Прочитајте на кои 5 начини можете да проверите дали на вашето бебе му е претопло
Со најдобри намери, за да не му биде ладно на бебето или да не настине, родителите дури и во топлите месеци имаат потреба да му префрлат нешто на грбот или на стомакот, му облекуваат чорапчиња или маица на долги ракави или му ставаат памучна капа при појавата на првиот ветар.
Но, не размислуваат дека прегревањето на телото на бебето е исто толку опасно колку и настинката. Прегреаното тело претставува опасност за здравјето на детето, а кога се во прашање новороденчињата, Американската асоцијација на педијатри го поврзала прегревањето со синдромот на ненадејна смрт на доенчињата.
„Децата што се премногу облечени се изложени на ризик од дехидрирање, односно губење на течноста во организмот. Тоа може да има негативни последици врз работата на бубрезите, а во екстремни случаи може да доведе и до трагични последици. Наглото загревање на организмот ја зголемува количината на штетни супстанции во крвта, а исто така може негативно да се одрази врз целиот организам“, вели проф. Рахми Орс од медицинскиот факултет при Универзитетот „Неџметин Ербакан“ во Турција.
Постојат неколку начини на кои бебето ви кажува дека му е претопло:
1. Доколку главата и вратот му се влажни, тоа е знак дека се поти и дека на бебето му е претопло.
2. Ако лицето на детето е поцрвено од обично или ако се појавува исип.
3. Наслушнете како дише бебето. Брзото дишење е симптом на прегревање.
4. Ставете ги рацете на градите на бебето, ако му се жешки, тоа е уште еден знак.
5. Ако детето не може да заспие и е немирно, можеби му е претопло.
На новороденчињата не треба да им се прекрива главата, освен ако е многу ладно. Бебињата, а и постарите деца, поголемиот дел од телесната топлина ја губат преку главата, па капата може дополнително да им го загрее телото.
Совети за облекување
Бебињата и децата облекувајте ги исто како што сте облечени вие, а може да им додадете еден потенок слој. Исклучок се предвреме родените бебиња кои треба повеќе да ги стоплите.
Спиење со бебето
Ако спиете со бебето, имајте на ум дека вашето тело ќе го загрее, па не е потребно да го покриете.