Во Македонија 500 деца на возраст до 14 години се заболени од дијабетес. Од Министерството за здравство ветија обезбедувањето сензорни мерачи на шеќер во крвта што ќе им помогне во контролата на гликемијата, а ќе ги користат и бремените жени што го имаат гестацискиот дијабетес.
Државниот секретар во Министерството за здравство, Владимир Милошев, на денешниот Светски ден на дијабетесот истакна дека е во тек тендерската постапка за обезбедување на годишните количини на инсулинска терапија за болните и воведување три нови типа инсулин од најнова генерација, меѓу кои еден е за деца до 14 години.

– Министерството за здравство од оваа година го укина паралелниот увоз на инсулинот, со што ќе обезбедиме квалитетен инсулин бидејќи имавме одредени сомнежи и во квалитетот и транспортот на инсулинот до веледрогериите – додаде Милошев.

Секоја година се откриваат сè повеќе заболени од дијабетес. Дополнителен проблем е што на еден дијагностициран случај има еден неоткриен, заболен кој не знае дека се соочува со шеќерна болест. Оваа болест прави многу здравствени компликации, па затоа е многу значајно навреме да се открие, потенцираа лекарите на денешниот Светски ден на дијабетесот.
– Од 120.000 пациенти со дијабетес, 40.000 примаат инсулинска терапија. На еден дијагностициран постои еден што не е дијагностициран и не знае дека ја има болеста – истакна директорката на Клиника за ендокринологија, Саша Јовановска-Мишевска.

Таа посочи дека секојдневно се соочени не само со пациенти со дијабетес, туку и со голем број компликации. Болеста може да донесе проблеми со срцето и големите крвни садови, бубрезите, оштетување на видот.

Претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Бојан Киров, истакна дека ќе има инсулини со проверени сертификати.
– Од јануари ќе почне испораката на новите глукометри (апарати за мерење шеќер во крвта) и новите ленти за нив. Дијабетичарите ќе можат да бидат сигурни во точноста на резултатите од мерењето со тие апарати. Се проширува листата на инсулини. Инсулинската криза заврши летоска и оттогаш нема недостиг. Со новиот тендер за набавка на инсулин, кој е при крај, добивме ветување од Министерството за здравство дека дистрибутерите ќе бидат обврзани покрај тековните месечни количини што треба да бидат дистрибуирани, во секое време да има еден месец резерва на сите видови инсулин – додаде Киров.
Н.Б.З.



912

X