Не е тајна дека холандските бебиња и деца се најсреќни на светот. Според извештајот на Уницеф кој рангира 41 земја со високи приходи врз основа на менталното здравје на децата, физичкото здравје и развојот на академски и социјални вештини, Холандија излезе на прво место, а по неа се Данска и Норвешка.
Ако се прашувате каде живеат најсреќните мајки на светот, одговорот е ист – во Холандија. Зошто е така е прашање со кое се занимава популарната книга „Stuff Dutch Moms Like“. Авторката Колин Геске смислила 12 причини кои ги прават мајките во Холандија најсреќни.
Раѓаат по свои услови
Сакате да се породите дома? Нема проблем. Илјадници Холанѓанки го направиле тоа. Претпочитате безбедно болничко опкружување? Ни тоа не е проблем. Во Холандија сѐ е дозволено. Настрана шегата, слободата на избор игра централна улога во холандскиот породилен систем и ги поттикнува жените да им веруваат на сопствените одлуки и на сопствените тела. Не е изненадувачки што бременостите и раѓањата резултираат со повеќе позитивни искуства, како и подобри физички и ментални резултати за мајките.
Тие работат со скратено работно време
Ова не важи за сите мајки во Холандија, но важи за многу. Според најновите официјални национални статистики, секоја трета Холанѓанка престанува да работи или работи помалку по раѓањето на своето прво дете, додека само 12 отсто од оние со деца под 18 години работат со полно работно време. Многу работодавци во Холандија прифаќаат работници со скратено работно време.
Имаат флексибилно работно време
Мајките во Холандија, дури и ако не работат со скратено работно време, не мора да избираат помеѓу кариерата и мајчинството. Работодавците им нудат флексибилно работно време за да можат да се посветат на работата, но и на своите деца.
Се држат до распоредот
Холандските мајки се држат до рутината. Не верувате? Ѕирнете во која било улица по 18 часот и нема да видите деца како играат. Во тоа време Холанѓанките веќе ги нахраниле, ги избањале своите деца и ги ставиле в кревет. Повеќето холандски родители следат прилично строга и предвидлива дневна и ноќна рутина, што резултира со среќни, здрави и добро одморени деца.
Тие еднакво ги делат обврските со своите партнери
Холандските мајки имаат тајно оружје – нивните партнери. Холандските татковци се активно вклучени во родителството во сите области. Повеќе од една третина од мажите во Холандија имаат скратена работна недела, а 15% од сите холандски татковци избираат да работат помалку. Помладата генерација е исто така дел од оваа статистика бидејќи неверојатни 66% од холандските млади мажи велат дека планираат да го намалат работното време кога ќе станат татковци. Несомнено е дека мајките се посреќни во домаќинства каде што татковците се еднакви во родителството.
Тие не се срамат да побараат помош
Кога не можат, Холанѓаните не се срамат да побараат помош. Бабите и дедовците играат значајна улога во грижата за децата во Холандија. Многу холандски баби и дедовци ги чуваат своите внуци во одреден ден секоја недела. Тие се највклучените баби и дедовци во Европа со 60% или повеќе, а обезбедуваат барем некаква форма на грижа за децата.

Имаат врвна постнатална нега
Постнаталната нега во Холандија е подобра отколку во која било друга земја во светот. По породувањето, новите мајки во Холандија имаат право на 8 дена домашна нега од висококвалификувана медицинска сестра. Таа е тука за да помогне во грижата за мајката и бебето, па, меѓу другото, пере алишта, готви оброци, чисти и нуди практична поддршка и совети.
Тие се чувствуваат помалку виновни
Холандските мајки помалку чувствуваат вина. Таквиот здрав став им овозможува да постигнат избалансиран пристап кон мајчинството и неговите барања.
Ги оставаат децата да бидат деца
Верувањето во слобода и независност е основен принцип на холандското родителство. Холандската фраза „Een kind opvoeden is een kind loslaten“ грубо се преведува дека воспитувањето дете значи да се пушти детето да си оди. Холандските бебиња и мали деца добиваат простор и време да го негуваат својот „независен живот“. Холандските деца понекогаш може да изгледаат како диви и слободни, но оваа слобода всушност негува и помага да се добијат многу независни деца, што е нешто кон кое сите се стремиме.
Тие не се хеликоптер-родители
Во Холандија тешко дека ќе најдете таканаречено хеликоптер-родителство. Мајките на игралишта не трчаат по своите деца, дури и ако се работи за висока опрема за качување. Со други зборови, тие се порелаксирани и помалку изложени на стрес и бегаат од идејата постојано да ги заштитуваат своите деца.
Тие не се врзани за успесите или неуспесите на нивните деца
Холандските родители имаат неверојатна способност да ги одвојат талентите на своите деца од сопствените. Нивните деца не изгледаат како одраз на нив, туку како слободни суштества со индивидуални карактери, силни и слаби страни. Тоа е исклучително освежувачка перспектива која автоматски ја отстранува конкуренцијата, вината и самопофалбите.
Тие спијат подобро од другите мајки
Не е фер, но е вистина. Сите знаеме дека спиењето е најважниот елемент во родителството, а холандските мајки, исто како и нивните деца, спијат подобро.