Може да биде лесно да се фокусираме на негативните работи што се случуваат во светот и сето она за што треба да се грижиме, особено ако сме родители. Благодарение на информациите достапни 24 часа, социјалните медиуми, известувањата на мобилните телефони и изворите што не сте ги очекувале, како „Инстаграм“ и „Јутјуб“, сите сме преплавени од вести. Разбирливо е што немате среќен израз на лицето секој ден и не ги растете децата во оптимистични лица. Но, не откажувајте се. Иронично, иако медиумите и технологијата изгледа дека се причината за нашиот колективен песимизам, исто така, тие се и клучни за да го надминеме, дали преку мудро користење или едноставно да знаеме како да ги тргнеме настрана.
Ова се 6 начини да му помогнете на семејството да ги гледа позитивните работи:
1. Поставете ги работите во перспектива
Кога ќе се случи трагедија некаде во светот, ние секогаш ја доживуваме повторно кога ќе вклучиме ТВ, ги отвораме социјалните медиуми и читаме сензационалистички наслови. Родителите сфаќаат дека медиумите го прават тоа заради читаност и гледаност. Но, децата не ги разбираат тие работи. Како вие реагирате на вестите, прави разлика во тоа како децата ги процесираат. Помогнете им на децата да сфатат преку објаснување дека најсилните гласови се примени од најголемиот број слушатели – а вие секогаш треба да направите сопствено истражување. Со тоа на децата ќе им вградите и надеж и ќе го намалите стравовот.
2. Зборувајте за она за кое сте благодарни
Негувајте го карактерот на детето. Силен карактер го смирува детето кога светот е хаотичен. Земете време за да споделите за што сте благодарни и децата нека учествуваат во тоа. Охрабрете ги да се борат против пречките и да имаат емпатија за другите. Истражувања покажуваат дека изразувањето благодарност ги прави луѓето пооптимистични.
3. Борете се со лажните вести
Многу деца велат дека не можат да ја кажат разликата помеѓу лажни и вистинити вести. Збунетост, сомнеж, недостиг на доверба се работите што го попречуваат патот кон оптимизмот. Но, децата може да користат онлајн-алатки за проверка на факти и може да одбијат да учествуваат во ширењето на лажните информации, ако не споделуваат вести кои претходно не ги провериле.
4. Спротивставете им се на насилниците
Учете ги децата да се спротивставуваат. Кога ќе видат како некој трпи злоупотреба, а тоа се случува секаде – во пораки, на социјални медиуми, онлајн-игри – тие треба да заземат став и да се борат со тоа. Не треба да прават нешто што ќе ги доведе во опасност, туку да изразат поддршка кон другите. Да пријават насилство, да се заложат за жртвата или да ѝ кажат на жртвата дека им значи и дека некој се грижи за неа. Убедувајте ги децата дека со тоа може да воведат промена.
5. Избришете го говорот на омраза
Онлајн-анонимноста носи и свои последици. Луѓето мислат дека може да шират говор на омраза или да навредуваат без да се плашат дека ќе бидат откриени. Говорот на омраза ги повредува луѓето и придонесува кон целосна негативна средина. Објаснете им на децата како да се справуваат со тоа: да не одговараат на говор на омраза, да ги блокираат луѓето што го прават тоа, да пријавуваат лица кои го прават тоа и да не го споделуваат. Ако вашето дете влијае врз друго дете во ваква смисла, тогаш тоа друго дете ќе влијае врз трето итн.
6. Исклучете се од светот на одредено време
Земете ги децата и партнерот и исклучете се од светот околу себе. Ако се тие со вас, не пропуштате ништо. Едноставно бидете заедно, читајте, вечерајте, зборувајте за некој проблем и испратете им на децата порака дека времето поминато со семејството е клучно и најважно. Експертите препорачуваат таква грижа за себе бидејќи големата количина лоши вести може да ве вознемири. Па ако возрасните се вознемируваат, тогаш замислете што значи тоа за децата. Ако добро го менаџирате користењето на медиумите и го користите времето за заеднички моменти со семејството, вие им покажувате на децата што е она што е навистина важно.