Тина Маделина, како искусна мајка и дула (тоа е личност што ѝ дава емотивна, физичка и психолошка поддршка и помош на родилката во текот на породувањето; терминот потекнува од грчкиот збор doula што значи „служителка“), целосно разбира колку стресно може да биде за новопечените родители кога се справуваат со добронамерни гости. Затоа таа направи список со најважните правила, напишани од перспектива на новороденчето, со надеж дека ќе допре до сите што навистина сакаат да им помогнат на новите родители.
„Здраво. Јас сум новородено бебе, сите во моето семејство се вистински професионалци кога се работи за грижата околу мене“, вака почнува нејзината вирална објава.
„Меѓутоа, кога се во прашање гостите – моите родители постојано мора да си играат лоши домаќини“.
За да им помогне на мајките и на татковците, ова новороденче посочува неколку главни правила кои би требало да ги знаат сите пред да дојдат на гости:
1. Без бакнување!
Не бакнувајте ме никаде, без оглед колку сум сладок. Всушност, не приближувајте го вашето лице до моето или до моите раце, и ве молам, измијте ги рацете пред да ме допрете некаде.
2. Без допирање – тоа важи и за вашите деца!
Ако моите родители ме ставиле во некаква лежалка, оставете ме во неа. Немојте да ме вадите. Јас сум чувствителен на вашата облека, детергент, парфем или дезодоранс. Тоа исто така се однесува и на вашите деца што сакаат да ме запознаат. Верувам дека се најздравите деца на светот, но вака ќе кажам: Не сте вие во прашање, јас сум. Родено сум како мизофоб и ми требаат неколку месеци за да се приспособам на овој свет полн со бактерии и вируси.
3. Не монополизирајте ме!
Ако почнам да плачам во вашите раце, ве молам, вратете ме кај моите родители. Знам дека сакате да се обидете да ме смирите, но јас само си ги сакам тато и мама.
4. Бидете свесни дека сте дошле во посета на мало бебе
Ако сте дошле да ме посетите додека сум уште толку малечко, ве молам, дојдете со целосно разбирање. Постојано сум гладно, сонливо, нервозно и треба да ми се менуваат пелените. Ако сакате да ме посетите, не останувајте предолго за да можат мама и тато да продолжат со грижата за мене наместо да ве гостат вас. И немојте да бидете изненадени ако нешто излезе од мојата уста додека ме држите. Тоа е само блуење. Ако сакате да ме видите и да ме држите во прегратка, тогаш прифатете дека со тоа доаѓаат и други работи.
5. Намалете ги вашите очекувања
Слушнете ме сите, ова е време кога мораме да ѝ дозволиме на мама да се одмори, особено кога се работи за вашите чувства. Ве молам, не очекувајте дека мама ќе ве побара, ќе ви праќа пораки или ќе објавува милион фотографии на социјалните мрежи. Таа сега се грижи за мене и повеќе сака да гледа во моето слатко лице отколку во својот мобилен.
6. Задржете го својот родителски стил за себе!
И на крај, Тина нагласува дека е убаво да се добие мудар совет од други родители, но со едно предупредување: САМО КОГА ЌЕ ВЕ ПРАШААТ! „Сите ние на своите деца им даваме сè што имаме, срцето и душата… вклучително и нашиот родителски стил. Твое бебе – твои правила“, додава таа. Имајте храброст, уживајте и сакајте го своето бебе на свој начин.