Ејми Морин ги сoветува родителите кои 13 работи да ги избегнуваат ако сакаат децата да им пораснат во ментално силни луѓе, способни да одолеат и на најголемите животни предизвици. Таа е авторка на книгата „13 работи што не ги прават ментално силните луѓе“. Па така, ментално силните родители:

1. Не го поддржуваат менталитетот на жртва

Тоа што детето промашило шут на натпревар или лошо изработило контролен тест не го прави жртва. Одбивањето, неуспехот и неправдата се составен дел од животот. Не наседнувајте на самосожалувањето на детето. Учете го дека колку и да се неправедни околностите, секогаш може нешто да преземе за да ги подобри.

2. Не постапуваат понесени од вина

Предавањето на чувството на вина ги учи децата дека вината е ужасна работа со која не може да се носат. А таквото дете нема да умее да им каже „не“ на оние што го уценуваат обидувајќи се да му го наметнат ова чувство. Покажете им на децата дека дури и ако понекогаш се чувствувате виновни (а на сите родители тоа им се случува), тоа не значи дека тоа непријатно чувство ќе ви ги заниша принципите и ќе влијае врз донесувањето одлуки.

3. Не прават од своите деца центар на универзумот

Ако целиот ваш живот се врти околу децата, тие ќе пораснат со верување дека сите така ќе ги третираат. А таквите возрасни лица не можат далеку да стигнат. Научете ги да размислуваат за тоа што тие можат да му го понудат на светот, а не што светот може да им понуди на нив.

4. Не дозволуваат стравот да управува со нивните избори

Чувањето на детето под стаклено ѕвоно може да ве поштеди од некое стравување, но така ќе му испратите порака дека стравот треба да се избегнува по секоја цена. Покажете му на детето дека против стравот најдобро се бориме преку соочување и ќе пораснете деца кои не се плашат да излезат од зоната на удобноста.

5. Не им дозволуваат на децата да го преземат кормилото

Ако им дозволите на децата да диктираат што ќе јаде семејството или каде ќе оди на одмор, ќе им дадете повеќе моќ отколку што можат да поднесат. Кога кон своите деца се однесувате како кон еднакви, или помоќни од себе, им ја одземате менталната сила. Дајте им можност да го вежбаат примањето на наредби, слушање работи кои не сакаат да ги слушнат и правење работи кои не сакаат да ги прават. Дајте им го изборот, но во рамките на нивните можности и моќ, која е пропорционална на нивното место во семејната хиерархија.

6. Не очекуваат совршенство

Од децата треба да се очекува многу и тоа е здраво, но да се очекува совршенство е контрапродуктивно. Научете ги дека е во ред ако не успеат и ако не се одлични во сето она што го прават. Самодовербата на децата што се обидуваат да станат најдобра верзија од себе наместо најдобри во сѐ нема да зависи од критериумите на другите.

7. Не им дозволуваат на децата да ги избегнат одговорностите

Ако ги пуштате децата да се извлечат од обврски, им ја одземате шансата да станат ментално силни. Можеби вам ви е жал да ги оптоварувате, но домашните обврски приспособени на возраста и не се некој товар за нив.

8. Не ги штедат од болка

Повредените чувства, тагата и вознемиреноста се дел од животот. Кога детето ќе има можност да ги искуси, тоа ќе научи како да излегува на крај со нив. Ваше е да им бидете потпора кога е тешко за да изградат самодоверба во својата способност да се носат со животните проблеми.

9. Не се чувствуваат одговорни за нивните чувства

Ако се обидувате да ги развеселите децата кога се тажни или да ги смирите кога се вознемирени, вие ја преземате одговорноста за нивните емоции, што не е добро. Тие мора сами да го совладаат контролирањето на своите чувства. Учете ги на здрави начини за совладување на чувствата, за нивната емоционална состојба да не зависи секогаш од другите.

10. Не ги спречуваат да прават грешки

Ако ја коригирате домашната работа на детето, го проверувате дали ја спакувало ужината и постојано го потсетувате на неговите обврски, вие не му правите услуга. Соочувањето со последиците од своите грешки е многу подобар учител. Пуштете ги децата да згрешат и да учат од своите грешки за да станат попаметни и посилни.

11. Не го мешаат дисциплинирањето со казнувањето

Кога го казнувате детето, вие настојувате да му предизвикате некој вид страдање поради лошото однесување. Кога го дисциплинирате, го учите како во иднина да биде подобро. Не е исто ако вашето дете стравува дека ќе згреши или ако сака да постапи добро. Дисциплинирајте го со помош на соочување со последиците за да ја развие самодисциплината неопходна за донесување добри одлуки.

12. Не бегаат од пречките за да избегнат непријатност

Попуштањето на детето што плаче или завршување на обврските наместо неодговорниот тинејџер ќе ви го олесни животот накратко, но на долги патеки на тој начин на децата им всадувате нездрави навики. Бидете пример кога е во прашање одложувањето на задоволствата и покажете им на децата дека сте способни да се справите со пречките. Така ги учите да бидат постојани и истрајни дури и кога се во искушение да се откажат.

13. Не ги губат своите вредности

Многу родители на своите деца не им ги всадуваат сопствените вредности. Секојдневниот хаос толку ги преплавува, што го забораваат она што е најважно. Водете сметка за тоа вашите приоритети да бидат во согласност со вашите вредности и на своите деца ќе им дадете поттик да го живеат животот со смисла.



912

X