По многу години, 20.000 жени од Општина Шуто Оризари добиваат матичен гинеколог. Министерството за здравство набави и опреми специјалистичка ординација, со што се решава овој голем проблем со кој се соочуваа жените од оваа општина, посочи министерот Венко Филипче при отворањето на гинеколошката ординација, соопшти Министерството за здравство.

– Навистина ми е мило што денеска можеме да одбележиме еден навистина значаен настан, нешто што ќе значи многу полесен пристап кон здравствена заштита, а тоа е отворањето на гинеколошка ординација во Општина Шуто Оризари. Со ова на близу 20.000 жени што живеат во оваа општина ќе им се овозможи пристап до гинеколошка здравствена заштита, рана дијагноза на одредени болести, редовни прегледи и сè што значи квалитетна здравствена услуга во делот на таа специјалност. Ние направивме сериозни напори изминатите неколку месеци, набавивме посебна специјалистичка опрема во вредност од 39.000 евра. Таа гинеколошка ординација е целосно опремена според најсовремените стандарди – рече Филипче.

Министерот посочи дека изминатиов период заедно со граѓанските организации, активни во општината, сите жени од општината добивале помош во делот на советувања, соодветна терапија, во делот на упатувањата кон соодветни специјалисти. По долги години, сега жените нема да бараат здравствени услуги во други здравствени установи.

– Гинекологот што го најдовме се согласи да регистрира своја ПЗУ и практично овде да ја оформи својата ординација заедно со медицинската сестра, која е од оваа населба. Уште една поликлиника која веќе го зема под закуп просторот за матични лекари, поликлиниката се пријави да има два дополнителни тимови кои ќе бидат матични лекари и кои ќе може да им бидат на располагање на сите жители од оваа населба. Значи, се заокружува еден сериозен процес на олеснување на пристапот кон здравствена заштита на сите жители што живеат во оваа населба – рече министерот.



912

X