Стив Бидулф, австралиски психолог и автор на неколку книги за воспитување на момчиња и девојчиња, објаснил на кои шест работи треба да обрнете внимание кога воспитувате девојче:

1. Факторите на ризик се разликуваат од оние на момчињата

Бидулф вели дека воспитувањето момчиња и девојчиња е различно бидејќи нивните фактори на ризик се различни: „Кога денес зборуваме за половите, гледаме работи кои може да го променат карактерот. Меѓутоа, генерализацијата вреди за 90 отсто од децата. Ризиците што се поврзани за девојчињата се стрес, тегоби, самоповредување, нарушувања во исхраната и различни деструктивни однесувања, додека момчињата обично се деструктивни однадвор“, вели психологот и додава: „Тоа е многу широк дијапазон, но за девојчињата сега сме загрижени. Пред 20 години девојчињата полетаа. Сега дојде до забавување на менталното здравје. Денес едно од пет девојчиња зема лекови“, продолжува психологот.

2. Првите шест години се најважни

Кога детето ќе се роди, неговиот мозок е ист како и кај нашите дамнешни предци, но она што се променило е светот. „Направивме луд свет за нив, па да погледнеме само што се случи во последните 20 години. Родителите денес се побесни и се движат забрзано. Тие всушност не се поврзуваат со децата бидејќи надворешниот свет создава големи притисоци врз мајките и татковците“, објаснува. Психологот вели дека децата покажуваат знаци на анксиозност и напади на паника околу 14-тата година. Причините за таквите проблеми често се кријат во раните години, односно до шестата година.

3. Размислете во каква жена сакате да се порасне

Иако е многу лесно да се изгуби во моменталните случки и развојот кој секојдневно се случува околу нас, многу е важно да ја погледнете поголемата слика. Имате дваесетина години да создадете жена, а додека се случуваат малите работи, можете да размислите за тоа во каква жена сакате да порасне вашето девојче. „Нејзиното патување е своевидна потрага каде што се собираат состојките на нејзината женственост. Затоа тоа мора да го имаме на ум“, вели психологот.

4. Успехот е „токсичен“ за девојчињата

Многу родители му посакуваат „успех“ на своето дете. Но, многу е важно што значи успехот за вашето семејство. „Мислам дека успехот денес е најотровниот концепт во нашите животи, а особено за девојчињата, успехот станува само натпревар кој нè прави мизерни“, вели психологот. Истражувањата покажуваат дека за девојчињата е најстресно кога имаат двајца родители со високо образование, па така чувствуваат притисок дека мора да ги достигнат тие стандарди.

5. Бидете поопуштени од ќерката во секое време

Децата се развиваат, а во основно училиште може да имаат тешкотии. „Задачата на родителите е да бидат поопуштени од своето дете. Она што мора да го направите е да бидете центар на мирот во неговиот живот“, објаснува психологот. Кога сме смирени, ќе разговараат со нас ако се под стрес. Ако не сме мирни и секогаш сме во брзање, децата ќе имаат чувство дека не сме достапни. „Светот се брза и секогаш е во брзање, но она што навистина им треба на децата е возрасна личност која барем изгледа дека го има сето време на овој свет, а тоа е многу важна порака“, вели тој.

6. Знајте дека вашата ќерка е диво суштество

Постојат две фази на развој и учење низ кои поминуваат децата. Фазата од раѓањето до двегодишна возраст  се однесува на чувството на сакање и сигурност. Подоцна фазата од две до пет години е кога го истражуваат светот.

– Тука сме погрешиле со девојчињата. Затоа тука полот е важен. На момчињата им велиме да истражуваат, а на малите девојчиња да бидат убави, уредни и да прават мали, слатки работи. Вашата ќерка е диво суштество – додава Стив Бидулф и објаснува дека девојчињата треба диво да трчаат во природа, да ја почувствуваат текстурата на нерамната земја и да бидат во калта, како што тоа треба да го прават и момчињата. Понатаму вели дека татковците имаат особено големо влијание врз девојчињата во оваа област. Преку изградбата на таа емоционална отпорност, тие ќе знаат дека светот исто така е нивен и нема да се плашат да излезат во него.

 



912

X