Секој почеток е тежок, па и одгледувањето дете. Сега, повеќето мајки и татковци можат и да здивнат бидејќи ритамот на спиење и на хранење на бебето колку-толку е воспоставен.

Во второто тримесечје од животот бебето не добива на тежина со исто темпо како на почетокот, но затоа се интензивира психомоторниот развој. Тоа почнува да разликува ден од ноќ. Во текот на денот е повеќе будно, а ноќе спие подолго.
Полека го запознава светот околу себе, а вие со големо задоволство ќе забележите дека неговиот круг на интерес веќе не е ограничен само на она што го гледа околу себе, туку интензивно ги следи случувањата во својата околина. Се врти по предмети и звуци кои му го привлекуваат вниманието, но тоа кратко трае.

Што може да прави бебето во четвртиот месец?

Во овој период, кога бебето лежи на стомакот, може да одржува рамнотежа. Предуслов за тоа е лактите да се пред линијата на рамената, а тежината на телото да е на стомакот. На три месеци бебето ја поместува тежината на телото од градите на стомакот. Оваа фаза на движење е: „потпор: лакот-карлица“ и само од таа положба детето слободно може да ја врти главата. Рамениот појас на бебето веќе е толку силен, што тоа може лежејќи на стомак да ја подигне главата за 90 степени, потпирајќи се на подлактниците, па и да се преврти настрана (и да падне од работ на висока подлога, затоа ни за момент не оставајте го необезбедено!).

Кога на четири месеци ќе ја подигне едната рака, бебето се потпира на лакотот кој лежи на подлогата и ја поместува тежината на колкот. Доколку вашето бебе и натаму ги држи рацете до телото и не ги пружа пред себе за да се потпре на нив, поразговарајте со педијатарот. Држењето на телото и на екстремитетите станува претежно симетрично поради постепеното гаснење на асиметричниот тоничен рефлекс на вратот.

Во положба на грб, бебето зазема хоризонтална седечка положба, во која си игра со своите рачиња и ножиња. При повлекувањето за рацете од лежечка во седечка положба, се забележува активно подигнување на главата, која го следи телото. ‘Рбетниот столб сè уште е преслаб за да овозможи самостојно седење, но полуседечката положба повремено ќе му годи на бебето, особено кога се вози во количка бидејќи ќе може да го набљудува светот околу себе.

Сега бебето веќе со поглед го следи предметот оддалечен дваесетина сантиметри, понекогаш и ја пружа раката за да го дофати. Предметот што му се држи блиску до дланката или до јаболчињата од прстите го зграпчува со дланката и го принесува кон устата. Го врти главчето во насока на познат глас, може гласно да се смее, па дури и да вика од задоволство. Гугањето полека се менува, добивајќи емоционален тон.

Првата фаза во психичкиот развој е орална. Тоа значи дека детето ги запознава предметите така што прво ќе ги погледне, потоа ги зема во раката да ги опипа и на крајот го пробува нивниот вкус. Сепак, поради опасноста од таквото однесување, постојано ќе треба да имате „вклучени антени“ бидејќи во устата на бебето може да стигне сè и сешто – што може да му го загрози здравјето, па и животот. Бебето интензивно се лигави и сè што е на него може да биде влажно. Лигавче од фротир околу вратот додека е будно е добро решение за ова, но кога спие, не смее да има ништо врзано со врвца околу вратот за да не се задави. Дури и пелена во креветчето под главата претставува опасност со оглед дека бебето може рефлексно да ја дофати и да ја намота околу своето лице.

Цицање палец

Некои доенчиња, играјќи си со рачињата, откриваат деца палецот е најинтересното прсте, па почнуваат интензивно да го цицаат. Дали тоа е добро или лошо? Во психички поглед, на оваа возраст е добро и не треба да го спречувате.

Но, ако со текот на времето тоа стане единствена опсесија на бебето – треба на убав начин да му го свртувате вниманието кон други работи. На пример, ставете му во рачето некаква интересна играчка или држете му ги рачињата во вашите раце, играјќи и зборувајќи со него. Дури ако цицањето палец продолжи и на возраст над три-четири години, може да дојде до деформитет на непцата. Сепак, кај повеќето деца до таа возраст оваа навика спонтано исчезнува. Одвикнувањето оди потешко кај деца што се навикнати да се успиваат или смируваат со шишенце или цуцла. Дали цуцлата е добра замена за палецот? Може да биде, но на повеќето бебиња повеќе им се допаѓа палецот. Во секој случај, децата што се помалку осамени поретко цицаат палец или цуцла.

Комуникација со бебето

Најдобро е бебето, кога е будно, да има нешто што ќе му го окупира вниманието. Тие сакаат музика, па музичките играчки се добро решение, но ништо не им е помило од топлината на човечкиот глас. Затоа, пејте му на бебето и зборувајте му при секој контакт. Зборовите кажувајте ги правилно, а не од милост. Бебето ги слуша, а штом ќе биде во состојба, ќе почне да ги кажува како што ги чуло. На бебето му годи милување и нежна масажа по ‘рбетот, рачињата и ножињата. Благотворно влијаат и вежбите, но не се неопходни.
Најдобро е да набавите некој прирачник за масажа и вежби. Тие можат да бидат многу корисни, но не спроведувајте ги по секоја цена.

Исхрана на бебето

Идеално е бебето во четвртиот месец од животот да цица. Доколку тоа не е доволно, педијатарот ќе препорача прихранување со адаптирана млечна формула. На бебето му се дава вода ако е дехидрирано или ако е на вештачка исхрана со формула, за која педијатарот ќе објасни како се подготвува. Се разбира, кога ќе настапат горештини, а бебето е вознемирено, треба да му понудите вода бидејќи преку потењето губи течности, па може да дојде до дехидрирање.
Треба да се продолжи да се дава витамин Д, според препорака од педијатар.

Спиење

Ако бебето и понатаму се буди ноќе за да цица, обидете се ноќниот оброк постепено да го поместувате накај утрото, така што нема веднаш да одговорите на плачењето на бебето, туку ќе го оставите малку да причека. Тоа брзо ќе се навикне, па ќе научи да продолжи со спиењето. Во принцип, многу мали проблеми од првите три месеци се зад вас: установен е начинот на исхрана, нема повеќе грчеви и блуцкања, бебето добро подждригнува веднаш по оброкот.

Меѓутоа, не е добро да се успива со шишенце или цуцла од повеќе причини: млечниот шеќер ноќе подолго се задржува во устата, а поради послабата продукција на плунка, тоа е погодно за развој на бактерии кои ќе ги нападнат првите запчиња. Храната не треба да биде лек за осаменост. На бебето му требаат вашата близина и љубов, вашиот допир и глас за да се чувствува сигурно и тоа не може ништо да го замени. Ако му нудите храна секогаш кога ќе заплаче, може да стане претерано дебело бебе. Иако некогаш се сметало дека дебелината значи и здравје, научно е докажано спротивното.

Лекарски прегледи

Во четвртиот месец бебето би требало да има еден систематски преглед (обично на 3,5 месеци). Доколку педијатарот ви соопшти нешто што ве плаши, замолете го да ви објасни: на пример, што значи ако ви каже дека детето има функционален шум на срцето.

Болно бебе

Се разбира, бебето може и да се разболи. Првиот симптом обично е затнато носе или одбивање храна, а понекогаш и неутешно плачење. Нека не ве фаќа паника ако бебето има покачена температура. Тоа е знак дека се бори со бактериите што ги има насекаде околу нас и на тој начин создава отпорност. Понудете му вода, а при температура над 38 степени (под пазувите), односно 38,5 степени ректално, дајте му парацетамол.

Ако бебето не изгледа добро или невообичаено се однесува, однесете го на лекар. Во повеќето случаи се работи за акутна инфекција – која, со добра нега и евентуална употреба на препишаните лекови, детето брзо ќе ја совлада.

Бронхиолитис

Овде би напоменала едно сериозно заболување кое не е толку ретко, а се јавува кај доенчиња, најчесто меѓу вториот и седмиот месец, и бара болничко лекување. Се работи за бронхиолитис. Во прашање е воспаление на најситните дишни патишта – бронхиолите, кое се манифестира со отежнато и забрзано дишење, свирење во градите, бледило на кожата и помодрени усни.
Болеста речиси секогаш е предизвикана од вирус, а дишната функција сериозно е нарушена, па бебето понекогаш освен лекови мора да добие и кислород. Во најголем број случаи, заболувањето поминува без последици.

Телесен развој

Во просек, здраво дете месечно напредува во тежина околу 750 грама во првото тримесечје, а во второто – околу 600 грама. На редовниот систематски преглед ќе го измерат и во должина. Растењето на бебето во должина се одвива на следниот начин: во првото тримесечје добива околу три сантиметри, а во второто по околу 2 сантиметра месечно. Се следи и обемот на главата. Фонтанелите (заостанатиот мек простор меѓу коските од черепот) постепено се намалуваат.
Малата (задната) фонтанела на оваа возраст обично се затвора, а големата (предната) сè уште не, иако и таа може да изгледа како да е затворена, кај целосно здраво четиримесечно бебе. Наспроти тоа, неговата глава не престанува да расте сè додека шевовите меѓу коските целосно не зараснат, што уште долго нема да се случи.

Предвремено родено бебе

Доколку имате предвремено родено бебе, очекувајте дека неговиот психомоторен развој е соодветен за таканаречената коригирана возраст (возраста што би ја имало бебето кога би се родило навреме). Овие деца се почувствителни и бараат повеќе, па затоа треба да се подготвите и да се вооружите со двојно повеќе трпение.
Но, со правилна нега и исхрана, кај најголемиот број недоносени деца почнува да се забрзува телесниот раст, па со текот на времето ќе ја надоместат разликата во однос на врсниците (таканаречен дополнителен или catch up – раст).

Најчести грешки

Воодушевени од своето бебе (особено со првото), многу родители – сметајќи дека тоа е посебно во споредба со другите деца – претеруваат во барањата, што може да има и негативни последици.

Што не треба да правите:

* Уште е рано бебето само да се успива, па не е време за седење (ни во кенгур-носилка), како ни за стоење. Некои бебиња на четири месеци можат за момент да се потпрат на своите нозе, кога се држат исправени, но набрзо потклекнуваат, за повторно да се обидат. Ова може да им импонира на родителите. Меѓутоа, токму е спротивното: тоа е доказ дека бебето уште не може да стои, па не треба да се форсира на тоа. Ќе биде доволно да седи под агол од 45 степени во носилка или количка.

* Бебето не треба да се вози во автомобил само на задното седиште. Дури и ако имате најдобра можна лежалка, која цврсто сте ја фиксирале на задното седиште, покрај бебето би требало да седи едно возрасно лице или постаро дете.

* На бебето не смее да му се дава цврста храна, а кога се во прашање немлечна храна и овошни сокови, препораката на Светската здравствена организација е дека тие постепено се воведуваат меѓу навршени четири и шест месеци. Меѓутоа, овде не треба да се биде исклучив.

Кого да слушаме?

Слушајќи ги многубројните (добронамерни) совети од баби, пријателки, педијатри, литератури, интернет и кого уште не – може да добиете толку различни одговори на исти прашања што сигурно ќе влезете во конфузија и нема да знаете кого да слушате. Мој совет е: слушајте го вашето дете. Ако пробате нешто ново, ништо лошо не може да му се случи, дури и ако не му годи.
Но ако му годи, ќе ви даде до знаење со радосна насмевка и гугање, па може да продолжите со тоа.

Автор: Маја Скендер, педијатар

 



912

X