Четиригодишниот Џејмс не сака да игра сам. „Тој ужива во редење лего-коцки и играчки кои вклучуваат градење, но дури и тогаш се чини дека сака возрасно лице да си игра со него“, рекла неговата фрустрирана мајка Лори Хоган. „Тој сака да ни го покажува својот напредок на секои пет минути“.

Истата приказна се одвивала и во неговата претшколска установа. „Џејмс постојано бараше интеракција со возрасните околу него“, рекла Хоган. „Тој нема да троши многу време играјќи си игри сам“.

Ако вашето дете е како Џејмс и не сака да игра самостојно, тоа има добра страна: Фактот дека детето е добро во интеракција со возрасните и другите деца е позитивен знак за неговата развојна зрелост, истакнува Џејн Хевс, вонреден професор на раната програма за учење и грижа за децата на Универзитетот „Мекјуан“ во Едмонтон.
Но, вашето дете нема да ве има вас или друг другар за играње на располагање цело време и треба да се навикне да игра само. Еве неколку стратегии за на децата да им биде поудобно да играат сами:

Почнете постепено

Однапред предупредете го вашето дете дека ќе го оставите неколку минути (да речеме, ќе одите да измиете некои садови), но не одете предалеку и погрижете се да се вратите кога ќе кажете дека ќе го направите тоа, истакнува Чаја Кулкарни, директор на одделот за промоција на менталното здравје на доенчињата во детската болница во Торонто. „Со текот на времето, потребата за вашата близина ќе се намали“, вели таа. Она што не сакате да го направите е да се прикрадувате кога вашето дете не гледа бидејќи тоа може да го алармира и само да ги зголеми неговите барања за вашето внимание.

Заменете ги играчките

Соберете неколку играчки, ставете ги во кутија и оставете ги таму неколку недели. Предметите ќе му изгледаат нови на вашето дете кога повторно ќе му ги покажете и нема да забележи дека ве нема (барем накратко!).

Паралелна игра

„За да ги поттикнат децата да бидат независни и да си играат сами, родителите треба да го моделираат тоа однесување за нив“, вели Хјус. Предложете детето да гледа во некоја книга додека вие ја читате вашата книга или седнете го на маса да бои додека вие ги разгледувате сметките. „Има голема придобивка од правењето слични активности заедно со нив“, вели Хјус. „Тие гледаат што правите и го имитираат вашето однесување. Тие сакаат да бидат исти како вас“.

Планирајте датуми за играње

Спротивно на она што можеби го мислите, „саморегулираната игра не се развива од моментите кога детето игра само – таа всушност доаѓа од интеракција со другите“, вели Хјус. Часовите поминати во борба со „змејови“, играње криенка и заспивање на бебињата-кукли со други деца ќе ја разгорат фантазијата на детето кога е само дома. Играјќи со другите, вашето дете ќе научи да се менува и да развива трпение – вештини што му се потребни за да биде задоволно кога вие не можете да го забавувате.

Вклучете ги децата

Признајте ја потребата на вашето дете за вашето внимание со тоа што ќе го вклучите во она што го правите. Побарајте од децата да ви помогнат да ги миете садовите, да диплите алишта, да ги собирате листовите од дворот или да ја исчистите трпезата. Тие се забавуваат додека ги завршувате вашите задачи и на крајот добиваат чувство дека нешто постигнале.

Запомнете дека тоа е работа во тек – не паничете ако процесот трае некое време.

Во куќата на Хоган, Џејмс троши малку време играјќи со неодамна „повторно откриениот“ сет на лего, а неговата мајка ја гледа оваа нова саморегулирана игра како охрабрувачки знак. „Сè уште се обидуваме да одговориме на неговите потреби“, вели таа. „Но, не секогаш запираме со сѐ за да играме со него кога треба да ги завршиме нашите обврски“.

Автор: Лора Гранде

Извор



912

X