Сите сакаме да одгледаме ќерка која ќе има самодоверба, ќе биде самоуверена и горда на себе, но како да ѝ помогнеме да стигне дотаму во свет преполн со предизвици?

Д-р Елена Јалоу понуди одговор токму на тоа прашање, па состави краток список со реченици што родителите би требало да им ги кажуваат барем еднаш неделно на своите ќерки. Докторката наведува дека токму со овие реченици родителите може сериозно да влијаат врз изградбата на стабилна, среќна личност полна со самодоверба.

„Одлична си, браво! Знам дека многу работеше на ова“

Зошто е корисна оваа реченица? Според д-р Јалоу, девојчињата (но и децата воопшто) имаат страв од неуспех. Оваа фраза говори за признавањето на нивните напори, трудот и вложеното време, наместо да се пофали само успехот, односно конечниот резултат. Докторката смета дека така децата ќе имаат поголема самодоверба, особено во тешките животни ситуации, и тврди дека полесно ќе ги прифатат предизвиците и од нив ќе учат.

Тоа не значи дека не би требало да ги препознаете достигнувањата и резултатите, туку се работи за тоа што пофалбата, односно признанието не би требало да биде ограничено само на нивните успеси.

– Пофалувајќи ги нивниот труд и залагање, ги учите децата повеќе да се трудат и подготвено да преземаат нови предизвици, за кои можеби сметале дека не можат да ги остварат. Ако вашата ќерка добива само пофалби за успехот, таа ќе прави сè само за да добие пофалба, наместо да пронајде лично задоволство во целокупниот процес – додава д-р Јалоу.

„Те сакам“

Зошто е важна оваа реченица? Факт е дека родителите ги сакаат своите деца, но тој факт често се зема здраво за готово. Изговарањето на овие два збора наглас е еден од најдобрите начини да ѝ помогнете на ќерката со текот на времето да изгради самодоверба. Овие два збора имаат силна порака која на децата им дава до знаење дека ги поддржувате, се грижите за нив и дека секогаш може да се потпрат на вас. Сигурноста и поддршката се клучни за развојот на една силна и самоуверена личност, смета д-р Јалоу.

„Изгледаш силно“

Коментирањето на изгледот е природна работа, но родителите би требало да бидат сигурни дека пофалбата не е секогаш поврзана со изгледот. Тоа не значи дека никогаш не можете да кажете: „Изгледаш толку убаво или прекрасна ти е косата“, меѓутоа, важно е да воспоставите рамнотежа.

Д-р Јалоу смета дека на ќерките треба да им се кажуваат реченици како: „Изгледаш силно“ или „Изгледаш храбро“, или „Изгледаш како да можеш да направиш сè што ќе замислиш“. Ваквите фрази ги потсетуваат ќерките дека да се биде девојче, е многу повеќе од изглед.

Автор: Рејчл Боуви

Извор



912

X