Детето има многу потреби и желби, а родителите мора да бидат инвентивни и креативни за да го избалансираат сето тоа. Еве кои правила треба да ги следите при уредувањето на детската соба.

При уредувањето на детската соба често се судираат желбите и можностите бидејќи и родителите и детето имаат многу желби, а ограничениот простор и буџетот можат да бидат вистински предизвик. Треба да се земе предвид и фактот дека децата брзо растат и брзо им се менуваат вкусовите и потребите, па затоа е паметно од самиот почеток да се води сметка избраното решение да може да се приспособува на возраста на детето. Затоа, пред да се занесете со атрактивните фотографии што се достапни на интернет, треба да го поминете списокот со задолжителни елементи во уредувањето на детското катче.

За сите активности

Во идеален случај, детската соба би требало да содржи три основни зони: за спиење, за играње и за работа (школски деца). Децата најмногу ќе бидат воодушевени од невообичаени решенија, како мал шатор среде соба, ѕид на кој ќе можат да се искачуваат, мебел во кој ќе можат да се кријат… Со други зборови, соба која ќе се разликува од оние за возрасните и од „обичните“ соби на нивните пријатели. Работната маса треба да се постави во аголот кој не пречи во слободното движење и кој по можност ќе биде осветлен со природна светлина.

Нивниот вкус, а не нашиот

Треба да се земат предвид желбите на детето, а не вашите. Тие не го ценат минимализмот и не им е важно креветот и шкафот да се од ист материјал и во иста боја, ниту ќе бидат импресионирани од реномето на производителот. Напротив, шаренилото од бои и примероци повеќе ќе ги весели отколку употребната вредност на мебелот (за ова треба да размислува родителот). Креветите на кат што сте ги избрале поради ограничениот простор ќе им бидат многу интересни за играње, градење куќички со помош на ќебиња и слично. Родителите само треба да бидат сигурни дека детето лесно ќе може да се искачи на „горниот кат“ и дека оградата добро го штити од паѓање додека спие.

Простор за складирање

Децата собираат и чуваат многу работи што им се интересни, па затоа во детската соба треба да се обезбеди голем простор за складирање, односно таквиот мебел треба да има приоритет. Овде се мисли на сандаци под креветите, табуретки, лесно достапни полици, шкафчиња и инвентивни кутии.

Персонализација

Веќе споменавме дека децата брзо растат и ги менуваат вкусовите и сигурно ќе сакаат да го сменат и уредувањето на својата соба. Затоа, препорачуваме – од финансиски и од организациски аспект – ѕидовите веднаш да ги бојадисате во неутрални бои, а детето потоа може да ги персонализира по сопствена волја, на пример, со ликовите на своите омилени јунаци, кои се менуваат со текот на годините. Таквите детали добро поминуваат кај децата кога се уредува нивниот простор и им помагаат да се чувствуваат добро.

Безбедност

Детската соба, нивното приватно царство, долго време ќе биде простор за нивна неограничена слободна игра, па затоа еден од родителските приоритети треба да биде безбедноста. Децата не би требало да можат сами да го отворат прозорецот, рабовите од мебелот не би требало да се остри, целиот мебел треба да биде стабилен, а треба да има и стабилна подлога за седење и за играње. За мали деца не се препорачуваат фиоки кои се заклучуваат и парчиња мебел кои лесно можат да се заглават. Теписите не смеат да се лизгаат по површината на подот и треба лесно да се перат.

Осветление

Без сончева светлина не е можен живот, па и осветлението во затворен простор не е ништо помалку важно. Од нежно млечно осветление за бебе до насочена надворешна светлина и електрична светилка на работната маса за ученик, осветлението е неопходен детаљ во нашите животи. Треба да обезбедите децата да не можат да дојдат во допир со врелата светилка, а и прекинувачот треба да им биде лесно достапен. Во детската соба неизоставно е и ноќното осветление бидејќи на многу деца не им е пријатно во целосна темница. Дополнително, вакво осветление се препорачува и во тоалетот бидејќи сите членови на семејството често го користат ноќе. Да не заборавиме, светлосните ефекти можат да создадат и волшебна атмосфера, особено за време на празниците.

 



912

X