Децата сакаат да си играат, а за тоа постои и добра причина – тоа е начинот на кој учат нови вештини и усвојуваат нови знаења, особено ако и возрасните се вклучат во играта. Кога децата играат – дали со играчки, други деца, со родителите или сами – ги развиваат фантазијата и креативноста, учат да решаваат проблеми и ја развиваат концентрацијата. Всушност, во секоја игра учат нешто важно. Родители, охрабрувајте ги своите деца да играат и обезбедете им различни видови играчки и дидактички материјал за да им помогнете да напредуваат.

Игра со песок и вода

Ова ги воведува децата во начинот на научно размислување. Така учат за различни текстури, материјали, облици на материи (како течности и тврда состојба на нештата), учат за мерењето така што песокот или водата ги ставаат во различни садови, прелеваат, забележуваат како се однесува течноста, како песокот, а како смесата од песок и течност. Воедно, со прелевањето и излевањето ја развиваат и моториката.

Игра на улоги со играчки

Играчките им се поттик на децата да ја играат играта со улоги, а така ја развиваат својата фантазија, доживуваат различни емоции, се соживуваат со улогите и учат како да остварат интеракција со светот околу себе. Кога двегодишно дете почнува игра со кукла која ја храни, ѝ дава да пие, ја учи да оди во веце, тоа самото ги совладува тие вештини. Пуштете го детето да си игра „семејство“ со кукли и слушајте го отстрана, па ќе добиете нова слика за тоа како се чувствува со вас, родителите, како ги доживува вашите укори и пофалби, што го погодува, а што го мотивира.

Игра со маскирање

Многу деца сакаат да се маскираат затоа што тогаш можат едноставно да бидат некој друг. Без разлика дали се облекуваат во принцези, суперхерои, каубои, полицајци, змејови, децата добиваат шанса да ја употребат фантазијата и сами да создадат приказна. Кога се облекуваат во лекари, пожарникари или полицајци, влегуваат во улогите на возрасните и спонтано размислуваат за својата иднина.

Игри со топка

Играњето со топка и други спортски реквизити помага да се развијат координацијата, моториката, силата и флексибилноста кај децата. Кога играат со други деца, учат за делењето, тимската работа и спортското однесување.

Игра со коцки

Играњето со коцки, но и сложувалки и шаблони, им помага на децата да развијат когнитивни вештини, како што е логичкото размислување. Учат да разликуваат големини и облици и да ги редат. Исто така, усвојуваат критичко размислување и вештина за решавање проблеми додека се обидуваат да изградат некоја градба од коцки.

Игра со музички играчки

Преку играта со музички играчки децата усвојуваат чувство за ритам, развиваат слух, учат да слушаат, но и да интерпретираат. Без разлика дали само играат или се обидуваат да свират, развиваат различни вештини кои подоцна во животот ќе им бидат од непроценлива важност.

Извор



912

X