Сигурно постојат прашања што ви е непријатно да ги поставите. Еве одговори на прашањата што бремените жени често си ги поставуваат.

1. Зошто се чувствувам подуено и имам запек?

Запекот навистина е непријатна состојба, особено за бремените жени. Сепак, тоа е нормална последица од влијанието на хормоните во бременоста. Најдобро е овој проблем да почне да се решава уште пред да се појави. Затоа консумирајте храна со многу растителни влакна и пијте доволно течности бидејќи така можете да превенирате дел од проблемот.

2. Зошто имам вагинален исцедок?

Можеби ви е непријатно да зборувате за тоа, но на почетокот од бременоста чувството на влажност ќе се засили. Засилениот вагинален исцедок во првото тримесечје може да се јави под дејство на прогестеронот и можеби ќе имате чувство дека буквално се цеди од вас. Подоцна може да се случи да бидете убедени дека ви пукнал воденикот, а лекарот да ви каже дека сепак само сте се измокриле. Тоа се случува поради притисокот на бебето врз мочниот меур.

3. Како да го контролирам повраќањето во јавноста?

Ако навистина толку чувствувате мачнина што добивате нагони за повраќање, добро е со себе да понесете вреќички. Ако сте во продавница или во друг објект, обидете се да стигнете до тоалет. Ако немате таква можност, вреќичките се добар избор.

4. Зошто вагината ми е отечена?

Веројатно веќе сте размислувале за промените во вашата вагина по породувањето, но би требало да размислите и за промените што се случуваат пред породувањето. Без грижи, тоа е нормално. Отеченоста е резултат на зголемената циркулација (која е причина и за вашите секси соништа) и подготовката на вагината за породувањето. Отеченоста може да биде предизвикана и од притисокот на бебето на подрачјето на карлицата.

5. Зошто постојано сонувам секс?

Ако имате вакви соништа, не грижете се. Соништата со сексуални содржини се често присутни кај бремените жени поради засилената циркулација во гениталиите, зголеменото ниво на прогестерон, кој ги зголемува вагиналната секреција и градите, кои се хиперчувствителни.

 

6. Дали бебињата испуштаат гасови во стомакот?

Добро е што не можете да чуете што се случува во вашиот стомак бидејќи би ви било непријатно да им објаснувате на луѓето околу вас. Бебињата не можат да испуштат гасови додека се во стомакот, но мочкаат. Без грижи, урината на бебињата е целосно стерилна и е составен дел од плодовата вода. Но, ако вие сте надуени, вашето бебе по десеттата недела ќе може да го чуе тоа. За него вашето тело е звучно активно оружје. Се слуша чукањето на срцето, течението на циркулацијата, перисталтиката…

7. Зошто имам контракции по секс?

Кога ќе се случи првпат, може да се изненадите, но контракциите не се необични. Доколку сте пред термин за породување, можат да бидат и предупредување, но во повеќето ситуации не се нешто што треба да ве загрижи. Имено, контракциите по секс се последица од оргазмот и/или од простагландинот во машкото семе. Подигнете ги нозете во вис и испијте чаша вода. Обично контракциите сами се смируваат. Ако имате ризична бременост, лекарот може да ви препорача воздржување од секс за да спречите појава на контракции на утерусот.

8. Што ако воденикот ми пукне на јавно место?

Иако е можно вакво сценарио, најчесто воденикот не пука на тој начин. Обично плодовата вода почнува да се цеди капка по капка, што значи дека имате доволно време да се подготвите пред да се упатите кон родилиштето.

9. Зошто засилено се потам?

Дали во последно време сè почесто користите дезодоранси и парфеми? Сето тоа е последица од хормоните што ја зголемуваат количината на течности во телото, а со самото тоа поттикнуваат засилено потење. Тоа нема вечно да трае. Туширајте се повеќе пати на ден.

10. Дали навистина жените во текот на породувањето вршат голема нужда?

Да, тоа може да се случи, но ако медицинската сестра е професионална, нема да ве заморува со тој детаљ додека вие се борите со породилните болки. Природно е телото да се исчисти пред породувањето за полесно излегување на бебето. Не мачете се со оваа идеја, ако се случи – ќе се случи и тоа е природно.

11. Зошто имам гасови?

Тоа е уште една непријатна работа за која не се зборува во текот на бременоста. Може да се случи да ве измачуваат издувните гасови, но и за тоа е виновен прогестеронот, кој ги забавува сите процеси, па така и работата на вашите црева и варењето.

12. Дали бебето чувствува кога водиме љубов?

Бебето не може да почувствува што се случува, но може со вас да го сподели чувството на пријатност. Имено, во текот на сексот бебето е поактивно бидејќи вашиот пулс е забрзан. Ако лекарот не ви забранил или не ве предупредил да ги намалите сексуалните активности, тогаш слободно можете да водите љубов.

Текст: Ивона Шатрак

 



912

X