Додека на бебињата им е „дозволено“ да гризат, било поради истражување на нивната околина било поради растењето на забите, кај поголемите деца оваа навика треба да се искорени што е можно побрзо.
Секој родител знае колку е срамно кога неговото дете ќе гризне друго дете. Додека малото бебе може да ве гризне вас, или некој друг, или што било додека го истражува светот околу себе, или додека му растат забите, поголемите деца и децата што се на предучилишна возраст можат истото да го направат поради лутина или нервоза. Гризењето не е ретка појава кај децата, но по 18 месеци може да биде сериозен проблем. За среќа, со ваша помош децата можат да престанат со оваа непријатна навика.
Како детето да не ги гризе другарите?
Првиот чекор
Разговарајте со него и кажете му дека гризењето не е прифатливо. Дури и ако вашето дете не разбира дека гризењето повредува, важно е константно да му нагласувате дека тоа не е во ред.
Кога ќе забележите дека сака да гризне некого, погледнете го в очи, посочете го прстот и со мирен, но строг глас кажете: „Нема гризење. Тоа не е убаво!“ Доколку детето не ги разбира зборовите, ќе ја разбере пораката дека не сте задоволни од неговото однесување преку вашиот глас и говорот на телото.
Вториот чекор
Обрнете внимание на предизвикувачите. Бидејќи вашето дете гризе поради фрустрација или поради лутина, кога си игра со другите обрнете поголемо внимание на овие знаци, и интервенирајте веднаш штом ќе забележите. Спречувањето на детето да гризе е еден од начините да ја искорените оваа лоша навика.
Третиот чекор
Научете го детето за што служат забите. Наместо да се фокусирате на она што не треба да го прави, научете го за што користат забите. Објаснете му дека забите служат за џвакање на храната.
Четвртиот чекор
Дајте му на детето алтернатива. Доколку гризе бидејќи е луто, помогнете му својата лутина да ја искаже на друг начин. Научете го да користи зборови наместо заби за да ги изрази своите чувства. Кога помалите деца не знаат низа зборови, научете ги кои зборови да ги користат. На пример, ако детето е луто и тргне да го гризне своето другарче бидејќи му ги растурило коцките, интервенирајте и кажете му: „Знам дека си лут, но кога сме лути кажуваме – ‘јас сум лут’, а не гриземе.“
Петтиот чекор
Користете пауза. Доколку го видите како гризе, веднаш пратете го на пауза. Строго кажете му дека гризењето не е прифатливо и пратете го да седне на дното на скалите и да седи таму онолку минути колку што години има.