Сите сме запознаени со предизвиците со кои се соочуваат животните што чекаат дом. За некои од нив чекањето е неподносливо долго, додека други не успеваат да најдат семејство. Сепак, постојат херои кои со креативни напори се обидуваат да им помогнат на напуштените животни да бидат забележани и на крај да бидат посвоени.
Не сите херои носат наметки, туку некои од нив носат пеперушки. А кога младите луѓе ќе остават пример и ќе го вложат своето време и талент за да го направат светот подобро место, може да се каже дека милениумците ни ја враќаат вербата во човештвото.
12-годишниот Дариус Браун од Њу Џерси има голема желба и напорно работи за да ја реализира. Имено, тој прави мали пеперушки за кучиња и мачки, а главната цел му е да ги „дотера“ за луѓето побрзо да ги посвојат.
Дариус се занимава со ова хоби веќе неколку години. Кога имал две години, имал проблем со пелтечење и со развојот, поради што неговото семејство постојано го поттикнувало да биде креативен. Од неговите напори се родила идејата да им помогне на напуштените животни да најдат дом и љубов.
– Пеперушките им помагаат на животните да бидат попривлечни и поубави. Им помагаат да најдат свој постојан дом. Многу ги сакам, и мачките и кучињата – вели тој.
Неговата мајка Џеј Браун и неговата сестра Дазаи Браун-Шеарз често кројат и креираат модни комбинации за себе, а сосема случајно забележале дека Дариус е особено вешт со игла. Тој тогаш имал само осум години, но брзо научил да работи на машина за шиење и одлучил да ја искомбинира со љубовта кон животните, од што на крај се родиле пеперушките.
Од парите што ги заработува секогаш одделува дел и им го дава на организациите за борба против насилството врз животните. Иако многу луѓе се јавуваат бидејќи сакаат да ги купат неговите пеперушки, постојат и луѓе што сакаат да ја поддржат неговата иницијатива и да донираат пари.
Доказ колку неговата работа е добра и колку далеку се слушнало за него е и писмото што го доби од поранешниот американски претседател Барак Обама, кој го пофали и му посака среќа во работата.