Дали вашето дете при одвојувањето од вас е назаинтересирано, исплашено или збунето? Според теоријата на приврзаноста, начинот на кој мајката ги задоволува потребите на своето бебе влијае врз развивањето сигурна или несигурна врска и има влијание врз подоцнежното однесување и односите во животот на детето.
Емоционалната врска што детето ја создава со родителите, најчесто со мајката, се нарекува приврзаност, а се манифестира со барање и одржување одредена блискост, особено во стресни ситуации. Во минатото се сметало дека приврзаноста се развива непосредно по раѓањето и тоа во контакт со мајката, но многубројни истражувања покажале дека тоа не е така. Приврзаноста на детето е под големо влијание на родителската чувствителност за неговите потреби, но влијание има и неговиот темперамент.
Зошто некои мајки не можат да се поврзат со своето бебе?

Тест во соба со играчки

Британскиот психолог Џон Болби се смета за татко на теоријата на приврзаност, кој заедно со своите соработници извел голем број експерименти на оваа тема. Еден од нив бил и перцепцијата на однесувањето на мајката и детето во соба полна со играчки. Со истражувањето било уочено дека постојат деца со несигурна приврзаност кои никогаш не го напуштиле скутот на мајката, дури ни да си поиграат со многу интересни играчки. Некои ја оставале мајката за да си поиграат со играчките и не се враќале извесно време.
Освен овие две групи, постоеле и деца што на почетокот биле блиску до мајката, но постепено оделе да се позанимаваат со играчките. Тие редовно се вртеле за да видат каде е мајката, па на тој начин воспоставувале контакт со „изворот на сигурност“, за потоа да продолжат да играат и да истражуваат. Ваквите деца имале сигурен тип на приврзаност.

Постојат 4 основни вида врски меѓу детето и мајката: сигурна, анксиозно-избегнувачка, амбивалентно-спротивставувачка и дезорганизационо-контролирачка приврзаност.

1. Сигурни мали истражувачи

Квалитетната грижа за детето е многу важна. Под квалитетна грижа се подразбира честа интеракција со детето, прифаќање на детето и на неговиот темперамент, како и почитување на детето без обиди за приспособување кон нашиот ритам и темперамент. Таквиот родител поставува разумни граници, доследен е во нивното спроведување и учествува во детското истражување на светот низ игра.
За родителот да може да помогне детето да научи како функционира светот, треба го критикува неговото однесување, а не неговиот темперамент. Родителите што се однесуваат на ваков начин развиваат сигурна приврзаност со детето. Таквите деца ќе истражуваат при нови и непознати ситуации, а на разделувањето од мајката ќе реагираат со помал страв.

2. Деца што избегнуваат блискост

Децата што покажуваат мала вознемиреност при одвојувањето од родителите, а силно се вознемируваат единствено кога остануваат целосно сами, се деца со анксиозно-избегнувачка приврзаност. Тоа се деца чии мајки зборуваат со нив со топли зборови, си играат со нив, но не сакаат близок контакт. Ваквите деца покажуваат помалку истражувачко однесување, имаат недостиг на емпатија и избегнуваат поблиски емоционални врски. Кога ќе пораснат, немаат доверба во другите луѓе и покажуваат страв од интимност.

3. Плашливи деца кои се недоверливи кон непознати луѓе

Поради недоследното однесување на мајката, настанува амбивалентно-спротивставувачка приврзаност. Таквата мајка понекогаш ја задоволува потребата на детето за блискост, а понекогаш не. Тие деца во непозната ситуација малку ќе истражуваат и често ќе бидат недоверливи кон непознати луѓе, дури и во присуство на родителот. Таквите деца стануваат несигурни, плашливи, а другите лица ги доживуваат како несигурни и недоследни.

4. Без подготвен одговор на стресни ситуации

Последниот вид е дезорганизационо-контролирачка приврзаност која се карактеризира како смеса од избегнувачко, амбивалентно и сигурно однесување. Тие деца немаат организиран образец на однесување, туку се збунети, уплашени и можат да се однесуваат недоследно или противречно. Често се јавува кај деца чии мајки биле малтретирани.

Влијание на видот на приврзаност во подоцнежните односи

Сигурната приврзаност овозможува поквалитетен однос со врсниците, популарност, развој на социјалните вештини и зголемена доверба во однос на другите деца, а подоцна и возрасни луѓе. Сигурно приврзаните деца покажуваат поголемо ниво на самодоверба и приспособливост, а во однос на родителите покажуваат зголемена самостојност и помала зависност од своите несигурно приврзани врсници. Тие покажуваат помала агресивност, лутење и гнев, повеќе се согласуваат со врсниците и покажуваат поголема послушност.
Недостигот на приврзаност во најраната возраст на детето резултира со проблеми во однесувањето на школска возраст. Поради недостиг на приврзаност, децата се поагресивни и подепресивни, па затоа пројавуваат повеќе емоционални проблеми, како и проблеми во однесувањето, во споредба со врсниците што се сигурно приврзани.

Кој тип приврзаност ќе го формира детето, зависи од однесувањето на мајката кон него, квалитетот на нивниот однос, мајчината грижа и нежност, забележувањето на сигналите на детето и нивна точна интерпретација, како и соодветниот одговор на нив.

Автор: Лана Жигиќ Антиќ

 



912

X