Додека вие се грижите и правите сè за вашето дете да се чувствува безбедно додека е во вашиот стомак, тоа е зафатено со растот, развојот и учењето на нови и возбудливи трикови.
Третиот триместар од бременоста е особено возбудлив бидејќи бебето почнува да се однесува како мал човек!
Прочитајте пет неверојатни работи што ги прави вашето бебе во третиот триместар од вашата бременост кои за порталот Motherly ги издвои Дијана Спалдинг, мајка на три деца, акушерка и педијатриска сестра.
1. Станува потешко
Нозете и рацете на бебето се веќе добро формирани, па сега тоа е зафатено со зголемување на тежината. Во последните неколку недели од бременоста бебето добива по околу 20 грама неделно. Мастите што се развиваат помагаат на бебето да му биде топло и, се разбира, да биде подготвено за гушкање и штипкање кога ќе излезе од матката.
2. Го вежба дишењето
Бебето целиот кислород го добива од папочната врвца и плацентата, но уште додека е во матката учи да дише со цел да се приспособи кога ќе излезе надвор. Во моментот на раѓање циркулаторниот систем на бебето драматично се менува, овозможувајќи му да го вдише воздухот што и ние го дишеме. Тој прв здив навистина е прекрасен!
3. Ги отвора очите и трепка
Бебињата почнуваат да гледаат светло во вториот триместар од бременоста, но околу 28. недела од бременоста можат да ги отворат очите и да трепнат. Ако ја насочите светилката кон вашиот стомак, бебето најверојатно ќе ги отвори очите и ќе намигне – неговата прва игра! Интересен факт: пигментот на очите на неродените бебиња сè уште се развива и ќе продолжи да се развива дури и по раѓањето.
4. Открива вкусови и уринира
Бебето сега може да ја вкуси храната што ја јадете преку амнионската течност. И додека вие уживате во својата омилена храна, вашето бебе учи сè за новите вкусови. Сега е вистинско време да го научите еден ден да го сака кељот.
Другиот дел не е така сладок, но е неверојатен и важен. Вашето бебе почнува да уринира! Голта еден дел од амнионската течност, ја преработува и потоа ја уринира.
5. Го слуша вашиот глас и го обожава
Вашето бебе веќе некое време може да слуша (приближно од 18. недела од бременоста). Меѓутоа, во третиот дел од бременоста вештините за слушање на бебето напредуваат и тоа може да слуша, но и да ви одговори. Истражувањата откриле дека кога мајките пеат „ла“, бебињата во стомакот ја отвораат и ја затвораат устата заедно со нив – нереално, нели? Затоа немојте да се срамите: зборувајте му, читајте и му пејте му на вашето бебе. Наскоро ќе го правите тоа заедно.
912