Во бременоста хормоните без сомнеж си поигруваат со женското тело и ум. Но, не грижете се. Не сте единствените што плачат во моментите кога би требало да бидете насмеани. За среќа, постојат многу добри филмови кои вклучуваат бремени жени, но понекогаш и татковци во главните улоги со кои можете да се поистоветувате или барем добро да се насмеете.
1. „Што да очекуваш кога очекуваш“ (What to Expect When You’re Expecting) – 2012
Оваа симпатична животна комедија следи пет двојки чии меѓусебно испреплетени животи целосно се менуваат низ предизвиците на претстојното родителство.
2. „Нов живот“ (New Life) – 2016
Млада двојка која го очекува своето прво дете тргнува на возбудливо патување во потрага по совршениот дом.
3. „Џуно“ (Juno) – 2007
Одлична романтична драма за проблемите на една самосвесна тинејџерка која се соочува со непланирана бременост.
4. „Малку бремена“ (Knocked Up) – 2007
Велат дека спротивностите се привлекуваат, па кога успешна ТВ-водителка ќе забремени со мрзлив губитник – оваа необична двојка започнува хистерично, напнато и трогателно патување кое ќе ве насмее до солзи.
5. „Возење во автомобили со момчиња“ (Riding in Cars with Boys) – 2001
Трогателна романтична комедија во која главниот лик е писателка која нема да дозволи бременоста и грижата за бебето да ѝ ги загрозат зацртаните цели.
6. „Бизнисот и (по)раѓањето“ (The Business of Being Born) – 2008
Документарен филм во кој режисерката Еби Епстајн и актерката Рики Лејк ги бараат вистинските одговори за породувањето, обидувајќи се да стигнат до одговорот на главното прашање: „Дали повеќето породувања треба да се сметаат за природен животен процес или секое породување треба да се гледа како потенцијален итен медицински случај?“
7. „План Б“ (The Back-up Plan) – 2010
По долги години поминати во неуспешни средби, Зои одлучува да не го чека повеќе Вистинскиот. Одлучна да стане мајка, таа договара состанок во клиниката за вештачко оплодување, а потоа, сосема случајно, по спроведената постапка – го запознава Стен...
8. „Рент а мама“ (Rent – a – Mama) – 2008
Симпатична комедија за вработена жена која ќе одлучи да добие дете со помош на сурогат-мајка.
9. „Краен термин“ (Due Date) – 2010
Питер Хајман го очекува своето прво дете. Додека брза да стигне на авион од Атланта за да биде покрај сопругата при породувањето, сè му тргнува наопаку кога случајно ќе го сретне познатиот актер Итан Трембли, па ќе биде присилен заедно да се возат…
10. „Животот каков што го знаеме“ (Life as We Know It) – 2010
Холи и Ерик, двајца амбициозни самци на кои единствена заедничка работа им е што не си се допаѓаат еден на друг, се присилени да преземат грижа за мало девојче кое ги изгубило своите родители.
11. „Види кој зборува?“ (Look Who’s Talking) – 1989
Романтична комедија снимена на крајот од осумдесеттите – своевидна класика кога станува збор за бебиња. Во овој симпатичен филм мајката е во потрага по совршен татко за своето штотуку родено бебе.
12. „Девет месеци“ (Nine Months) – 1995
На симпатичниот психијатар животот ќе му се преврти наопаку откако ќе дознае дека неговата девојка е бремена. Забавната комедија од 1995 година ги спротивставува машката и женската перцепција на бременоста и на семејниот живот.
13. „Бебиња“ (Babies) – 2010
Ова е приказна за четири бебиња, во четири различни држави, која ги следи од раѓањето па до првите чекори. Се викаат Понијао, Бајар, Мари и Хети и живеат во Намибија, Монголија, Јапонија и во САД. Овој документарен филм истовремено ни ги приближува четирите различни култури, успевајќи да ги забележи најбезгрижните и најтрогателните моменти, толку единствени случувања во првите месеци од нивниот живот.
14. „Келнерката“ (Waitress) – 2007
Слатка комедија на писателката и режисерка Едриен Шели за силата на пријателството, мајчинството и други случувања на младата келнерка која се обидува да се избори за нов почеток.
15. „Јуниор“ (Junior) – 1994
Бременоста кај маж сама по себе е интересен мотив за комедија, но оваа будалеста приказна за ембриолог кој во научни цели одлучил да забремени ќе ве насмее до солзи.