По 67 дена поминати на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, со престој на неонатолошките интензивни одделенија, предвремено родено бебе денеска си заминува дома во добра општа состојба и со уреден наод на виталните функции, соопштија од Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека бебето се родило на 8 октомври, во 29. гестациска недела, со екстремно мала тежина од само 665 грама, со должина од 30 сантиметри, а денеска стручниот тим на клиниката го испиша со 2.190 грама телесна тежина. Мајката, која е прворотка, била хоспитализирана три дена пред раѓањето на бебето – на 5 октомври – и во тој период била подложена на предродилен мониторинг и третман. Бременоста ѝ била оптоварена со повеќе ризици, вклучувајќи го слабиот раст и развој на фетусот,

– Нашата најмала хероина во 2021 година денеска првпат ќе влезе во својот дом во велешкото село Јаболчиште, по 2 месеца и една недела поминати на неонатолошките интензивни одделенија на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. Тимот лекари и медицински сестри секојдневно ја следеа нејзината здравствена состојба и заедно со новороденото ги добија сите предизвици што се испречуваа пред нив. Во периодот на престој на одделенијата на ГАК, новороденото имаше комплексен третман, а поради проблеми со дишењето, беше и на механичка вентилација. Бебето е родено како високоризичен пациент, но беше мошне борбено и цело време имаше добар одговор на комплексните третмани. На бебето му се направени сите скрининзи кои се пропишани во Националната програма на Министерството за здравство и денеска персоналот на ГАК го испраќа од клиниката со прецизни поуки за контрола и за следење на растот и на развојот — се наведува во соопштението.
За среќа, во рамките на екстремната незрелост, намалената отпорност и малата родилна тежина и целокупниот третман, новороденото се испишува во добра општа состојба, со пораст на телесната маса, стабилно и витално, додаваат од МЗ.

Министерот за здравство д-р Венко Филипче денеска го посети бебето Бехра и заедно со медицинскиот персонал го испратија дома кај нејзините родители со желби за здраво и среќно детство.