Како мајка на две деца, често се прашувам дали правам доволно за нив. Жонглирање помеѓу кариера/бизнис, пријатели, брак, сметки, грижа за себе и родителство, некогаш имам чувство како сето тоа да е невозможно да се постигне. И покрај тоа што ги сакам моите деца со секој атом од моето тело, тие сигурно добиваат помалку од моето „СЀ“ кое сакам да биде насочено кон нив. Сепак, даваме сѐ од себе за да ги воспитаме нашите деца да израснат во добри луѓе. Како што поминуваме низ брзото темпо на обврски, чешлање коса, пакување ручек, перење облека, носење и земање од училиште, пишување домашна или што било друго, се надеваме дека тие знаат оти сето тоа го правиме од љубов. Сепак, веројатности има и дека сето тоа го земаат здраво за готово. Бидејќи тие се деца! Знаеме колку е важно да им кажуваме дека ги сакаме, но има и други начини за да им ја покажеме нашата љубов. Ова се неколку совети во врска со тоа:

Слушајте ги

И не мислам на слушање додека сте во процес на мултитаскинг. Оставете го телефонот, исклучете го телевизорот, тргнете се од компјутерот и навистина фокусирајте се на она што ви го кажуваат децата, обрнете им внимание. Тоа ваше внимание нема да помине незабележано.

Побарајте го нивното мислење

Ако мислите дека сте завршиле работа затоа што само сте ги сослушале, почекајте да ја видите реакцијата кога ќе ги прашате за нивното мислење. Кога им давате таква можност, вие им кажувате на децата дека се важни. На тој начин може да се поврзете со нив на подлабоко ниво, а децата ќе знаат да го ценат тоа.

Прегрнувајте ги

Има неколку придобивки од прегратките, вклучително и ослободување од стрес, кревање расположение, подобра самодоверба кај децата, градење меѓусебна доверба и зајакнување на чувството за безбедност. Па така, покажете им многу љубов на децата со прегратки!

Нарачајте или згответе некое од нивните омилени јадења

Ништо не вели „те сакам“ како храната. Освен можеби сознанието дека некој навистина ве разбира. Кога ќе одвоите време да забележите што вашите деца сакаат да јадат и кога ќе го обезбедите тоа за нив, тие ќе ја добијат пораката на љубов и внимание јасно и гласно.

Одвојте време еден-на-еден со вашите деца

Без разлика дали е тоа играње игри, танцувате, готвите оброк со нив, или одите на прошетка, најважно е што децата знаат дека сте ги посветиле тие моменти за да бидете со нив. Ќе се зајакне вашата меѓусебна грижа, а децата ќе го ценат тоа што двоите скапоцено време за нив. Да кажувате „те сакам“ е многу важно, но кога ќе го покажете тоа преку примери, тогаш навистина е бесценето. И на вашите деца многу ќе им се допадне.

Автор: Чамин Аџан

Извор



912

X