Децата не се раѓаат со чувство на одговорност кон чистотата на телото, туку задача на родителите е да ги научат дека е важно да одржуваат лична хигиена, за што помалку да фатат вируси, инфекции и воопшто за да го сочуваат сопственото здравје. Што е значајно да усвојат?

Мора што почесто да ги мијат рацете

Природно е малите деца да не размислуваат многу за тоа, но не и да не им се каже „пред и по јадење треба да се измијат рацете…“ И не само тоа. Важно е да ги измијат веднаш штом ќе се вратат од улица, и тоа со топла вода и сапун, да ги тријат најмалку 20 секунди и да ги избришат со пешкир или марамче.
Миењето на рацете е првата и најважна лекција. Родителите мора да им објаснат на децата дека така ги спречуваат разните „штетници“ да ги нападнат. Во време на вируси би било пожелно со себе да имаат и средство за суво миење на рацете.

Носот да го бришат со марамче

Малите деца се несмасни, па носот или воопшто не го чистат или тоа го прават онака, бришејќи се со маицата. Киваат и кашлаат, а не ги ставаат рацете на нос и уста. Така го загрозуваат и своето и здравјето на околината. Затоа мора да им се соопшти дека е важно секогаш со себе да носат хартиени марамчиња. За тоа брзо да го усвојат, купете им некои детски, миризливи, со убав дизајн. И нека знаат дека по употреба мора да ги фрлаат во канта, а не да ги држат в џеб.

Редовно да се тушираат

Објаснете им дека секоја вечер би требало да се тушираат бидејќи така во кревет одат чисти, а утредента се будат поздрави. Потрудете се тоа да го усвојат без отпор, така што ќе им дозволите да уживаат во бањањето, со некој убав шампон што тие го избрале или омилената гумена играчка.

Редовното миење на забите и чистата долна облека се основните хигиенски навики на секој човек.

Да ги мијат забите наутро и навечер

Тоа што се мали не значи дека не треба да ја одржуваат хигиената на забите и усната шуплина, а тоа се постигнува доколку 2 пати (или 3) се „дружат“ со четкичка и паста. Најкратко 2 минути. Така уште од раните денови ќе ја чуваат својата насмевка и нема да им се расипуваат забите.

Секој ден да ја менуваат долната облека

Ако како малечки го усвојат фактот дека одржувањето на хигиената значи во кревет да одат со чиста долна облека, тоа ќе им стане природна работа. Објаснете им дека е поубаво кога мирисаат на чисто и тие тоа ќе го сфатат како нешто што би требало да се подразбира, а не како товар.

Извор



912

X