Во петтиот месец бебето станува љубопитно во многу поголема мера. Внимателно следи сè што се случува околу него и се обидува активно да учествува во тие настани.

Тоа ќе овозможи поинтензивен психомоторен развој, особено интерес за сопственото тело, но и обиди за вртење настрана и дофаќање оддалечени предмети.

Психомоторен развој

Во положба на стомак, бебето го поместува тежиштето на телото на стомакот. Ако сака да го прошири полето за играње, ги пружа лактите нанапред. Ако ја здогледа омилената играчка надвор од полето на дофат, ќе се постави во сигурна положба на стомак. Главата, градниот кош и рацете ќе ги подигне во воздух и ќе „плива“ со нозете кратко време.

* Во лежечка положба, бебето зазема „седечки“ став со право тело и нозе подигнати во вис, ги допира своите колкови и ги набљудува стапалата. Така ги јакне мускулите кои се потребни за подоцна кога ќе седи, а притоа не го оптоварува ‘рбетниот столб, кој уште не е доволно стабилен за вертикално седење. Ако нозете на вашето бебе постојано се испружени, поразговарајте за тоа со педијатарот.
* Тркалањето настрана станува сè поактивно и со цел. Бебето ги насочува раката и ногата преку средината на телото кон другата страна, во обид да се преврти.
* Доенчето сè посвесно ја фаќа играчката. Ако му ја додадеме отстрана, ќе ја дофати со прстите и испружен палец. Внимателно ја набљудува и ја префрла од рака во рака. Ова е исклучително крупен чекор во развојот на мозокот на бебето. Ако вашето дете, во настојувањето да ја дофати играчката, секогаш ја врти главата наназад и не може да ја дофати, поразговарајте со педијатар.
* Дека мозокот созреал покажува и вртењето на главата во правец на изворот на звук. Тоа мора да биде еднакво успешно од обете страни.
Освен развој на сетилата, бебето покажува и први знаци на помнење: ако со марама ја прекриеме раката во која ја држи играчка со која си играло, ќе ја извлече раката заедно со играчката.
* Доколку вашето петмесечно доенче не реагира на звук од една или од двете страни, или не е заинтересирано за околината, посоветувајте се со педијатар.

Исхрана на бебето

Мајчиното млеко и витаминот Д и натаму ги задоволуваат потребите на бебето за хранливи материи и вода, што е идеална варијанта. Меѓутоа, ако немате доволно свое млеко, или бебето покажува интерес за друг вид храна, гледајќи ве како јадете, во петтиот месец можете да почнете со воведување немлечна храна. Тоа особено важи за доенчињата што се хранат со адаптирани млечни формули.

Дали е подобро бебето да се храни со купечки или со домашни кашички?

Пред триесетина години недвосмислено би ги препорачала домашните кашички. Меѓутоа, денес постои реална опасност овошјето и зеленчукот што ги купуваме на пазар да се позагадени со разни хемиски средства од оние од кои се направени кашичките од реномирани производители. Тие го гарантираат потеклото од таканаречени биофарми, каде што се одгледува на целосно природен начин. Сепак, повеќето готови кашички содржат адитиви кои им обезбедуваат рок на траење од неколку месеци. Идеално би било бебето да се храни со свежо подготвени кашички од намирници од познат производител, кои гарантирано не се загадени, а пред подготвувањето се добро исплакнати под млаз вода. Освен тоа, готовите кашички се целосно пасирани, па кај доенче на кое му растат запчиња не му ја задоволуваат потребата за џвакање. Сепак, тие се многу посигурни кога сте на патување, но и попрактични се во сите ситуации кога не сте дома.

Здравјето на бебето

Кога веќе ќе излезат тие запчиња?

Бебето многу се лигави, станува нервозно, ги става рачињата в уста, а непцата му се црвени и натечени. И покрај сите овие знаци дека запчињата наскоро ќе почнат да никнуваат, кај повеќето бебиња тоа ќе се случи по навршени шест месеци. Тешкотиите што ги имаат пред тоа ублажете ги со гумени „глодалки“ кои мора да се добро измиени.
Повремено непцата на бебето може да ги премачкате со анестетски раствор за таа намена (не смеете да претерате). Во случај на изразена болка, може да се даде и половина лажичка сируп парацетамол, не повеќе од двапати во денот.

Воспаление на увото

Понекогаш бебето се чини дека е нервозно поради никнувањето на запчињата, па може да одбива храна, да ги допира ушињата, да има повишена температура и/или пролив. Овие симптоми многу поретко се предизвикани од излегувањето на забите отколку што се мисли. Ако бебето е мрсулаво, најверојатно го боли увото. Воспалението на средното уво почесто настанува кај доенчиња што се хранат со шишенце отколку кај доените, бидејќи млекото од шишенце, ако бебето се храни во лежечка положба, може да достигне директно во средното уво, низ каналот познат како Евстахиева туба, а таму претставува добра храна за бактерии. Типично е гладното доенче интензивно да плаче, а кога ќе се обиде да цица – ја одбива дојката или шишето поради болката што се јавува во увото. Особено е карактеристичен вресокот од длабок ноќен сон, предизвикан од силна болка во увото.

Што да направите среде ноќ?
При сомнеж за воспаление на увото на бебето треба добро да му се исчисти носето, со физиолошки раствор, со помош на пумпичка или аспиратор за нос. Доколку не се смири, дајте му половина лажичка парацетамол и почекајте го утрото. Во случај симптомите да продолжат, бебето треба да се однесе на детски или ушен лекар, кој ќе го прегледа и ќе преземе лекување, ако има потреба.

Како да се спречи воспаление на увото?

Настинките се неизбежна појава, кога-тогаш ќе се случат. Прв и највпечатлив симптом е секрет во носот. Носот треба да се чисти со физиолошки раствор, повеќе пати во денот, а задолжително пред хранење за детето да може да диши преку носот додека цица. Во спротивно, ќе мора секој момент да ја испушта дојката или цуцлата за да земе воздух, што ќе го наруши механизмот на цицање и ќе доведе до влегување млеко во Евстахиевата туба, што ќе заврши со инфекција. Воспалението на увото почесто се јавува кај бебиња на кои ушите им се чистат со стапчиња, па ушните лекари никако не ги препорачуваат.

Играње со бебето

Сега повеќето бебиња веќе не се лесни за носење. Иако многу од нив од полуседечка положба се обидуваат да седнат, сè уште е рано за тоа. Но затоа, просто уживаат да ги носите со грбот свртени кон вас, придржувајќи ги меѓу нозете и под рацете бидејќи така најлесно можат да ја набљудуваат околината и да си играат со рачињата. Во положба на грб, многу ќе се забавуваат со ниска од ѕвечалки распната меѓу страните од креветчето, која ќе ја удираат со рачињата, врескајќи од задоволство кога ќе чујат како ѕвечка.

Сепак, најмногу ќе се израдуваат на вашиот лик и глас, обидувајќи се да ве допрат, па и да ви ја искорнат косата.

Автор: Маја Скендер, педијатар

 



912

X