Активностите за децата од претшколска возраст не се посебно структуирани, ниту имаат правила

Кои се активностите на кои децата би требало секојдневно да им се посветат? Многу од нив немаат никакви формални правила, ниту пак прирачник според кој може да се организираат. Но, може да се распоредат во пет категории, а се и добра основа за тоа како да се одвива еден ден во животот на овие деца.

Активности што вклучуваат движење

Во оваа категорија спаѓа слободната игра, во која децата можат да трчаат, скокаат, фрлаат, ловат, галопираат, да одржуваат рамнотежа, да одат, да се качуваат и слично. Овие активности можат да се одвиваат под родителски надзор и имаат точно одредена цел: на пример, одржување на рамнотежата низ игра и зајакнување. Еве неколку примери како да ги примените:

– Поминување на полигон со пречки;
– Балансирање на греди;
– Игра со фрлање и фаќање;
– Играње „училиште“, „гранична полиција“ и слично.

Музички активности

Музичките активности вклучуваат:

– Едноставно римување, броење и песни;
– Пеење песнички;
– Свирење на музички инструменти, најдобро на оние направени дома;
– Откривање на звуците од ударните инструменти;
– Танцување и ритмично движење за развој на моторни вештини.

Преку музиката децата го збогатуваат својот вокабулар, помнењето, когнитивните вештини, слушањето, процесирањето, ритамот и многу други работи. Децата природно ги привлекува музиката и во неа уживаат несвесно, за разлика од возрасните.

 

Креативни активности

Кое дете не сака уметност? Повеќето од децата сакаат да бојат, шараат, да играат со пластелин и да цртаат секој ден. Штом е така, тогаш овозможете им што поголем пристап до уметничко создавање:

– Нека цртаат со боици, моливи, пенкала, фломастери и креда;
– Боењето нека вклучува и боење со прстите, четка, сунѓер.
– Конструирање: нека градат предмети од различни отпадни материјали – пластични шишиња, ролни од тоалетна хартија, картонски кутии и слично;
– Сечење, лепење, играње со колаж-хартија.

Читање

Читањето е од витална важност за децата од претшколска возраст, па секој родител би требало да одвои време за оваа активност, без разлика колку е густ неговиот распоред. Од читањето се развиваат многу корисни вештини, како што се имагинацијата, вокабуларот, самостојно читање во иднина, како и пишување. Исто така, се стимулира и размислувањето, се поттикнува дискусија, како и критичкиот начин на размислување.

Игра

Иако и другите набројани активности се своевидна игра, детето може да си игра и на многу други начини, а најмногу треба да се поттикнува слободната игра каде што најголема улога ќе има имагинацијата на децата. Кои видови игри да ги поттикнувате?

– Облекување, преправање, игри кои вклучуваат елементи на бајка;
– Физичка игра (парк, прошетка…);
– Структуирани игри со правила („Не лути се, човеку“, „Монопол“…);
– Игри со помнење и игри со карти („Мемори“, „Уно“…);
– Градење (дрвени коцки, лего-коцки…);
– Сензорни игри;
– Игри за развивање на моториката (игри со ситни детали, шиење, сложувалки…).



912

X