Решив да направам листа со работи што ги прават децата, а ме нервираат. Работи кои ги мислиме, но не ги кажуваме бидејќи постои голема стигма околу родителството и не смее да се чувствува ништо друго освен љубов и радост! Па еве ја листата:

1. Земање на вашето јадење

Им местите ужина на децата и по долг ден јадење нивни остатоци си правите ужина и за себе. И одненадеж „морските галеби“ долетуваат, барајќи ја вашата храна, која не ја јаделе со денови, и ви велат: „Еј, мамо, дали е тоа твојата ужина?“, или „Тоа изгледа убаво, мамо“, па стојат покрај вас додека не ја споделите – нешто што тие не се способни да го направат.

2. Блокада на вашиот однос со партнерот

Дури и кога е многу доцна, тие успеваат да ви го „расипат“ планираното време со партнерот. „Но мамо, не сме изморени, сакаме да играме“. Да, но исто така и мама и тато! И ние сакаме да се забавуваме!

3. „Еј гледај ме!“

Започнува прес-конференција во 11 часот наутро за состојбата со Ковид-19, а тие имаат нешто поважно да ви кажат за да ви го одвлечат вниманието. Погледнувате и гледате некоја нивна изведба, ракоплескате како да сте уживале во неа.

4. „Мааааамоооооооо“

Што е со развлеченото викање? Кажи „мамо“ и тоа е тоа. Не треба да се претерува. Ќе ти дадам да се напиеш нешто.

5. Одолжување на времето за спиење

И ова спаѓа под категоријата „Блокада на вашиот однос со партнерот“. Не ви се потребни 10 чаши вода и дебатирање за смислата на животот сега. Само одете на спиење!

6. Потенцирање на вашите маани

Пријатно ми е во моето тело сè додека децата не ми потенцираат дека не сум се депилирала 3 месеци и дека моите гради се опуштени. „Мамо, дали имаш бебе во стомакот?“ „Не злато, метаболизмот на мама има брзина на желка откако те роди тебе“. Благодарам што сте директни.

7. Мама зборува на телефон

Во ред, слушај, го имаш цел ден да се бориш со твоите браќа и сестри и го избираш токму времето кога сум на телефон и имам важен разговор? Исто така, мојот кревет не е трамбулина, па престани да скокаш на него.

8. Не пуштаат вода во тоалетот

Зошто секојпат кога одам во тоалет немаат пуштено вода?

9. Приказни што никогаш не завршуваат

Сакам да ги слушам твоите приказни, злато, но зошто траат повеќе од 20 минути? Зарем не зборуваше за твоето омилено ТВ-шоу? Од каде сега сите овие други муабети? Како стигнавме до нив? Ме тестираш дали те слушам? Кога ќе заврши приказната?

10. Чевелот што недостига

Како? Како секогаш се случува едниот чевел да го нема? Видов дека ги зеде и двата, па каде е другиот? И зошто ми го кажуваш ова сега кога сме на врата и треба да излеземе! (Подоцна чевелот е пронајден во рерната).

11. Избришете го носот

Не сфатив дека мојата маица е марамче, па те молам продолжи да ги оставаш твоите бактерии врз мене. Мама е имуна на болест очигледно, а дури и кога е болна, тоа поминува незабележано.

12. Неодоливи се

Зошто? Ги правите сите овие работи што ме нервираат, а не можам да ви се изнагледам. Се радувам на времето поминато сама со себе, а потоа ми недостигате премногу!

Автор: Џесика Худ

Извор



912

X