори кои мене ми помогнаа, а веројатно и вам за да се уверите дека злоупотребата ќе прекине, дека вашето дете е безбедно, а и вие ќе се однесувате на начин на кој ќе го поддржите своето дете и ќе се грижите и за себе за време на процесот на заздравување.

Слушнете ги

Во моментот на споделување, оставете го детето да го каже она за кое има потреба. Не прекинувајте го и не осудувајте го. Гледајте го детето в очи и бидете свесни за вашиот говор на телото. Рацете нека ви бидат релаксирани за да го уверите детето дека сте отворени за разговор и дека се грижите за него.

Бидете свесни за чувствителните моменти

Кога детето одлучило да ви соопшти (особено кога веќе е возрасно), тоа за него било процесирање на голема болка. Можеби дури и им простило на злоупотребувачите. Ситуацијата со малите деца може да биде различна, па ќе бараат различен вид чувствителност, трпение и разбирање. Важно е да преземете итна акција за да се уверите дека детето е безбедно. Прво, следете ги инстинктите кога ви кажуваат дека нешто не е во ред и второ, водете разговори соодветни на возраста на детето.

Простете си себеси

Природно е да се чувствувате виновни, лути, па дури и да сакате одмазда. Нормално е да имате силна потреба да го исправите погрешното, дури и ако сте слушнале за таа информација по 20 години, како јас. Сепак, покривањето на срцето со жалење, лутина и непростување нема да помогне во процесот на заздравување. Побарајте помош од терапевт. Обидувајте се да изнајдете начини за ослободување на стресот, за да бидете помалку анксиозни, да имате повеќе енергија и да не страда вашиот имунолошки систем.

Покажете емпатија

Изразете жалење за она низ кое поминале. Дајте им до знаење дека ви е жал што не сте биле таму за да ги спасите од тоа искуство. Уверете ги дека се сакани и дека ништо нема да го промени тоа. Оставете ги да одговорат, или да молчат, па дозволете една нова поврзаност да се случи помеѓу вас.

Трансформирајте го умот

Вината ви кажува дека сте биле лош родител штом се случило такво нешто. Но, не сте ужасен родител бидејќи не сте забележале дека вашето дете било злоупотребено. Заменете ја вината со позитивни мисли и кажувајте си: „Сега сум тука и ќе бидам присутен/а во процесот на заздравување“. Не опседнувајте се со прашањата кога, како и зошто се случило тоа. Фокусирајте се на тоа заедно да се изборите со траумата и да одите напред без негативни мисли и вина.

Справување со поттикнувачи

Детето може да наиде на ситуации кои ќе му ги враќаат сеќавањата. Тогаш, може да почнат да зборуваат за тоа кога најмалку очекувате. Може да споделат и нова информација, а тоа може да се случува и целиот живот. Никогаш не одговарајте со: „Сè уште не го преброди тоа?“ или „Мислев дека тоа е веќе зад тебе“. Тие можеби сè уште заздравуваат и секогаш ќе им треба безбедно место каде што ќе може да ги процесираат или вербализираат своите емоции без осудување. Бидете тоа безбедно место за нив.

Утврдување нова врска

Процесот на градење нова врска со вашето дете може да се одвива цел живот. Можеби ќе искусите напредок, а потоа ќе се вратите неколку чекори назад. Како што времето ќе поминува, ќе се создава поголема отвореност во вашиот однос. Ќе дојде време кога со детето ќе ви биде пријатно заедно, па некогаш можеби, на моменти, и ќе заборавите дека тоа лошо искуство се случило. Имајте на ум дека детето може да развие и емпатија кон својот злоупотребувач. Сето тоа може да развие лутина кај вас, но мора да се фокусирате на тоа да му дозволите на детето да изрази што чувствува, додека вие ги изразувате своите чувства со советник или терапевт.


Ве охрабрувам да работите на создавање нова врска со своето дете и секогаш да го уверувате во вашата љубов. Можеби ќе бидат потребни години за да заздравите вие и вашето дете од предизвиканата болка, но тоа е во ред. Дајте си простор и продолжете да го сакате своето дете безусловно.

Автор: Карен Пен

Извор



912

X