Игротека

5 работи што родителите навистина ги прават кога децата спијат

Кога ќе станете родител, слушате многу предлози за тоа што би требало да правите додека вашите деца спијат. Тоа време, без разлика дали се работи за попладневен сон или спиење преку ноќта, изгледа како некое магично време во кое сè е можно и кога нема да го искористите како што би сакале или како што од вас се очекува, се чувствувате како да сте потфрлиле како родител.

Кога не работев и бев со децата по цел ден дома, многу пати слушнав и читав за тоа како родителите би требало да го искористат времето кога нивните деца имаат попладневна дремка. Факт е дека дремката трае од неколку минути до неколку часа и понекогаш тоа е единственото време што родителот го има за да си дојде на себе и да не полуди, а мислам дека тоа е многу поважно од чиста и уредена куќа. И мислам дека многу родители исто се чувствуваат. Затоа, да бидеме искрени, ова се неколку работи што родителите навистина ги прават додека нивните деца спијат.

Седат на каучот и уживаат во тие неколку моменти во кои никој не се качува по нив

Децата се качуваат по вас, ве тегнат, ви приговараат и плачат и со секое дополнително дете, качувањето, приговарањето и плачењето се зголемуваат и понекогаш имате чувство како да ќе пукнете. Затоа попладневниот сон е единствена шанса за родителите кои по цел ден се со децата да можат на мир да седат и да се чувствуваат како луѓе. Сакам да нагласам, ова воопшто не значи дека не ги сакаме своите деца и нивниот непресушен извор на енергија, но ако цели денови ги поминувате со нив, ќе знаете за што зборувам. Дремките може да бидат единствено време што родителот го има за да седи на мир.

Конечно гледаат нешто што навистина ги интересира

Понекогаш гледањето нешто што не е „Прасето Пепа“ или „Снежното кралство“ или детски песни на „Јутјуб“ е единственото нешто што ви помага да се чувствувате како да сте дел од возрасниот свет. Гледањето нешто на ТВ или компјутер што навистина ве интересира ви дава сила да го издржите остатокот од денот и е потврда дека има нешто друго на светот освен вашите деца и детскиот свет.

Читаат книга која нема илустрации и содржи сложени реченици

Како и повеќето други родители, ги знам напамет сликовниците и детските книги на своите деца. Исто така, го знам речиси целиот дел со детски наслови во нашата библиотека и поголемиот дел од времето се чувствувам како со децата да живееме заедно со нивните омилени јунаци од книгите. Но, како возрасна личност, морам да признаам дека ми недостигаат книгите за возрасни кои го хранат нашиот ум, кои имаат вистинска содржина, имаат структура и сложени реченици и кои ми кажуваат нешто за реалниот свет. Верувам дека не сум единствениот кој признава дека времето кога децата спијат го користам за читање книги во тишина и се чувствувам неверојатно среќно.

Секс

За родителите на мали деца постојат само неколку шанси кога може да уживаат во сексот: тоа е попладневниот сон, вечерните часови кога децата спијат или кога се кај некоја трета личност, без разлика дали е баба, дедо, дадилка, пријател итн. Имено, сите опции имаат свои маани. Кога зборуваме за дремките, тие најчесто не траат доволно долго, а кога децата ќе заспијат навечер, вие сте премногу изморени за што било друго. Но, она што е сигурно, ако имате избор помеѓу секс и чистење на домот кога децата спијат – изберете секс.

Спијат

Откако последната ноќ сте спиеле само неколку часа, прилично е лесно да се заспие заедно со децата во текот на нивната попладневна дремка. И верувајте ми, попладневниот сон, откако повеќето ноќи сте ги поминале будни – е една од подобрите работи во животот!

Автор: Клинт Едвардс

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top