„Давате, но давате малку кога го давате она што го поседувате. Кога давате дел од себе, тогаш навистина давате“ – Калил Гибран

Имам безброј спомени од празниците. Повеќето од нив се фокусираат на верата, семејството и традициите.

Но, малку сеќавања во детството ги вклучуваат подароците што ги добив. Јасно се сеќавам на годината кога добив син велосипед, вечерта кога јас и татко ми добивме „нинтендо“ и кога секоја година ги отворавме божиќните чорапи од нашите баба и дедо. Но освен тоа, моите спомени за примање подароци се прилично ретки. Токму тоа ме натера да размислам… каков подарок можеме да им дадеме на нашите деца, а никогаш да не го заборават? Кои подароци навистина ќе влијаат врз нивните животи и засекогаш ќе ги променат?

За таа цел, еве една листа.

1. Афирмација. Понекогаш еден едноставен збор за афирмација може да промени цел живот. Затоа, осигурете се дека вашите деца знаат колку ги цените. Потсетувајте ги на секоја можност што ќе ја имате.

2. Уметност. Со доаѓањето на интернетот секој што сака да создава, може. Само, на светот му се потребни повеќе луѓе што сакаат.

3. Предизвик. Охрабрете го вашето дете да сонува големи соништа. За возврат, ќе постигне повеќе отколку што мисли дека е можно. Веројатно и повеќе отколку што вие мислите дека е можно.

4. Сочувство/правда. Животот не е фер. Никогаш нема да биде. Постојат многу варијабли. Но, кога е направена грешка, сакам моите деца да бидат активни во помагање да се исправи.

5. Задоволство. Потребата за повеќе е заразна. Прифаќањето „помалку е повеќе“ е противотров. Затоа, еден од најголемите подароци што можете да им ги дадете на вашите деца е да бидат задоволни со она што го имаат, со она кои се и кои можат да бидат.

6. Љубопитност. Научете ги децата да поставуваат прашања за тоа кој, што, каде, како, зошто и зошто не. „Престани да поставуваш многу прашања“ се зборови што никогаш не треба да ги кажат родителите.

7. Одлучност. Еден од најголемите одлучувачки фактори за успехот на човекот е големината на нивната волја.

8. Дисциплина. Децата треба да научат сè – од соодветно однесување, како да се согласуваат со другите, како да постигнат резултат, до тоа како да ги реализираат своите соништа. Дисциплината не треба да биде избегната. Наместо тоа, треба да биде конзистентна и позитивна.

9. Охрабрување. Зборовите се моќни. Тие можат да создадат или можат да уништат. Едноставните зборови што ќе изберете да ги кажете денес може да понудат охрабрување и позитивни мисли за детето. Или вашите зборови можат да го испратат во очај. Затоа, изберете ги внимателно.

10. Верност кон партнерот/партнерката. Верноста во бракот вклучува повеќе отколку само телата. Ги вклучува очите, умот, срцето и душата. Негувајте ја вашата сексуалност секојдневно и целосно посветете ѝ ја на сопругата. Вашите деца ќе забележат.

11. Наоѓање убавина. Помогнете им на децата да најдат убавина во сè што гледаат… и во секој што ќе го запознаат.

12. Дарежливост. Научете ги вашите деца да бидат дарежливи со вашите работи, така што потоа ќе станат дарежливи со нивните.

13. Чесност/интегритет. Децата што ги учат вредноста и важноста на чесноста на млада возраст имаат далеку поголема можност да станат чесни возрасни. И чесните возрасни кои се однесуваат искрено со другите имаат тенденција да се чувствуваат подобро во врска со себе, повеќе уживаат во нивните животи и спијат подобро навечер.

14. Надеж. Надежта помага работите да се подобрат. Создава сила, издржливост и решителност. И во очајните тешки периоди од животот ни помага да продолжиме напред.

15. Прегратки и бакнежи. Еднаш ја слушнав приказната за еден човек кој му кажал на својот 7-годишен син дека е преголем за да добива бакнежи. Треба да знаете дека вашите деца никогаш не се премногу големи за да добијат физичка афирмација дека ги сакате.

16. Имагинација. Ако научив нешто во текот на изминатите 20 години, тоа е дека животот се менува сè побрзо и побрзо со секој изминат ден. Светот утре нема да изгледа како светот денес. А луѓето со имагинација се оние што не само што го живеат, туку и го создаваат.

17. Намера. Силно верувам во намерно живеење и намерно родителство. Забавете, размислете кои сте, каде одите и како да стигнете таму. И направете го истото за секое ваше дете.

18. Вашиот скут. Тоа е најдоброто место во целиот свет за книга, приказна или разговор. И пред вас е цело време.

19. Доживотно учење. Страста за учење е различна од учењето за оценка или за задоволување на наставниците. Почнува дома. Затоа, читајте, прашувајте, анализирајте и изложувајте. Со други зборови, научете да сакате да учите.

20. Љубов… најголема од сè е љубовта.

21. Заеднички оброци. Оброците даваат неспоредлива можност за создавање односи. Толку многу што она семејство што не јаде заедно, не расте заедно.

22. Природа. Децата што учат да го ценат светот околу себе, знаат да се грижат за него. Како родител, јас често им велам на децата да ја чуваат собата чиста и уредна. Нели треба да ги учиме и да го одржуваат светот надвор уреден и чист?

23. Можност. На децата им требаат можности да искусат нови работи за да можат да откријат во што уживаат и во што се добри. И спротивно на популарните верувања, ова не бара многу пари.

24. Оптимизам. Песимистите не го менуваат светот. Оптимистите го прават тоа.

25. Мир. На светско ниво, можеби мислите дека не е во ваша моќ. Но, во однос на луѓето околу вас, ова целосно е во ваша моќ и тоа е одлично место за почеток.

26. Гордост. Прославете ги малите работи во животот. На крајот на краиштата, малите достигнувања во животот стануваат големи достигнувања.

27. Место за правење грешки. Децата се деца. Токму затоа им е толку забавно и очајно им е потребно вашето трпение. Дајте им простор за експериментирање, истражување и правење грешки.

28. Самопочит. Децата што учат да се ценат себеси имаат поголема веројатност да имаат самодоверба и самопочит. Како резултат, тие веројатно ќе пораснат во возрасни кои ги почитуваат своите вредности и ќе се придржуваат до нив, дури и тогаш кога никој не ги почитува.

29. Смисла за хумор. Смејте се со вашите деца секој ден… за ваше и за нивно добро.

30. Духовност. Верата го воздигнува нашето гледиште за универзумот, нашиот свет и нашите животи. Би било мудро да им всадиме на нашите деца дека тие се нешто повеќе од месо и крв. Тие се создадени и од ум, срце, душа и волја. И одлуките во нивниот живот треба да се засноваат на нешто повеќе.

31. Стабилност. Стабилниот дом станува темел врз кој децата го градат остатокот од животот. Треба да го знаат своето место во семејството, на кого можат да му веруваат и кој ќе биде таму за нив. Не продолжувајте да ги менувате овие работи.

32. Време. Времето е еден подарок што никогаш не можете да го вратите назад. Затоа, размислете внимателно за тоа кому му го давате вашето време.

33. Целосно внимание. Можеби ова ќе ви биде корисно: исклучете се за да се вклучите.

34. Уникатност. Она што нè прави различни е она што нè прави посебни. Уникатноста не треба да се крие. Треба гордо да се прикаже за целиот свет да ја види, да ја цени и да ужива.

35. Топол дом. Знаењето дека секогаш можеш да си одиш дома е една од најслатките и најдобрите гаранции на целиот свет. Дали вашиот дом му носи живот на вашето дете?

Се разбира, ниту еден од овие подароци не се продава во вашата локална продавница. Но, мислам дека тоа е и целта.

Автор: Џошуа Бекер



912

X