1. Бебето се роди, а вие сè уште изгледате како во седмиот месец од бременоста

Како и да сте изгледале пред бременоста, на матката ѝ треба време да се врати во нормала. На стомакот уште повеќе – па затоа не изненадувајте се ако и по еден месец од породувањето некој ве праша: „Кога ти е терминот?“ За некои жени враќањето на старата тежина е лесно, додека за други е проблем кој долго трае. Но, првата работа што треба да ја имате на ум е дека девет месеци сте добивале тежина, па исто толку месеци ќе ви требаат да го симнете вишокот.

2. Помислата на друго дете ќе ви изгледа како ноќен кошмар

Дозволете си одмор по породувањето и доволно време да се навикнете на животот со бебето без да размислувате за нова бременост (и онака околината ќе ве потсетува на тоа). Сите предизвици што се пред вас со првото бебе не можат да ве охрабрат да мислите на второ дете. Сето тоа спонтано ќе дојде кога ќе заборавите на почетните проблеми.

3. Секој ќе има мислење и понекој совет за родителството

И тоа не само вашата мајка, сестра и свекрва, туку и пријателите, соседите, другите мајки во паркот, туѓинци на улица или кој било друг што барем еднаш во рацете држел бебе. Сите тие ќе понудат некој совет без да ги прашате, ќе ви кажуваат што треба да правите и ќе ви поставуваат прашања на кои не ќе сакате ни да одговорите. Ви советуваме само да кимнете со главата, слатко да се насмеете и ништо да не зборувате. Ако сретнете поупорен соговорник, заблагодарете му се на сите информации, речете му „добро е да се знае тоа“ и продолжете понатаму.

4. Можеби нема веднаш да се вљубите во вашето бебе

Некои жени веднаш чувствуваат поврзаност со бебето, а на некои им требаат неколку дена, дури и месеци. Некои жени изјавуваат дека веднаш почувствувале заштитнички инстинкт, но не и љубов. Треба да знаете дека прифаќањето на бебето е процес и дека ако веднаш не почувствувате силна поврзаност со него, не мора да значи дека имате постпородилна депресија. Имајте предвид дека вашите хормони се измешани и дека тукушто сте поминале низ јака психофизичка трансформација. Не грижете се, набрзо ќе се вљубите во вашето бебе.

5. Доењето е природна работа, но не е секогаш лесна

Доењето е вештина што се учи. Побарајте помош за сè да почне како што треба. Ако помошта од патронажната сестра не ви е доволна, побарајте совет од педијатар или обратете се до некое здружение на родители. Ако имате некоја другарка што може да ви помогне, би било одлично!

6. Ќе бидете среќни ако најдете две комбинации во кои ќе изгледате добро

По породувањето сте во фаза кога целата гардероба за бремени жени ќе ви се смачи, а ништо нема да ви одговара од облеката што сте ја носеле пред бременоста. Сепак, облечете се и барем малку дотерајте се. Одберете неколку основни парчиња гардероба кои ќе можете да ги комбинирате во повеќе пригоди и во кои ќе се чувствувате добро.

7. Понекогаш туширањето ќе ви биде луксуз

Дали се сеќавате на деновите кога полека се будевте и уште побавно се туширавте? Тогаш, заборавете го тоа малку подолго време… Иако бебињата не се активни на почеток, сепак одземаат доста време и бараат постојано внимание, па времето брзо лета. Ако ви се случи да не можете повеќе да ја поднесете вашата мрсна коса ни за момент, ставете го бебето во носилка, поставете ја носилката на безбедно место така што ќе може да ја гледате додека ја миете косата. Во спротивно, може да ви се случи да имате време само за да измиете заби.

8. „Кога спие бебето, легни си и ти“ – теоретски звучи убаво

Зошто? Затоа што веднаш кога ќе го ставите заспаното бебе во креветчето, ќе ви дојде нагон да ги завршите сите домашни обврски што не можете кога бебето е будно. Некои можеби и ќе стигнете да ги завршите, но тогаш бебето ќе се разбуди, а вие пак сте го промашиле вашиот термин за спиење. Тоа е сосема нормално.

9. Новите мајки се значително натпреварувачки настроени

Споредувањето на нивното бебе со други деца на некои мајки им влева сигурност во нивната работа и во одлуките што ги носат. А понекогаш на тој начин се обидуваат само да започнат разговор со друга мајка во паркот. Затоа, не возбудувајте се премногу околу вакви прашања. Не дозволувајте поради родителскиот стил на некои други мајки, да го преиспитувате својот. Само вие знаете што е најдобро за вашето семејство!

10. Ќе бидете во состојба со часови да гледате во вашето бебе и да се воодушевувате од фактот дека сте мајка

Со раѓањето бебе се раѓа и мајката – затоа самите ќе се фатите како со гордост кажувате „мојот син“ или „мојата ќерка“ безброј пати на ден. Исто така, ќе бидете пресреќни што сте станале семејство, а до вчера сте биле само двојка. И без оглед каков е односот меѓу вас и вашата мајка, срцето ќе ви омекне штом ќе сфатите како ѝ било со вас кога станала мајка.

11. Ќе губите многу повеќе предмети бидејќи ќе бидете презафатени со грижата да не го изгубите бебето

Иако бебето не може никаде да побегне, веднаш ќе сфатите колку е голема одговорноста кога покрај себе постојано имате толку мало суштество. Нема да имате време за работи како што се честитања родендени и слично. Не грижете се, и онака најважно е вашето бебе да биде живо и здраво!

12. Ќе бидете љубоморни на слободата што ја има вашиот партнер иако никогаш не би се менувале со него

Наутро ќе го видите како убаво среден и облечен заминува на работа и ќе помислите како ќе ужива во ручекот во ресторан додека вие сте заробени дома. Во тој момент воопшто нема да ви биде симпатичен. Иако го сакате вашето бебе како никој друг на светот и знаете дека овој период со него е скапоцен, сосема е нормално повремено да копнеете по разговор со други возрасни лица. Ќе почувствувате и потреба за извршување каква било поинтелектуална задача од менувањето пелени. Но, не грижете се – и тоа повторно ќе се случи иако во моментов ви изгледа невозможно. И иако сега можеби ви звучи изненадувачки, ќе копнеете токму по овие денови поминати со бебето. Затоа, уживајте во секој момент и во секој ден поминат со него.

13. Ќе плачете гледајќи реклами и ќе го преиспитувате вашето ментално здравје

Сосема сте нормални, барем онолку колку што може да биде секое лице што не спие доволно и има хормонска бура. Раѓањето е многу емотивен настан и не постои мајка која во овој период може да ги скрие своите чувства.

14. Секоја книга што ќе ја прочитате за родителството ќе биде во контраст со претходната

На бебето ќе му треба време да научи да спие. Тоа ќе спие кога ќе се чувствува добро и кога ќе се умори. Секогаш кренете го детето ако плаче. Никогаш не кревајте го детето ако плаче… Главна причина што постојат толку противречности во советите за новите родители е тоа што секое бебе и секоја ситуација се разликуваат. Освен тоа, родителството се заснова на вештини исто колку што се заснова на инстинкти. Додека читате купишта книги, ќе откриете дека некои работи ви се сосема јасни додека другите ќе ви бидат чудни. Во сето тоа важно е секогаш да бидете отворени за нови идеи и нови знаења, но секогаш да верувате во себе.

15. Секогаш кога ќе заспие бебето, ќе проверувате дали дише

Ќе се уверите дека бебето е добро и ќе се убедите дека е безбедно да одите до кујната, а штом ќе влезете во кујната, ќе ве фати паника и веднаш ќе се вратите да го видите. Ве уверуваме дека ова не значи дека сте полуделе – вие сте само грижлива мајка. Обидете се да се опуштите.

16. Сопругот ќе ви изгледа многу заводливо додека го држи бебето в раце

Сигурно ќе се разнежите кога ќе ги видите двете најсакани суштества за вас заедно. Освен тоа, рацете на сопругот во споредба со минијатурното бебенце ќе ви изгледаат многу силни додека за тоа време вие земате здив и се одмарате.

17. Ќе сфатите дека и новороденчето е тешко да се понесе во седиште за автомобил

Можеби со месеци сте барале најбезбедна, најудобна, најергономска варијанта на седиште за бебе, но ништо нема да ве подготви за физичкиот напор за пренесување на истото од едно на друго место. Утешете се со фактот дека рацете ќе ви зајакнат и дека константното растење на вашето бебе ќе ви овозможи напредок во оваа смисла.

18. Ќе бидете шокирани колку брзо вашето бебе ги полни пелените

Мислевте дека резервите што сте ги обезбедиле ќе бидат доволни за цела година, а потоа сфаќате дека биле доволни за првата недела. Новите мајки многу често им ги менуваат пелените на бебињата, но сето тоа се средува по неколку недели кога ќе го сфатат дневниот ритам на бебето. Во секој случај, не вреди да го пресметувате трошокот околу пелените бидејќи навистина е голем.

19. Со доаѓањето на бебето ќе сфатите дека вашето домашно милениче е само куче

Досега вашето милениче било центар на светот, секаде сте го воделе и на сите сте им покажувале како изгледа. Доаѓањето на бебето ќе го промени ова, без оглед колку го сакате.

 



912

X