Вкупно 45 оздравени пациенти од Ковид-19 се регистрирани денеска на Институтот за јавно здравје, соопшти Министерството за здравство. По градови: Скопје -19, Куманово -25, Прилеп -1. МЗ информираше дека во шест градови во земјава, меѓу кои и Дебар нема повеќе активни случаи со Ковид-19. Останатите градови се: Радовиш, Гевгелија, Струмица, Пробиштип и Демир Хисар.

Во изминатите 24 часа направени се 199 тестирања, а потврдени се 15 нови случаи на Ковид-19 и тоа во: Скопје -2, Куманово -7, Прилеп -4, Тетово -1, Струга -1.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби денеска за прв пат од почетокот на епидемијата, во 24 часа, нема прием на нови пациенти, позитивни или сомнителни на Ковид-19. На клиниката починал еден пациент, 61 годишен од Струга, со повеќе коморбидитети и тешка форма на болеста, хоспитализиран од 24 април, а испишани се 8. Во моментов се хоспитализирани 39 пациенти, од нив 20 потешко болни и на кислородна поддршка и 1 критично болен пациент на механичка вентилација.

Лабораторијата на Жан Митрев доставила допис со исправка до ИЈЗ за позитивни резултати на 3 лица (2 од Скопје и 1 од Битола) пријавени на 24 април. Трите лица се всушност негативни, а причина за грешката е најверојатно контаминација на материјалот. Кај трите лица лабораторијата во Жан Митрев уште веднаш, на 25 април, направила контролен тест на оригиналниот материјал, но и на нов брис по што се добиени негативни резултати, а истите лица се тестирани и преку ИЈЗ и тие резулатати се негативни.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја изнесува 1.506, од кои оздравени пациенти се 852 , починати се 82, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 572.



912

X