За оние жени што одлучиле да станат мајки, тоа е прекрасна работа. Но, воедно е преполна со предизвици, замор, бессони ноќи и грижа за сите освен за себе. Сосема е нормално да се расплачеме кога мислиме дека не ја завршуваме добро својата должност или кога ни се чини дека едноставно не можеме.

Ако мајката се грижи за себе, ќе може да се грижи и за другите. Во предлог-чекори што следуваат, а кои може да се завршат за 30 дена, мајката ќе стане посвесна за себе и позадоволна.

1. Договорете лекарски прегледи – за себе

Вакцинација, детска вироза, чести заболувања во градинка, сипаници… А кога последен пат сте се грижеле за себе и за своето здравје? И десет минути на ден е доволно за договарање годишен преглед, телефонско закажување кај гинеколог или стоматолог.

2. Самите изгледајте еден филм или епизода од серија

Со новата улога на мајка сите филмски и телевизиски улоги на кои некогаш сме им се восхитувале остануваат споредни. Но, секоја мајка заслужува барем еднаш во месецот да го изгледа филмот кој долго сакала да го гледа или барем епизода од омилена серија. Освен тоа, никогаш не е доволно смеењето од „Пријатели“, зарем не?

3. Одвојте 30 минути за нешто што сакате да го правите

Сликање, пишување, вежбање, слушање музика, читање… Сите тие навидум мали работи може да внесат значајни промени во животот на мајката. Кога правиме нешто во кое вистински уживаме, се зголемува лачењето на хормонот на среќата, а тоа се пресликува и врз односите со членовите на семејството.

4. Додајте мирис во својот дом

Мирисните ноти од свеќите можат да придонесат не само кон поголема удобност во домот, туку и кон подобрување на нашето расположение, а ако се одлучиме за арома-терапија, кои ги намалуваат симптомите како главоболка, сме постигнале двоен успех.

5. Испланирајте излет

Одморот со децата може да биде исцрпувачки, но сепак на семејните патувања се создаваат некои од најубавите спомени. Меѓутоа, за да се оттргнеме од секојдневието, доволно е да се појде и до соседниот град, а таков мал излет ќе биде нешто поради кое ќе се радуваме со денови, дури и кога не се чувствуваме најдобро.

6. Замолете некого за помош околу чување на детето

Мајката не е единствената што треба да се грижи за детето. Таткото еднакво мора да биде вклучен во тоа. Тој не е тука за да „помага и да се вклучи повремено“, туку да се грижи за своето дете. Ако од некоја причина тоа не е опција, немојте да се воздржувате да побарате помош. Без разлика дали се работи за баба и дедо, пријателка или, пак, повремена дадилка, потребни ви се тие неколку часа без децата.

7. Испланирајте забавна семејна активност

Играње во шатор изграден во дневната соба, одење во кино, есенска прошетка во шума – сето тоа се многу едноставни активности кои ќе внесат доза на нешто поразлично во денот и ќе додадат доза на енергија.

8. Дозволете им на децата да учествуваат во домашните работи

Како што растат децата, така е време да бидат вклучени во домашните обврски. Се разбира, поделбата на работите мора да биде во согласност со возраста на детето, па може да се тргне од средување на играчките и сопствениот кревет, а во училишниот период на тоа може да се додаде местењето на масата, бришењето на садовите по миењето и слично.

9. Прочитајте барем неколку страници од книга

Читањето добра книга во мајчинството изгледа како невозможна мисија. Но, дури и со пет страници за кои се доволни помалку од десет минути ќе се активираат мозочните клетки и ќе се потсетите зошто ги сакате книгите.

10. Ново растение во вашиот дом

Растенијата во нашиот дом внесуваат свежина, произведуваат кислород, среќа, а постојат и билки за кои е доволна минимална грижа. Затоа нема причина некоја мајка да не внесе малку зеленило во својот дом и да се развесели.

11. Урамете некоја фотографија од мобилниот телефон

Додека некогаш трпеливо чекавме да се развијат нашите 24 или 36 фотографии и едвај чекавме да ги ставиме во рамки, денес приказната е сосема поинаква. Спомените главно ги чуваме на мобилните телефони, но погледот на драга, испишана и урамена фотографија може во истиот момент да ни го поправи расположението.

12. Уживајте во мирисот на утринското кафе

Не постои ништо подобро од уживање во мирисот на првото утринско кафе и оние неколку минути додека сите уште спијат. Точка.

13. Откажете ја претплатата не е-пораките што не сакате да ги примате

Зошто мора сандачето со електронска пошта да ни биде претрупано со работи кои воопшто не нè интересираат и чие бришење само ни одзема драгоцено време?

14. Престанете да ги следите профилите на друштвените мрежи што негативно ви влијаат на расположението

Сличното важи и за сите оние чие присуство на друштвените мрежи негативно ни влијае на расположението. Притиснете „unfollow“ и решете се од негативноста.

15. Слушајте мотивирачки поткаст

Додека подготвуваме ручек можеме да учиме и преку поткаст, но и да се мотивираме себеси на промени.

16. Една вечер поминете ја без мобилен телефон

Светот нема да застане ако една вечер сме без мобилен телефон и си се посветиме на себе и на саканите.

17. Обидете се да медитирате пет минути

Многумина гледаат на медитацијата како на пат кон внатрешен мир, а со помош на многубројните бесплатни апликации, тоа денес е многу полесно од порано. Само удобно сместете се и слушајте го гласот кој ве води.

18. Освестете се колку вредите

Секој од нас вреди повеќе отколку што мислиме. Храбри сме, бестрашни, ги совладуваме животните предизвици и препреки и за тоа мораме да бидеме свесни.

19. Затворете ги очите, опуштете ги рамената, истегнете го вратот

Долготрајното седење на компјутер или постојаното трчање по децата остава последици врз нашето држење и здравје. Повремено протегнете се.

20. Сконцентрирајте се на своето ментално здравје

Ако внимаваме на нашето физичко здравје, ако одиме на стоматолог кога нè боли заб, зошто да не се освестиме кога ни е потребно и фокусирање на нашето ментално здравје? Со помош на експерти или самостојно читање литература, тоа е нешто на кое мора да внимава секоја мајка.

21. Излезете во природа

Нека биде и во најблискиот парк – докажано е дека престојот во природа поволно влијае врз нашето расположение. Освен тоа, есента е најубавиот период за такво нешто.

22. Трчајте 10 минути

Трчањето е активност од која подобро ќе се чувствуваме, подобро ќе спиеме, ќе го намалиме крвниот притисок, ќе го намалиме ризикот од кардиоваскуларни болести, а сè што ни треба се добри патики. Дури и ако секој ден трчате само пет минути, можете да си го продолжите животот за три години.

23. Изедете оброк во седечка положба

Јадењето над лавабото, јадењето корки од лебот кои децата ги оставиле или придружно хранење со лажичето од бебето ѝ е познато на секоја мајка. Но, барем еднаш неделно седнете на маса, џвакајте го секој залак и активирајте го своето сетило за вкус.

24. Слушајте ја својата најдрага песна од тинејџерските денови

Без разлика дали се работи за денс, поп, рок или некој друг вид музика, нотите што сме ги сакале во младите денови во нас будат позитивни емоции. Засилете го звукот на песната и заиграјте.

25. Замолете го партнерот или пријателката за пет минути масажа

Придобивките од масажите се многубројни, а дури и пет минути може да ја отстранат напнатоста од нашите рамена. Затоа партнерот или пријателката под рака, а потоа можете да им се оддолжите.

26. Поставете си мала цел

Ако за нешто сонуваме, а никогаш не размислуваме за чекорите што се потребни за исполнување, сето тоа останува само сон. Затоа посветете барем неколку минути дневно планирајќи како ќе го постигнете замисленото.

27. Завршете некоја задача што долго ја одолжувате

Е-порака што никако да ја испратиме, одење на автомеханичар, купување слатки за роденденот на детето за кој ни се чини дека нема толку брзо да пристигне, водење на кучето на ветеринар – одберете приоритет и завршете го. Подоцна ќе се чувствувате прекрасно.

28. Испланирајте вечер со пријателките

Додека сопругот, бабата, дедото или дадилката внимава на децата, дозволете си барем еден час излегување со пријателките. Тоа не мора да биде луда забава, доволно е само пиење кафе во квартот во кој живеете.

29. Одете на спиење навреме

Иако изгледа дека перењето на облеката и чистењето на тоалетот се идеални активности откако децата ќе заспијат, сепак, еднакво е важно и мајката да се одмори.

30. Само кажете „не“

Никој од нас не мора да ги задоволи туѓите желби, па ни на оние од децата и сопружниците. Ако не се чувствувате добро поради нешто, кажете „не“ и продолжете понатаму.

Извор



912

X