Сакате да бидете среќен родител, но безбројните обврски ја отежнуваат таа цел. Не губете надеж. Ви нудиме листа со 15 работи што ве оттргнуваат од среќното родителство. Прочитајте ги и бидете искрени со себе. А потоа, ослободете се од нив. Дозволете си да бидете среќен родител за вашето дете – а и за себеси.

1. Откажете се од „треба да…“

Условени сме од сопствените семејни искуства во однос на тоа како треба да изгледаат родителството и детството. Но, ако се држите до како „треба да бидат“ работите, можно е да испуштите да уживате во тоа какви навистина се. Прашувајте се што ви е приоритет како родител и зошто.

2. Откажете се од бележење на резултатите

Што следите: Кој родител постигнува и прави повеќе? Кој е поиздржлив и постојан? Кој од родителите придонесува најмногу за класот на вашето дете? Кој е најмногу вклучен во училишната група? Бележењето на резултатите и натпреварувањето бараат многу енергија. Едноставно правете го она што сте инспирирани и способни да го направите. Не чувствувајте обврска врз основа на придонесите на другите. Не терајте ги другите да живеат според вашите убедувања.

3. Откажете се од покажување сила

Како родител, имате одговорност да поставите граници. Но, ако детето постојано се бунтува при одредена граница, не терајте го да ве послуша. Прво прашајте се себеси, а и вашето дете зошто го прави тоа. Сметајте се како ефикасен водич од доверба, а не диктатор на детето. Кога ќе ве доживеат како водич, децата повеќе ќе ве слушаат, што значи дека ќе има помала борба и фрустрација за сите.

4. Откажете се од викање

Ако не сте склони кон викање, оваа точка не е за вас. Но, ако имате тенденција да го повишувате тонот кога сте вознемирени, помислете на ова: Дали викањето некогаш ја зајакнало вашата врска со детето? Викањето обично се случува кога сте лути, а често и ги плаши децата. Ги уништува довербата и чувството за сигурност кај детето. Обрнете внимание на моментите и околностите кога викате, а потоа посветете се на менување на тие сценарија во иднина.

5. Откажете се од потребата да изгледате совршено

Нема такво нешто како совршен родител. Прифатете ги вашите несовршености. Смејте се сами на себе. Најдобрите родители секогаш имаат волја да учат, да се менуваат и да се подобруваат.

6. Откажете се од грижата

Постојаната загриженост нема да го спречи страдањето на вашето дете. Тоа нема да ве усреќи. А со самото грижење му влевате страв на детето. Ослободете се од грижите и негувајте благодарност за сигурноста на детето во сегашноста.

7. Откажете се од унифицирани правила

Секое дете е уникатно. Она што успева кај едно дете не успева секогаш кај друго дете. Одредени стандардни правила не одговараат за сите. Но, земете предвид дека ако сте фер родител, не значи дека треба да ја правите истата работа на ист начин за секое дете.

8. Откажете се од борбата за храна

Ако барате одреден број залаци од вашите деца, тогаш ќе имате борба на секој оброк – а со тоа ги учите децата да се борат со исхраната и подоцна во животот. Водете, насочувајте, охрабрувајте и подготвувајте здрава храна. Оставете го детето да си ги каже вкусовите. Фокусирајте се на здрави начини на приготвување храна, а не да ги форсирате децата на одреден режим или специфичен оброк.

9. Откажете се од вашата улога на координатор на настани

Ако чувствувате дека родителството е нешто со кое не можете да се справите, можеби преземате преголема одговорност за времето на децата. Правете планови кои го поддржуваат развојот на децата, но не планирајте ја секоја минута за нив. Моментите на здодевност им дозволуваат на децата да преземат одговорност за своето време. Обезбедете им ресурси, а потоа оставете ги да го креираат искуството што го сакаат. Сите ќе бидете посреќни.

10. Откажете се од нездраво саможртвување

Како родител, великодушно давате љубов, време и внимание. Но, треба да се откажете и од времето за себе, иако сте родител. Кога ги игнорирате своите основни потреби, го учите детето дека кога ќе порасне, не треба да се грижи за себеси.

11. Откажете се од вината

Родителите понекогаш запаѓаат во замка на себежртвување бидејќи чувствуваат непотребна вина. Вината може да биде корисна ако ја користите за да препознаете каде треба да воведете промени. Но, претерана парализирачка вина прави да се чувствувате безвредни како личност или родител кој не постигнува ништо. Доволни сте такви какви што сте.

12. Откажете се од еднострани одлуки

Како родител, често го имате последниот збор. Но, вие и вашето дете заедно би биле посреќни ако не е така. Кога е соодветно, вклучете го вашето дете во донесувањето одлуки што се однесуваат на него. Така, му давате сила самото да носи добри одлуки во иднина.

13. Откажете се од негативни пораки

Многу пораки им се повторуваат на децата: прегласни сте, претивки сте, прашувате многу, барате многу, многу зборувате, треба повеќе пријатели да имате, доста се движиш, зборувај, смири се, насмевни се и слично. Обидете се со коментирање на истото однесување, но на позитивен начин. На пример, наместо да речете „Премногу зборуваш“, кажете: „Ти навистина лесно склопуваш пријателства“.

14. Откажете се од приказните за вашето детство

Што е она што вие сте го искусиле како дете, а сакате вашето дете да го избегне? Да бидете вознемирувани на училиште? Недостиг на пари? Чувство дека „не сте доволни“? Вашите стравови може да создадат образец кој повторно може да се појави. Не заробувајте ги децата во вашите стравови од минатото. Создајте го она што го сакате, а не што не го сакате.

15. Откажете се од откажување

Често слушаме дека родителите се грижат дека ги оштетиле своите деца, или дека направиле грешка која ќе трае за цел живот. Но, никогаш не е предоцна да се биде подобра и посреќна личност. Без разлика дали детето има четири или 40 години, тоа реагира на љубовта на родителите. Ефектите од грешките може да бараат повеќе време за да се надминат, но не е невозможно да се покаже дека сте среќен родител кој го поддржува своето дете. Не откажувајте се! Имате сè што ви треба за да бидете добар родител.
Дишете длабоко и ослободете се од сето она што ве спречува да бидете среќни.

Автор: Карол Татл



912

X