Имате 18 лета со вашите деца.
Оваа едноставна реченица, која често кружи низ родителските блогови и социјалните мрежи, има моќ во истиот миг да го замисли секој родител и да му предизвика едно благо, горчливо-слатко стегање во градите. Таа нѐ тера веднаш да почнеме да пресметуваме, да го враќаме филмот назад и да се запрашаме: Дали го користиме времето со нив како што треба? Како да поминеме уште поквалитетно време со нив? Дали имаат убави спомени со нас досега? Дали навистина имаме 18 лета или среќа што живееме во нашето поднебје, па можеби ќе имаме повеќе време со нив?
Кога децата се мали, деновите понекогаш изгледаат бескрајно долги, исполнети со непроспиени ноќи, постојани барања и секојдневни обврски. Но, кога времето ќе го измериме во летни одмори, сфаќаме дека тоа се само 18 скапоцени сезони во кои нашите деца се сѐ уште со нас, под наш покрив, пред да тргнат по својот пат во светот на возрасните.
Кога математиката ќе дојде до бројките 16 и 12
Оваа вистина станува уште пореална кога дома имате син од 16 и ќерка од 12 години. На оваа возраст тие веќе не се мали деца кои зависат од секој наш чекор, туку млади луѓе со свои изградени ставови, желби и пријатели.
По суровата логика на бројките, со синот кој веќе чекори кон полнолетството преостануваат уште само две „официјални“ лета пред да стане полнолетен, а со ќерката уште шест. Сосема е природно овие бројки да донесат блага носталгија за времето кога нивниот свет почнуваше и завршуваше со нас.
Но, токму тука лежи една огромна вистина и родителска победа:
Тоа што еден 16-годишен тинејџер и едно 12-годишно девојче сѐ уште со радост одат на одмор со своите родители е најдобар можен доказ за врската што сте ја изградиле со нив. Во време кога нивните врсници најчесто одбиваат заеднички патувања, фактот што семејниот куфер сѐ уште е заеднички значи дека ние сме сѐ уште нивното најсигурно друштво.
Како да ја победиме меланхолијата на „преостанатите лета“?
Наместо да дозволиме оваа изрека да ни донесе тага или притисок дека времето брзо истекува, треба да ја свртиме во наша корист. Секој момент поминат заедно на оваа возраст има нова, уште поубава димензија:
- Разговори како со возрасни: Вашите деца веќе можат да споделуваат подлабоки мисли. Лежењето на плажа веќе не е само постојано дежурство за да не влезат во длабокото, туку време за прекрасни, искрени разговори за животот, плановите, соништата и нивниот внатрешен свет. Или моментот кога пливате со вашите деца и разговарате за нивните желби и соништа. Незаменлив. Сфаќате колку пораснале.
- Нови заеднички авантури: Со адолесценти од 16 и 12 години можете да правите работи што биле невозможни кога биле бебиња, да истражувате нови градови, да останете до доцна навечер и да се смеете на истиот хумор како еднакви соговорници.
- Квалитет пред квантитет: Иако бројот на заеднички летни одмори се намалува, вредноста на спомените што ги создавате сега е бесценета. Тие се цврстиот темел врз кој тие утре ќе ги градат своите патувања и семејства.
Времето навистина лета и не можеме да го запреме. Но, додека ги пакувате куферите, додека слушате музика во автомобилот и го делите истото сонце на плажа, вие ја победувате математиката. Уживајте во секој миг од ова лето со своите деца бидејќи најважните работи во животот не се мерат во бројки, туку во заедничките моменти.
Автор: Даниела Димитриевска, дипл. педагог