Тинејџерите копнеат по слобода и сакаат што побрзо да станат возрасни, но постојано се ограничувани од правилата што им ги наметнуваат родителите.

Пред извесно време „Хафингтон пост“ објави текст од Никол Смит во врска со тоа што таа научила од својата строга мајка.

1. Не откажувај се

Ја молев мајка ми да ме запише на кларинет за да бидам како мојата постара сестра. Но, мајка ми имаше услов – ако се запишам во четврто одделение, нема откажување до средно училиште. Знаеше дека брзо ќе ми здосади и дека ќе ме мрзи да вежбам. И по една година навистина ја молев да ме отпише, но таа ме потсети на своето правило. Знаеше дека така ќе го развијам карактерот и дека ќе развијам љубов кон музиката, која ќе ми го промени животот. И навистина, музиката ми помогна при моите 4 породувања, ме смирува и ми помага да пишувам.

2. Биди дете

Додека сите мои другарки се држеа за раце со своите момчиња и се бакнуваа, во седмо одделение, јас се прашував зошто не можам и јас. Но, мајка ми имаше цврсто правило – нема момчиња пред 16 години. Сакаше, додека сме деца, да бидеме деца. Поради тоа, го доживеав детството во целата негова невиност и тоа е дар за кој сум ѝ благодарна, зашто многу деца премногу брзо пораснуваат.

3. Напорно работи за тоа што го сакаш

Летните распусти во погорните одделенија ги поминував со мајка ми на работа. Помагав околу документите, се јавував на телефон, ги средував полиците… На 15 години почнав да работам на шалтер во лекарска ординација. Од 16 години секој ден по училиштето работев од 17 до 22 часот за да заработам за автомобил. Посакував мајка ми едноставно да ми го купи, а јас да си ја задржам заработувачката, но фактот дека сама заработив за автомобил ми причини големо задоволство.

4. Излези надвор и играј си

Да можев да избирам, ќе се нацртав пред ТВ и ќе гледав цртани по цел ден. Наместо тоа, мајка ми само ќе викнеше од кујната: „Оди надвор да си играш!“ Возевме велосипеди од утро до мрак, трчавме низ прскалките, лежевме во тревата и ги набљудувавме облаците. Понекогаш со книга ќе се качев на дрво и ќе се задлабочев во читањето сè додека не чуев дека ме вика за вечера. Сето тоа ме научи на самостојност, креативност и активна игра.

5. Викендот е за семејството

Времето го поминувавме со фамилијата, вклучувајќи ги бабите, дедовците, вујковците, тетките и роднините. Собирањата не беа со канење, туку сите секогаш беа добредојдени. Секогаш имаше храна, смеење и немаше никакви други планови освен да го поминеме времето заедно. Понекогаш сакав да бидат како другите деца, кои одеа да преспијат кај другари или заедно одеа на пат, но кога ќе се осврнам на минатото, имам плашт од спомени од луѓето што најмногу ми значат во животот.

6. Сè паѓа во вода кога ќе станете баба

Најмило ми е кога гледам каква е мајка ми со моите деца. Многу ги сака, но на поинаков начин отколку што ме сакаше мене. Помека е, помалку строга, наместо да поставува правила, повеќе сака да ги крши. И, сега јас сум строга мајка, но знам дека еден ден ќе бидам поинаква со моите внуци иако еднакво ќе ги сакам.



912

X