Родителството е акт на жонглирање бидејќи треба да се обидете да го поделите времето и вниманието меѓу децата, како и другите обврски. Оваа деликатна рамнотежа го вклучува задоволувањето на потребите на секое дете, додека се грижите ниту едно да не се почувствува изоставено.

Ако му помогнете на детето да се чувствува сакано и специјално, одделно од неговите браќа и сестри, тогаш му помагате да го обликува идентитетот и му поставувате здраво чувство за неговата вредност и самодоверба во иднина. Децата, пак, што не ја чувствуваат таа специјална поврзаност со своите родители, може да го покажат тоа подоцна во животот, истакнува Лора Кофман, лиценциран детски психолог од Менло Парк, Калифорнија.

– Овие деца помалку ги следат правилата на домаќинството, а на родителското внимание гледаат на помалку позитивни начини, односно почнуваат кавги со браќата и сестрите или лошо се однесуваат на училиште. На крајот, нашата цел како родители е да дадеме безусловна љубов на децата преку фокусирано внимание со јасни граници кои ќе им дозволат на децата да ги толерираат неизбежните прекини во нашето внимание – вели д-р Кофман.

Рамнотежата ќе им помогне да разберат дека ќе има периоди кога ќе може да го имаат целосното внимание на родителите, а и периоди кога ќе го немаат. Ова се 6 едноставни, но моќни начини да направите вашето дете да се чувствува како ВИП-личност.

1. Контакт со очите

– Можеби мислиме дека ги слушаме децата додека ни зборуваат, а ние работиме на компјутер, но всушност таа поделба на вниманието им покажува дека тие ни се на второ место. Следниот пат кога детето ќе сака да зборува со вас, оставете го тоа што го правите, гледајте го детето в очи и слушајте го што ви зборува. Поставете некое прашање за да покажете дека навистина го слушате. Ако не можете да ја прекинете моменталната активност, кажете му дека ви треба време да ја завршите, а потоа целосно ќе му се посветите – вели д-р Кофман.

2. Поминете заедничко време без прекини

Дури и 10 минути на ден се доволни ако нема никакви прекини. Нека одлучи детето што ќе правите заедно и во тој момент исклучете го телефонот и оставете го во другата соба за да не ве деконцентрира.

3. Поставувајте прашања што покажуваат дека се грижите

Не останувајте само на генералното „Како беше на училиште?“ Развијте дискусија со децата, па прашајте нешто подлабоко за да покажете дека се вклучувате во нивните животи и она што им се случува, вели д-р Кофман. На пример, зборувајте за нивното омилено телевизиско шоу, или некој натпревар.

4. Создајте значајни традиции

Потребно е да поминете квалитетно заедничко време преку кое ќе создавате вредни спомени. Правете заедно палачинки за појадок во недела, еднаш месечно дајте му ја омилената ужина на детето и дозволете му да игра еден час на игралиште. Поканете го детето да дојде со вас на некој третман во салон. Таквите едноставни нешта може да преминат во ваши ритуали и традиции кои можете долго време да ги применувате и преку нив да се поврзете.

5. Покажете љубов и внимание

Бакнеж во образот, прегратка пред спиење – покажувањето љубов и внимание прави децата да се чувствуваат сакани. Не сакате прегратки? Создајте ваш специјален поздрав со рацете или смислете некој смешен збор како код со секое дете.

6. Сакајте го она што го сакаат и тие

Сигурно не сте премногу возбудени за најновата колекција играчки како што се тие, но кога покажувате интерес за она што го сакаат децата, вие покажувате и дека децата ви значат. Слушајте со ентузијазам додека тие објаснуваат како работат на новиот замок од лего-коцки и бидете достапни за да им помогнете во нивното хоби.

Д-р Кофман вели дека споделувањето на пасиите со вашите деца не само што помага тие да имаат чувство дека се поддржани, туку ќе се чувствуваат и доволно важни бидејќи вие посветувате скапоцено време на нив.

Автор: Деван Мекгинис

Извор



912

X