Никогаш не знаете низ што поминала некоја трудница во својот живот по прашањето за бременоста и децата. Можеби имала неколку спонтани абортуси пред оваа бременост за која сакате да коментирате. Можеби ова ѝ е успешна бременост откако го искористила последното достапно јајце за вонтелесно оплодување после години, години неуспешни обиди и истовремено е и среќна и исплашена. Немате поим каков живот имала и низ што сè поминала и навистина не ѝ требаат прашања поврзани со полот. Ако сака да го сподели тоа со вас, ќе ви каже без да ја прашате. Освен тоа, имајте на ум дека тоа прашање веројатно сите ѝ го поставуваат, па веќе ѝ е дојдено преку глава.
Ако сакате да поставите малку поинакви прашања, еве примери:
1. Како успеваш да изгледаш толку добро во бременоста?
2. Како можам да ти помогнам? Може ли да ти ги носам работите? Сакаш да седнеш? (ако сте во јавен превоз, или ако клупите во паркот се зафатени). Може ли да ти купам сладолед или нешто друго?
3. Имаш ли некој од фамилијата или пријател да ти помогне откако ќе се роди бебето? (Ако одговори одречно и ако ви изгледа дека е малку загрижена поради тоа, понудете ѝ помош).
4. Дали го преуредувате станот за да го приспособите за бебето?
5. Може ли понекогаш да ти донесам зготвен оброк откако ќе се роди бебето или барем тазе печени колачиња?
Секако, постојат уште многу прашања што се добри, на пр., дали ѝ треба некоја литература за читање, каде размислува да се породи, дали е задоволна од гинекологот што ѝ ја следи бременоста, дали ѝ недостига нешто од опремата за бебиња…
А постојат и куп други теми што не се поврзани со бременоста за кои може да разговарате и дознајте за што сака да зборува трудницата. Ако разговарате во живо, по изразот на лицето ќе сфатите дали сака да разговара и дали некои прашања ѝ пречат, а ако ѝ се обраќате преку пораки, бидете многу внимателни, држете се до основните прашања.
Воздржете се од:
– Давање какви било совети ако не ве прашала;
– Раскажување на негативните искуства низ кои сте поминале вие или некој близок (поврзано со бременоста, породувањето и сл.);
– Повеќекратно нудење на трудницата со што било (помош или работи) ако еднаш ви каже дека не ѝ треба ништо.