Сите ги сакаме моментите со нашите деца што ни го топат срцето. Поврзаноста е неопходна за нас како родители, но и за нашите деца. Кога врската е силна, таа е и слатка. Тоа е она што го прави родителството вредно за сите жртви што сме ги направиле.

Оваа поврзаност е и единствената причина поради која децата доброволно да ги следат нашите правила. Децата што се чувствуваат силно поврзани со своите родители сакаат да соработуваат, доколку можат. Секако, тие и понатаму ќе се однесуваат како деца, што значи дека нивните емоции понекогаш ќе го совладаат нивниот сè уште растечки префронтален кортекс. Но, кога ни веруваат дека ќе ги разбереме и дека ќе бидеме на нивна страна, тие се мотивирани да го следат нашето водство кога можат.

Истражувачите нè потсетуваат дека ни требаат пет позитивни интеракции за по секоја негативна интеракција да ја одржиме здравата врска. И бидејќи трошиме толку многу време во насочување – како поправка, потсетување, карање, критикување, негодување и викање – важно е да се осигуриме дека поминуваме петпати повеќе време во позитивна врска.

Но, има денови кога сè што можеме да направиме е да ги задоволиме најосновните потреби на нашите деца. Со оглед на тоа дека родителството е најтешката работа, единствениот начин да одржиме силна врска со нашите деца е да изградиме секојдневни навики за поврзување.

Ова се некои од нив.

12 прегратки (или физичко поврзување) на ден – Гушкањето на вашето дете нека биде првото нешто што ќе го направите наутро, а последното навечер. Гушкајте се кога ќе се збогувате, кога ќе се видите и помеѓу.

Играјте со вашето дете – Смеата ве одржува поврзани со вашето дете и стимулира ендорфин и окситоцин. Затоа, смеата и играта треба да ви бидат секојдневни навики. Играта им помага на децата да сакаат да соработуваат.

Исклучете ја технологијата кога комуницирате со вашето дете – Вашето дете треба да знае дека ви е доволно важно штом сте го исклучиле телефонот за да го слушнете. Дури и исклучувањето на музиката во автомобилот може да биде моќна покана за поврзување со вашето дете.

Поврзете се пред важни животни случувања и почетоци – На децата им се тешки промените. Погледнете го в очи, кажете го неговото име и поврзете се со него. Така ќе може да се справи со сите животни предизвици.

Најдете време за еден на еден – Организирајте го времето така што ќе посветите 15 минути на секое дете, посебно, на дневно ниво и правете нешто што ќе сака да го прави вашето дете.

Емоциите се добредојдени – Вашето дете треба да ги изрази своите емоции или тие ќе го водат неговото однесување. Освен тоа, ова е можност да му помогнете на вашето дете да се ослободи од вознемиреноста.

Слушајте и сочувствувајте – Поврзувањето почнува со слушање. Навиката да ги гледате работите од перспектива на вашето дете ќе гарантира дека ќе се однесувате кон него со почит.

Забавете и уживајте во моментот – Не брзајте го детето и поминете неколку минути со него пред да си легне. Секоја интеракција во текот на денот е можност за поврзување.

Гушкање пред спиење и разговор – Поставете го времето за спиење малку порано за да поминете извесно време в постела гушкајќи се и разговарајќи. Слушајте го додека зборува и уверете го дека ја слушате неговата загриженост и дека заедно ќе ја решите наредниот ден.

Извор



912

X